16 Dec Историја на Маршот на црвените чадори во Скопје
Преземено од СТАР – ПРВ КОЛЕКТИВ НА СЕКСУАЛНИ РАБОТНИЦИ НА БАЛКАНОТ
Црвената е боја на љубовта, а чадорот е симбол за заштита од надворешните влијанија. Од овде, црвениот чадор е присвоен како симбол на сексуалните работници и ја симболизира заштитата од злоупотребите од страна на полицијата и клиентите, како и осудата во конзервативните и стигматизирачки општества. Црвениот чадор го симболизира отпорот против насилството врз сексуалните работници и борбата за нивните еднакви човекови права.
Црвениот чадор како симбол на меѓународното движење на сексуалните работници е употребен за првпат во 2001 година за време на 49-то Венециско уметничко биенале, во рамки на инсталацијата „Прв светски конгрес на сексуални работници“ поставена од словенечкиот уметник Тадеј Погачар. На инсталацијата поставена на јавен простор, која била наречена и „Павилјон на проститутките“, сексуалните работници од повеќе држави заедно со италијанските сексуални работници ги претставиле тогашните состојби и дискутирале за стратегиите за зашитита на нивните права. Од павилјонот започнал и марш по улиците на Венеција на кој сексуалните работници со црвени чадори и мегафони го привлекле јавното внимение, укажувајќи на лошите работни услови и злоупотребата на човековите права. Од 2005 година, Меѓународниот комитет за права на сексуалните работници во Европа (ICRSE) го усвојува црвениот чадор како симбол на отпорот против насилството и дискриминацијата, а примерот го прифаќа целото движење низ светот.
Во Скопје за првпат црвениот чадор како симбол за борба против насилството врз сексуалните работници е промовиран на 17-ти декември 2007 година, кога ХОПС – Опции за здрав живот Скопје заедно со луѓе од заедницата на сексуалните работници, активисти и поддржувачи, за првпат иницираше и организираше улична акција со цел одбележување на Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници. На овој ден илјадници сексуални работници ширум светот здружено маршираат по улиците и се борат против насилството, стигмата и дискриминацијата во сите сфери од нивното живеење, лошите политики и закони, при тоа барајќи ги своите права и заштита.
Првиот Марш на црвените чадори беше одржан во Скопје на 17-ти декември 2008 година, во организација на здружението ХОПС и тогаш неформалната група на СТАР-СТАР. Првите три години од 2008 до 2010 година, јавните протестни маршеви на сексуалните работници беа симболични и се одвиваа без присуство на медиумите, што пак се должеше на стравот на сексуалните работници да излезат во јавност и јавно да говорат за своите проблеми и потреби. Но, од година во година, се зголемуваше видливоста и храброста на заедницата и овие јавни настани добиваа се поголема медиумска поддршка. Со тоа се зголемуваше и бројот на сексуални работници, активисти, поддржувачи и пријатели кои гордо маршираа во центарот на Скопје, како и на сексуалните работници кои го предводеа Маршот на црвените чадори секоја година.
Во 2011 година сексуалните работници излегоа на протестен марш на улица „Македонија“ и медиумите за прв пат почнаа да известуваат за „сексуалната работа“ и „сексуалните работници“. Во 2013 година, покрај Маршот на црвените чадори, во рамки на кампањата „Тортура не е Култура“ се одржа и изложба Sex Work in Art. Покрај настаните во Скопје, улични акции се одржаа и во Струмица, Охрид и Тетово, преку кои сексуалните работници на национално ниво го одбележаа овој значаен ден, добивајќи поддршка од јавноста. Овие акции преминуваат во традиција на СТАР – Првиот колектив на сексуални работници на Балканот и Маршот на црвените чадори станува традиционален настан по кој сексуалните работници во Македонија се препознатливи во јавноста.
Во 2014 година сексуалните работници по седми пат се приклучуваат на глобалната акција за солидарност и го организираа Маршот на црвените чадори со пораката „Сексуалната работа е работа“. Поддршката и одѕивот за маршот расте и во следните две години, а заедницата сè повеќе го креваше гласот во борбата за подобри работнички и човекови права. Во 2017 година охрабрената заедница јубилејно го одбележа Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници и десетти пат маршираше во центарот на Скопје. Со слоганот „10 години гласно за сексуалните работници“ се апелираше до јавноста да се запре насилството и беше побарано од институциите препознавање на доброволната сексуална работа како секоја друга професија. Во рамки на кампањата истата година, во Скопје, беше одржан првиот уметнички перформанс СКОПЈЕ РЕД ЛАЈТ ДИСТРИКТ кој имаше за цел да го отслика шармот на улицата на црвените фенери во Амстердам. Скопје, таа година, за првпат доби девојки на излог, а нивниот перформанс ги актуелизираше прашањата за декриминализација на сексуалната работа.
Во 2020 година, заради постоечките епидемиолошки мерки за заштита и превенција од КОВИД-19 вирусот и истовремено покажувајќи одговорност кон јавното здравје, Маршот на црвените чадори беше одржан во форма на јавно обраќање пред медиумите, без присуство на општата јавност и поддржувачите на кое се потенцираа проблемите со кои се соочуваат сексуалните работници за време на пандемијата. Со следење на мерките и упатствата за заштита и превенција од КОВИД-19, во 2021 година повторно се одржа Маршот на црвените чадори со кој сексуалните работници ја истакнаа потребата од итно донесување на соодветен модел за регулација за сексуалната работа во Република Северна Македонија, со пораката до надлежните институции „ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА КОГА?“.
Изминатите 14 години стотици сексуални работници заедно со голем број поддржувачи, маршираа низ Скопје и се обединија во борбата за подобри човекови права, во рушењето на стереотипите поврзани со сексуалната работа, намалувањето на стигмата и дискриминацијата кон сексуалните работници, како и подобрувањето на нивниот статус во општеството.
Оваа година, СТАР-Првиот колектив на сексуални работници одбележува јубилеј – 15 години Марш на црвените чадори со слоганот 15 ГОДИНИ КОЛЕКТИВЕН ГЛАС ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО ВРЗ НАС.