Казнување на прекршителите за дрога, законодавната политика и судската пракса

Казнување на прекршителите за дрога, законодавната политика и судската пракса

Рамката во која државата ја реализира политиката за дроги ја сочинуваат закони, стратегии и акциски планови за спроведување на стратегиите, а што се однесуваат на контролата на дрогите или на лицата кои употребуваат дрога. Република Македонија е договорна страна и на трите конвенции на Организацијата на Обединетите нации (ООН) специјализирани за дроги.

Конвенциите ги одредуваат казнивите дела како што се: поседувањето, стекнувањето, дистрибуирањето или нудењето за продажба, но не ја одредуваат едноставната употреба на дрога како казниво дело. Според коментарите на Конвенцијата, владите имаат право да не наметнуваат затворски казни за поседувањето за лична употреба, за разлика од поседувањето заради дистрибуција кое мора да биде подложено со санкција „лишување од слобода“. Во однос на користењето на дрога, не постои конкретно барање за криминализација во рамките на конвенциите и има значителна флексибилност за помалите прекршоци поврзани со лична употреба. Нивото на депенализација и/или декриминализација е возможно во рамките на конвенциите за дроги на ООН за прекршоци поврзани со лична употреба како, на пример, поседување или одгледување за лична употреба. Текстот на конвенциите е дел од правната рамка во државата, сепак, правната практика покажува дека судовите речиси и воопшто не се повикуваат на конвенциите при изрекувањето на пресудите. Од друга страна, Кривичниот законик на Република Македонија определува три кривични дела поврзани со дроги со кои се санкционира неовластеното производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори (член 215); овозможување на употреба на дроги (член 216) и предизвикување на тешка телесна повреда или нарушување на здравјето со сторување на претходните две кривични дела (член 217). Најголем дел од постапките поврзани со дрога што се водат пред судовите се по член 215 Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции и прекурсори. Од донесувањето на Кривичниот законик во 1996 година до денес, оваа одредба е единствено променета во септември 2009 година кога се додаде нов став со кој се предвидува поблага казна доколку делото е сторено со помала количина на дрога. Во Кривичниот законик не се наведени количините, и затоа Јавното обвинителство усвои внатрешно упатство според кое одредува која количина за различен вид дрога ќе се смета за мало количество. Така, според Обвинителството, за помало количество ќе се смета 5 г марихуана, 2 г хероин и 2 г кокаин.

Описот на кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции и прекурсори, како и толкувањето на обележјето на делото од страна на научници и на експерти, не го опфаќа поседувањето на дрога за лична употреба што, всушност, е во согласност и со интерпретацијата на погореспоменатите конвенции. Во пракса тоа би значело дека судот, независно од количината на дрогата, треба примарно да оцени дали постоела намера за продажба од страна на обвинетиот или дрогата ја поседува за лична употреба. Анализата на состојбите укажува на поинаква пракса. Имено, бројот на полнолетни лица, осудени за кривични дела поврзани со дрога, во перидот 2009–2013 година е околу 4% од вкупната бројка на осудени лица во Македонија. Во истиот период, бројот на затворски казни за дрога во просек изнесува околу 9% од вкупно изречените казни затвор на територијата на Република Македонија.

Иако не постои воедначена судска пракса, сепак анализата на судската пракса на еден од судовите во Република Македонија може делумно да даде индикација за политиката на судовите кога одлучуваат за случаи поврзани со дроги. Имено, од анализата на политиката за дроги на национално ниво и на ниво на основен суд, спроведена во 2014 година, беше анализирана судската пракса во Основниот суд во Струмица. На ниво на Основен суд Струмица, во периодот од октомври 2009 година (откако влезе во сила измената на Кривичниот законик) до декември 2013 година, правосилно завршени се 87 постапки за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции и прекурсори, од кои 29 пресуди се однесуваат на помало количество на дрога. Казната за основното кривично дело може да се движи од три до десет години затвор, а за помало количество од шест месеци до три години. Во ниеден случај не е изречен законски максимум предвиден за ова кривично дело, додека 1/3 од изречените затворските казни се под законскиот минимум. Во 1/3 од казните, Судот нашол дека целта на казнувањето ќе се исполни и со алтернативна мерка, казна затвор која нема да се изврши доколку во пробен период од година или две, зависно од случајот, обвинетиот не стори ново кривично дело. При одмерувањето на санкцијата, Судот речиси во сите случаи како отежнувачка околност ја смета зголемената употреба на дроги, особено меѓу младата популација и социоекономските последици од употребата на дроги. Како олеснителни околности Судот, покрај другите, ги смета помалата количина, а во еден случај навел дека станува збор за марихуана, помалку штетна дрога. Во прилог на ваквото резонирање од страна на Судот се два случаја во кои и двајцата обвинети се сторители по првпат, но висината на казната се разликува така што лицето кое поседувало 9,6 г кокаин добило 3 години затвор, а на лицето кое поседувало 78,7 г марихуана изречена му е една година и шест месеци затвор. Имено, Судот преку својата пракса ги разграничува супстанциите на штетни и помалку штетни, критериум кој не постои во Законот, а сепак влијае на висината на казната. При анализата на околностите што влијаат на висината на казната, карактеристично е што Судот во неколку пресуди како олеснителна околност го зема фактот што обвинетиот не ја продавал дрогата, туку ја поседувал за лична употреба. Ваквата констатација е спротивна на обележјето на кривичното дело и веќе донесената пресуда на Врховниот суд дека поседување на дрога која е за лична употреба не претставува исполнување на обележјето на кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции и прекурсори“.

Во сите кривичните постапки за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции и прекурсори“, Судот како олеснителна околност ја зема малата количина на дрога. Од друга страна, при водењето на постапката Судот се држи до правната квалификација на Обвинителството во согласност со количината утврдена во внатрешното упатство на Јавното обвинителство. Во Кривичниот законик не постои ограничување што ќе се смета за помала количина, па со стриктното врзување за квалификацијата на Обвинителството, во согласност со нивното интерно упатство, се потценува правната сила на Кривичниот законик и се поткопува слободата на Судот во одделни случаи самиот да прави процена за количината и индивуално да го оцени секој случај дали го исполнува обележјето на кривичното дело.

Анализата на правната рамка во однос на правната пракса во имплементацијата на кривичните дела поврзани со дроги отвораат прашања што треба да се преиспитаат со цел да се обезбеди правилна примена на постоечките одредби и заштита на принципот на владеење на правото. Судот го занемарува описот на кривичното дело во Кривичниот законик и пресудата на Врховниот суд дека поседувањето на дрога за лична употреба не претставува кривично дело. Оттука произлегува потребата од реафиримирање на оваа пракса и правилно толкување и имплементација на одредбата каде што јасно стои дека ќе се казни намера за продажба. Понатаму е очигледна тенденцијата на Судот да дава пониски казни кога кај обвинетиот е пронајдена марихуана, за разлика од хероин или кокаин, со што се наметнува потреба од поделба на супстанциите по штетност. Ваквата правна пракса може да биде добра основа за издвојување на поблаги критериуми за казнување во случаи кога станува збор за марихуана во однос на другите психотропни супстанции, секако, доколку не станува збор за лична употреба.

Наташа Бошкова

Наташа Бошкова е дипломирана правничка на Универзитот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и магистерка по родови студии на Универзитетот во Сараево. Од 2008 година активно работи на унапредување на човековите права на лицата кои употребуваат дроги и други маргинализирани заедници.

Извор