
Коалиција Маргини ги објавува трите полугодишни извештаи за родово базирано и сексуално насилство, кои го опфаќаат периодот од октомври 2024 до март 2026 година. Извештаите се засноваат на документирани случаи на родово базирано, семејно и сексуално насилство и ги анализираат формите и контекстите во кои се појавува насилството, искуствата на преживеаните, како и институционалниот одговор и пристапот до заштита и правда. Извештаите може да ги превземете тука:
Анализата покажува дека родово базираното насилство најчесто не се појавува како изолиран инцидент, туку како континуиран и повеќеслоен процес во кој се преплетуваат психолошко, физичко, сексуално, економско и дигитално насилство. Особено загрижува присуството на сексуално насилство врз девојчиња и малолетнички, како и сè повидливите форми на дигитално сексуално насилство, вклучително уцени, закани и злоупотреба или споделување интимни содржини без согласност.
Документираните случаи истовремено укажуваат на низа пречки со кои се соочуваат преживеаните при барањето заштита. Стравот од одмазда и стигматизација, економската зависност, недовербата во институциите и претходните негативни искуства со нив можат да влијаат врз одлуката дали насилството воопшто ќе биде пријавено. И кога постои институционално постапување, патот од пријавувањето до долгорочна и ефикасна заштита не е секогаш јасен и координиран.
Извештаите ја нагласуваат и клучната улога на граѓанските организации и специјализираните сервиси, кои за многу преживеани претставуваат прва, а понекогаш и единствена безбедна точка за психосоцијална и правна поддршка, документирање, упатување и придружба низ институционалните постапки.
Преку континуираното документирање и анализа на случаите, извештаите имаат цел да придонесат кон поголема видливост и подобро разбирање на различните форми на родово базирано и сексуално насилство, структурните услови што го овозможуваат и пречките со кои преживеаните се соочуваат при пристапот до поддршка, заштита и правда.