09 Oct ХЕРА: Уставен судија смета дека абортусот е убиство
Вчера Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на неколку членови на Законот за прекинување на бременоста која беше доставена пред една година од ХЕРА, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Реактор, Коалицијата „Сексуални и здравствени права“ и проф. Ристова – Астеруд.
Иако ќе се почека на официјалното образложение, јавноста мора биде известена дека дебатата која се одвиваше околу поднесената – иницијатива не доликуваше на институција која треба да ги брани уставотворните темели на Република Македонија. Освен неколку сериозни аргументи за законот и неговата врска со уставните одредби од еден судија, дискусијата врз која се донесе негативната одлука изобилуваше со:
– Лични убедувања: абортусот е убиство;
– Лични искуства и стравови: примери за релации меѓу родители и деца;
– Морални оценки: поврзување на абортусот со неверство;
– Идеолошки убедувања: поврзување на абортусот со „либерални вредности“ и со истополовите бракови кои го загрозуваат одржувањето на нацијата.
За жал ова се случува по информирањето за случаи во кои животот на жените беше поставен под прашање заради одредбите од законот од 2013.
Воедно сакаме да ја информирање јавноста за новиот случај кој го евидентиравме деновиве од граѓанка којашто ни се обрати. Во нејзината приказна се открива примената на законот од 2013. Од овој случај, за бременост по 10 недела, станува јасно дека:
– Првостепената комисија во рамки на болницата нема никаква улога, не издава решение и препраќа директно до второстепената комисија;
– Второстепената комисија формирана од Министерот, а не жената, ја донесува главната одлука дали ќе може да се направи абортус;
– Се употребува образец за којшто Министерството информираше дека се уште не изработен и дека не е усвоен;
– При пристрасното советувањето жените се повикани да не ги убиваат децата, се осудуваат, односно агресивно се убедуваат да се задржи плодот по секоја цена;
– Сето ова претставува одлагање поради кое жените веќе не се во можност да ја прекинат бременоста.
Ова придонесува до деградирање, нехуман третман и тортура преку загрозување на здравјето и животот на секоја жена која сака да ја прекине бременоста.
ХЕРА заедно со партнерските организации во следниов период ќе ги искористи сите преостанати меѓународни механизми за да ги заштити правата на жените на абортус.
Дополнително ХЕРА ги повикува сите жени кои при остварувањето на загарантираното право за абортус се соочиле со пречки и неправилности или доколку нивното достоинство било нарушено, да не контактираат за медицинска, психо-социјална и правна поддршка.
Преземено од ХЕРА