Трансродовите лица во Северна Македонија се засегнати од нееднаквости во пристапот до здравствената грижа, вклучувајќи ограничен пристап до квалитетни здравствени услуги за рутинска здравствена грижа, како и за здравствена грижа поврзана со медицинско потврдување на родот.
Најчести проблеми при пристапот до здравствени услуги кај трансродовите лица кои одлучиле да го поминат процесот на медицинско потврдување на родот се тоа што здравственото осигурување не ги покрива целосно трошоците за хормонска терапија и воопшто не ги покрива останатите медицински интервенции (хируршки и нехируршки). Документирано е дека ова придонесува кон дополнителен здравствен ризик поради набавување и користење на терапија и третмани без соодветен медицински надзор, како и кон егзистенцијален ризик поради финансискиот товар кој произлегува од непокривањето на здравствените услуги. Овие ризици ја прават оваа маргинализирана и економски нестабилна заедница уште поранлива.
Извештајот од истражувањето е наменет за сите засегнати страни, како и носители на одлуки и политики, и дава увид во постоечките здравствени и превентивни услуги за трансродовите лица во Северна Македонија, но и обезбедува препораки во насока на унапредување на општата грижа за здравјето на трансродовите лица со која тие ќе бидат во фокусот на вниманието и која ќе одговара подобро на нивните индивидуални потреби.
Истражувањето „Проценка на компатибилноста на постоечките здравствени и превентивни услуги со потребите на трансродовите лица во Северна Македонијa“ е изготвено од СТАР-Првиот колектив на сексуални работници на Балканот во соработка со ТрансФормА – Иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во Република Северна Македонија во рамки на проектот “Координирани, синхронизирани и сеопфатни здравствени услуги за трансродови лица во процес на транзиција во Република Северна Македонија” поддржан од Eurasian Key Populations Coalition во рамки на грантот „Род и ХИВ“. Со дополнително финансирање обезбедено преку ТрансФорма и партнерите Коалиција Маргини и Фондација Отворено општество – Македонија, извештајот ќе биде достапен во печатена форма. Наскоро ќе биде достапно и кратко резиме од извештајот на англиски јазик.
Публикацијата можете да ја прочитате/симнете тука: