Свет

Денес, во познатиот округ Кастро во Сан Франциско се отвора првиот официјален геј музеј во САД.

"Се потрудивме да креираме музеј кој ќе биде богат, разновиден и изненадувачки како и самата ЛГБТ заедница", рече Пол Бонберг, извршен директор на GLBT Historical Society.

Во рамките на постојаната поставка на музејот се наоѓаат розови очила за сонце, свирче, Левис фармерки и други предмети од Харви Милк, кој е првиот хомосексуалец избран за функционер во САД.

"ЛГБТ музејот се наоѓа во срцето на Кастро, населбата која не е посетена само од локалните жители, туку и од повеќе десетици илјади туристи кои секоја година доаѓаат во потрага по квир култура ", рече Бонберг.

"Во нашиот музеј, тие ќе откријат богатства од нашите архиви кои рефлектираат фасцинантни приказни кои опфаќаат речиси еден век на ЛГБТ живот."

Музејот беше најавен како втор од ваков вид, по првиот кој се отвори пред една деценија во Берлин.


Националниот институт за злоупотреба на дрога на САД проценува дека повеќе од пет милиони Американци над 12-годишна возраст употребиле кокаин во 2008-та година. Иако корисниците можат да доживеат голема еуфорија и зголемена енергија, тие исто така можат да го доживеат инфаркт, мозочен удар и напади. Една студија, објавена завчера во оналјн магазинот Molecular Therapy, покажува дека постои можност наскоро да биде создадена вакцина против кокаинската зависност.

Научниците од Weill Cornell медицинскиот колеџ развија вакцина која се состои од супстанција слична на кокаинот и неактивен вирус на настинка. Вакцината ја тестирале на глувци зависни од кокаин. По инјектирањето на вакцината, глувците биле инјектирани со кокаин, но тие не трчале наоколу и не биле хиперактивни како во претходните реакции на кокаинот. Се верува дека вакцината е ефикасна, бидејќи таа се соединувала со кокаинот во крвта, така што кокаинот никогаш не стигнува до мозокот.

Д-р Роналд Кристал, главниот истражувач и професор по генетска медицина на Weill Cornell, рече дека ефектите од вакцината траеле до 13 недели кај експерименталните глувци. Иако не постои терапија за кокаин, сепак оваа вакцина дава голема надеж и се преземаат чекори да се почне со испитувања врз луѓе во текот на следните две години.


Претседателот Барак Обама се очекува денес да го потпише документот со кој се укинува забраната за служење во воената служба на геј лицата кои отворено ја декларираат својата сексуална ориентација.

Сенатот на САД во саботата гласаше за законот со кој се укинува 17-годишната „не прашувај, не кажувај“ политика, што значи дека сега законот е подготвен за потписот на преседателот. Сепак, ќе поминат неколку месеци пред законот да стапи на сила.

Укинувањето на оваа одлука значи дека за прв пат геј лицата ќе можат јавно да ја изразат својата сексуална ориентација, без ризик да бидат исфрлени од воените сили.

Откако беше донесен неславниот хомофобичен закон во 1993 година, повеќе од 13.500  членови на воените сили беа отпуштени од служба.

"Сега е време да се затвори ова поглавје на нашата историја", изјави Обама во соопштение за јавноста. "Време е да се признае дека жртвата, храброста и интегритетот не се повеќе дефинирани од страна на сексуалната ориентација, како што не се ни од страна на расата, полот, религија или верувањата."

Укинувањето на "не прашувај, не кажувај" политиката во рамките на американската војска е уште една победа за демократите во рамките на администрацијата на Обама.

Минатата недела Министерството за јавна безбедност на Кина предложи нов назив за женските сексуални работници нарекувајќи ги "паднати жени" наместо "проститутки".

Овој акт покажува поголема почит за посебна група на луѓе, а исто така укажува на можноста дека со промена на називот може да има промена на ставовите и однесувањето. Сексуалната работа, најстарата од сите професии, сега речиси има статус на подземена индустрија во Кина. Како социјалистичка земја, Кина секогаш ја негираше легитимноста на сексуалната индустрија во морална и правна смисла.

Сексуалната работа е легална во многу земји во светот и називот за луѓето кои се вклучени во неа е сексуални работници. Во Кина, терминот сексуални работници не се користи, поради отсуството на "морална перспектива." Наместо тоа, тие се нарекуваат "порнографски работници" или "работници во проституцијата."

Но сега кога тие се наречени "паднати жени" наместо проститутки, постои се помалку презир и потсмев, а повеќе симпатии во тонот на изразувањето. На овој случај треба да се гледа како на демонстрација на похумано спроведување на законите.


Кристијан Легиерски стана првиот хомосексуалец избран за функционер во Полска.Сопственик на ноќен клуб, претприемач и активист за правата на ЛГБТ популацијата освои место во Варшавскиот градски совет.

Господинот Легиерски, кој меѓудругото е црнец и претрпе големи напади на расизам и хомофобија, изјави за Gazeta Wyborcza дека иако неговиот избор беше важен чекор за националната политика, жителите на Варшава се повеќе слободоумни.

Тој изјави: "Не можам да се споредувам со Харви Милк, но јас сум среќен што сум првиот хомосексуалец избран за јавна функција во Полска."

Варшава беше домаќин на Јуропрајд минатиот јули, но Полска има мачно минато со правата на хомосексуалците. Земјата е крајно католичката и конзервативна и групите за човекови права велат дека има слаби резултати на полето на геј еднаквоста.

Починатиот претседател Лех Качински, кој загина во авионска несреќа минатиот април, беше обвинет за хомофобија во неколку наврати.

Хомосексуалноста е легализирана во Полска, но паровите не можат да посвојуваат деца и не постои законско признавање на нивните односи.


Лезбејки, геј, бисексуалци и трансродови лица (ЛГБТ) зедоа учество во третата парада на гордоста во Њу Делхи минатата неделата.

ЛГБТ заедницата тврди дека ситуацијата се подобрила со одлуката на Високиот суд на Делхи да се декриминализира хомосексуалноста со редефинирање Членот 377 на индискиот кривичен законик, но дека тоа за ЛГБТ лицата преставува само почеток.

Amitava Sarkar, трансродов активист, изјави дека постојат многу проблеми со кои се уште се соочуваат хомосексуалците.

"Проблемите, всушност, започнуваат на семејно ниво, а потоа кулминираат на училишно ниво. Ние немаме право на образование, на работно место, па на тој начин никако не можеме да бидеме почитувани во општеството" - вели Sarkar.

Друг трансродов активист Mohnish, пак, рече дека овој концепт на геј парада е истиот оној кој за првпат се појави уште во 1969-та година.

"Ова е концепт кој датира уште од случајот Stone wall во далешната 1969-та година, кога во еден геј бар во Њујорк, била извршена рација од страна на полицијата. Тоа било првиот знак на протест кој се случи уште таа година и потоа секоја година се одржуваа геј паради низ целиот свет. Во Њу Делхи, ова е трето издание на Њу Делхи квир прајд" - изјави Mohnish.


Користењето на кондом е помало зло од пренесување на ХИВ на сексуален партнер - дури и ако тоа значи дека жената је спречува можната бременост, објави Ватикан во вторникот, означувајќи сеизмичка промена во проповедите на папата.

Ватикан веќе подолго време беше критикуван за своето противење на употребата на кондомите, посебно во Африка, каде што СИДА-та е најприсутна. Најновите толкувања на коментарите на папата Бенедикт за употребата на кондоми, во суштина, значат дека Римокатоличката црква признава дека нејзиниот долгогодишен став против контрацепцијата не оправдува ставање нечиј живот во опасност.

"Ова е точка пресвртница", рече свештеникот Џејмс Мартин. „Признавајќи дека со ставот дека кондомите во сексуалните односи го спречуваат ширењето на ХИВ помеѓу луѓето, папата сосема го измени ставот за кондомите на Католичката црква."

Промената дојде на денот кога службеници на Обединетите Нации објавија дека бројот на нови случаи на ХИВ инфецирани лица значително опадна - благодарение на употребата на кондоми.

"Ова е голем ден за борба против СИДА-та", изјави Мичел Ворен, шефот на Коалицијата за застапување на вакцина за СИДА .

Во Африка, активистите за превенција од СИДА, свештеници и обични Африканците слично аплаудираа на ревидираните коментари на папата.

Избегнувани од страна на главните текови на општеството, сексуалните работници/чки кои страдаат од болести поврзани со ХИВ во Најроби, најверојатно, нема да добијат помош од своите засегнати соседи. Наместо тоа, некои од нив се згрижени од страна на своите колеги/шки сексуални работници/чки.

Една група од 25 сексуални работници/чки, кои се нарекуваат себеси Knight Nurses, се активни повеќе од една година во сиромашниот кварт Хурума. Тие редовно ги посетуваат и им помагаат на другите членови на групата и нивните членови на семејство кои се ХИВ позитивни и врзани за кревет. Тие, исто така организираат и посети во болницата, за да се осигураат дека ги примаат нивните лекови.

На неделната средба на Knight Nurses, 20-те присутни членови донираа по 20 кениски шилинга и прехранбени продукти за два свои болни членови.

На средбите секогаш се нагласува важноста на безбедниот секс за да се спречи зараза со ХИВ, и се витален извор на информации за присутните кои немаат информации за безбеден секс од владините програми.

Студент од Вашингтон стана првото транссексуално лице кое игра кошарка во Националната Атлетска Асоцијација (NCAA) во САД.

Kye Allums, 21, од Универзитетот Џорџ Вашингтон, овој месец ќе се врати во тимот на жените, иако тој денес се смета за маж.

На играчот му е дозволено да продолжи да игра во женската дивизија, се додека тој не почне да ја прима хормонската терапија.

Иако тој се смета за маж, Allums ќе продолжи да игра за тимот на жените, од кој ја има добиено својата стипендија. Тој има намера да започне со третман со тестостерон по неговата последна игра за универзитетот.

Од универзитетот велат дека тој има право да игра за тимот се додека ги почитува правилата на NCAA во врска со хормонската терапија и забранетите лекови.


Европскиот суд за човекови права ја донесе својата одлука во случајот „Николај Алексејев против Русија“. Во одлуката се вели дека Русија ја прекршила Европската конвенција за човекови права со забраната на московските паради на гордоста во 2006, 2007 и 2008 година.

ILGA-Европа ја поздравува оваа важна одлука за лезбејските, геј, бисексуални, транс и интерсексуални заедници во Русија и им честита на организаторите на парадите на гордоста во Москва за оваа значајна правна победа.

Судот истакна дека "самиот ризик за создавање на немири преку мирна демонстрација не беше доволен да ја оправда забраната. Ако секоја веројатност за создавање тензии и остри расправи помеѓу спротивставените групи за време на демонстрациите резултираше со нивна забрана, општеството би било лишено од слушањето на различни ставови за прашањата што се навредливи за мнозинството, а тоа е во спротивност со принципите на Конвенцијата."

Maxim Anmeghichean, програмски директор на ИЛГА за Европа, кој беше присутен во Москва во 2006-та и 2007-та година во текот на првите обиди за организирање на парада на гордоста во Москва, рече:

"Им честитаме руските ЛГБТИ активисти за оваа значајна правна победа. Ние веруваме дека тие сега се опремени со многу цврста правна алатка со која ќе можат во целост да го искористат своето уставно право да организираат јавни настани и да го изразат своето мислење.

Покрај тоа, со денешната одлука се зајакнува должноста на руската држава да обезбеди целосна и соодветна заштита на ЛГБТИ јавни настани од сите обиди за нарушување или од оние кои насилно се противат овие настани. "


Американската добротворна организација која нуди по 200 фунти на зависниците од дрога или алкохол да се стерилизираат - веќе го доби својот прв клиент во Велика Британија.

Организацијата Project Prevention, која работи по иста програма и во САД така што на зависниците им нуди по $300 за долгорочна или трајна контрацепција, има за цел да го намали бројот на бебињата родени со зависност од дрога или алкохол, како резултат на навиките на нивните родители.

Барбара Харис, основач на организацијата, по посвојувањето на децата на еден зависник, почна да им нуди пари на зависниците во Лондон, Глазгов, Бристол и Велс кои се подготвени да се откажат од своите идни потомци со тоа што ќе се стерилизираат.

Оваа пракса во Велика Британија наиде на многу противници кои ја окарактеризираа како искористување на ранливи луѓе во нивните најтешки моменти.


Американскиот државен секретар Хилари Клинтон во вторникот ја пофали српската полиција за заштита на учесниците на геј парадата, во исто време обвинителите отворија криминална истрага против лидерот на екстремно десничарската група за организирање на насилните анти-геј протести.

Повеќе од 150 лица се повредени, во неделата во центарот на Белград во пресметки со полицијата, додека илјадници десничарски демонстранти се обидоа да го спречат маршот со фрлање молотови коктели и гранати кон полицијата.

"Јас особено сакам да и честитам на полицијата за храброста со која го обезбеди  настанот минатата недела", рече Клинтон за време на посетата на Белград.

Маршот, на кој учествуваа околу 1.000 учесници, се сметаше за главен тест за српската влада, која вети дека ќе ги штити човековите права, ако сака членство во ЕУ.

Државните обвинители на Србија соопштија дека 130 луѓе се под истрага за обидот да се прекине маршот, а на 66 од нив им беше изречена мерка притвор во траење од 30 дена.

Ако бидат обвинети и осудени, тие може да се соочат со затворска казна во траење до 12 години.


Врховниот суд во Онтарио утврдил дека кривичните закони кои се однесуваат на водењето на јавни куќи за потребите на проституција и заработувањето од сексуална работа биле неуставни, бидејќи на сексуалните работницi им го прекршуваат правото на безбедност.

Технички, проституцијата е легална во Канада, но многу од активностите поврзани со неа не се.

Сексуалната работничка од Ванкувер, Сузан Дејвис, денот на донесувањто на оваа одлука го нарече "неверојатен ден", бидејќи тоа значи дека сексуалните работници нема да имаат потреба да се плашат да ја повикаат полицијата на помош.

"Тоа е начин за реално маргинализираните жени да побараат помош, без страв дека ќе бидат етикетирани како криминалци," се согласува Кери Порт, извршен директор на организацијата Prostitution Alternatives Counselling and Education Society.

Ако некој од сексуалните работници утре биде обвинет, ќе може да се искористи на одлуката на судот во Онтарио во сопствената одбрана пред суд, но не постои гаранција дека оваа стратегија ќе биде успешна.

Организаторите на овогодишниот прајд во Србија велат дека учесниците треба да избегнуваат да пристигнуваат  на настанот во групи или носејќи транспаренти, за да се избегне опасност од насилство.

Десничарските екстремисти се заканија дека ќе има насилството на 10 октомври, денот кога ќе се одржи настанот. Екстремистите насилно ја спречија геј парадата во 2001-та година и ги принудија организаторите да го откажат истиот настан минатата година.

Полицијата вети дека ќе обезбеди сигурност на маршот оваа година, кој треба да помине покрај владините згради во центарот на Белград.

Организаторите во четвртокот објавија дека очекуваат присуство на повеќе од 1.000 луѓе. Тие велат дека најголеми ризик за безбедноста постои пред и после собирот, кога учесниците ќе се разделат во помали групи.

Маршот се смета за тест за српските власти, кои се залагаат за членство на Србија во ЕУ.

Геј епископите не претставуваат проблем за Црквата на Англија се додека тие и понатаму остануваат целибат, изјави кентерберискиот Архиепископот.

Роуан Вилијамс ја изрази својата лична поддршка за осветувањето на геј епископи. Но, тој додаде дека тој никогаш нема да поддржува геј свештеници во активни врски, зашто традицијата инсистира на целибатот.

Тој рече: " Едноставно, не постои проблем за геј човек кој е епископ. Се работи за фактот дека постојат традиционални, историски стандарди за кои од свештенството се очекува да ги почитуваат. Значи секогаш постои прашање за личниот живот на свештенството. "

Во интервју за "Тајмс", д-р Вилијамс објасни дека тој претходно застана против хомосексуалноста, бидејќи "цената за тоа беше преголем товар за Црквата ".

Овој коментар го разбесни Петар Тачел, активист за човековите права, кој рече: "Сепак, повторно, Роуан има двојни стандарди за геј свештениците ... Јас не знам како Роуан спие ноќе. Пред да стане кентербериски Архиепископ, тој ја поддржуваше инклузијата и еднаквоста на геј луѓето.


Додека властите се борат да обезбедат мирни услови за учесниците на Белгратскиот прајд закажанан за 10 октомври, српскиот „лекар“ Мирољуб Петровиќ го најави отварањето на својата клиника за лечење на хомосексуалност.

Пред една година, тој отвори центар за лечење на хомосексуалност, која тој ја гледа како "сериозна психијатриска болест што доаѓа како последица на нездрав стил на живеење, лошо образование и употреба на наркотични дроги." На тој начин се третирани 20 пациенти досега .

Пред неколку години, одборот на Американската психијатриска асоцијација објави дека таквиот третман само може да предизвика депресија, анксиозност и самоуништувачко однесување.

Најновата изјава на Петровиќ предизвикаа масовна шокираност меѓу српските геј и лезбејски организации.

Во протестното писмо, тие побараа од министерот за здравство Томица Милосављевиќ да започне истрага за работата на клиниката и центарот за лечење на Петровиќ, прашувајќи дали Министерството за здравство, всушност ја има одобрено дозволата за работа на Петровиќ.

"Ве молиме да дадете јавна изјава дека хомосексуалноста не е болест", се вели во писмото, во кое се потсетува на резултатите од најновите истражувања кои покажаа дека 67% од српските граѓани ја доживуваат хомосексуалноста како болест.


Неколку часа по објавата на датумот за геј прајдот во Белград, графити со говор на омраза почнаа да се појавуваат во српскиот главен град.

"Ние ве чекаме" е еден таков пример пријавен од страна на белградската телевизиска станица Б92.

Но, српскиот претседател Борис Тадиќ вчера изјави дека земјата има устав
кој ги штити правата на сите луѓе, без оглед на националноста, религијата или личниот идентитет.

"Уставот им го гарантира правото да се биде различен на малцинствата и на сите луѓе. Србија е дом за сите нејзини граѓани ", изјави претседателот за вестите на Б92.

Минатиот петок, белградскиот шеф на полицијата, Ивица Дачиќ говореше директно за прајдот. Тој рече дека дека насилството нема да се толерира, и додаде дека се започнати истрагите за графитите кои содржат говор на омраза, како и за заканите испратени на преку Фејсбук и Јутјуб,

Ќе бидат преземени санкциони мерки против оние што се одговорни, изјави Дачиќ за новинските агенции.



Парадата на гордоста ќе биде одржана на 10. октомври во центарот на Белград, најавуваат организаторите, пренесува Прес онлајн.

Организаторите на парадата порачаа дека тоа ќе биде „мирен и ненасилен јавен собир на кој ќе се покаже дека лезбејките, геј, бисексуалните и трансродните (ЛГБТ) луѓе во Србија можат слободно и без страв да прошетаат низ улиците на Белград. Тие додаваат дека ЛГБТ луѓето на овој собир ќе бидат заедно со сите кои се залагаат за рамноправност, толеранција и почитување на човековите права.

„Парадата не ја гледаме како наша крајна цел, туку како средство преку кое ќе се добие внимание од општеството за проблемите со кои ЛГБТ популацијата во Србија секојдневно се соочува и со кое бараме од државата со насилството и дискриминацијата систематски да се соочи,“ соопштија од Организациониот одбор на Парадата на гордоста.

Геј парадата во Белград минатата година беше откажана еден ден пред нејзиното одржување на 20. септември. Организаторите на состанок со премиерот Мирко Цветковиќ на 19. септември добија решение во кое се наведува дека не постојат услови парадата да се одржи без инциденти на платото пред Филозофскиот факултет (во центарот на Белград), со препорака да биде во Ушче парк кој е понастрана од строгиот центар на градот.

Организаторите го одбија ова и ја откажаа манифестацијата. Безбедносните мерки за парадата вклучуваа 5 000 полицајци но српската полиција предупреди дека навивачите и екстремистите кои паралелно ќе дојдат би можеле да ја надминат оваа бројка за два пати повеќе.

Оваа година одржувањето на Парадата на гордоста веќе е поддржано од дел од членовите на српската влада, меѓу кои и министерот на полицијата Ивица Дачиќ и министерот за човекови права Светозар Чиплиќ.


Британски официјални лица ја разгледуваат португалската пионерска програма за превенција од дрога со која се декриминализира поседувањето на психотропни супстанции, вклучувајќи ги  хероинот и кокаинот.

Програмата за прв пат е воведена пред речиси една деценија, и со неа поседувањето на  дрога стана администативен прекршок, според кој лицата фатени со дрога за лична употреба се праќаат пред испитен одбор наместо да ги бидат законски гонети.

Одборот, кој се состои од социјални работници и психолози кои ги испрашуваат корисниците на дрога, има моќ да наметне различни санкции, вклучувајќи и парични казни, или препорачување на соодветен третман. Корисниците кои се фатени со дрога повеќе од еднаш, се праќаат да се појават во полициски станица или кај доктор.

Висок официјален претставник на Институтот за дрога и зависности при Министерството за здравство на Португалија, беше дочекан од владата на Велика Британија пред околу еден месец за да им даде совети за тоа како успеала програмата за превенција од дрога од 2001 година.


Катманду - Стотици геј луѓе, лезбејки и трансексуалци се молеа монсунските дождови да не почнат за време на геј парадата, која се оддржа минатата среда во главниот град на  Непал, предводена од едниствениот политичар кој отворено ја искажува својата хомосексуална ориентација во Јужна Азија.

Маршот беше во организација на непалскиот парламентарец Sunil Pant, активист за правата на ЛГБТ популацијата, кои јаваше низ градот качен на слон проследен од 500 симпатизери, од кои многумина танцуваа и свиреа музички инструменти.

Прајдот беше темпиран да се совпадне со фестивалот Хинду на Gai Jatra, традиционално шарен настан во кој многумина млади мажи се преоблекуваат во жени.

Непал е една од ретките прогресивни земји во Јужна Азија во поглед на правата на геј луѓето и лезбејките, а во непалскиот парламент во мометот се расправа за законот за легализација на хомосексуалните бракови.