04 Apr НЕ за штедење од здравјето на луѓето
Здравјето на граѓаните мора да биде врвен приоритет, а економската криза не смее да биде оправдување за кратење на средства од здравствената заштита и тоа во услови на пандемија!
Скопје, 4 април, 2022 г. – Под слоганот НЕ за штедење од здравјето на луѓето, денеска се одржа граѓански протест на иницијатива од 14 здруженија членки на Платформата за ХИВ, Здружението ЕСЕ и Иницијативата на жени од Шуто Оризари, на којшто здруженијата го изразија насобраното незадоволство од односот на Владата кон здравството.
„Министерството за здравство го скрати буџетот за системот на заштита од ХИВ за дури 40 %, со што директно го загрозува здравјето на луѓето и може да ја разгори епидемијата со ХИВ. Ова кратење во практика значи исклучување на неколку илјади граѓани и нивните семејства од здравствениот и социјалниот систем, пораст на епидемијата на ХИВ, губење човечки животи, но и повеќекратно зголемени трошоци за лекување во следните 5 до 10 години. Поради кратењето веќе се стави клуч на врата на дел од центрите што нудат услуги за маргинализирани и обесправени лица и неповратно ќе се изгубат веќе изградени капацитети, со што се фрлаат во вода досегашните домашни и странски инвестиции, кои ја држеа ХИВ-епидемијата под контрола“ – истакна Хајди Штерјова Симоновиќ од Платформата за ХИВ.
Борјан Павловски од здружението ЕСЕ нагласи дека во планирањето и буџетирањето во здравството ниту една група од населението не смее да биде дискриминирана, а при буџетирањето не смее да има уназадување, односно кратење. Превентивната здравствена заштита претставува клучен сегмент на еден здравствен систем и финансиските средства издвоени за превентива не се сметаат за трошоци, туку за инвестиција. Во 2019 година буџетот за превентивна здравствена заштита изнесува само 9 % од целиот буџет на Министерството за здравство. Во периодот од 2012 до 2019 година Министерството за здравство секоја година дополнително го крати буџетот за превентивна здравствена заштита за околу 10 %. За илустрација, поради тоа што државата со години не инвестира доволно средства во програмата за скрининг на рак на грлото на матката, секоја година 40 жени умираат од овој карцином.
И во програмата за здравствена заштита на мајки и деца се скратени средствата, а тоа повторно најмногу ќе ги погоди најобесправените, граѓаните без лична идентификација и Ромките, кои се една од најранливите групи во областа на репродуктивното здравје. Алмира Фасљии Муарем од Иницијативата на жени од Шуто Оризари укажа дека се скратени средствата за бесплатни прегледи и лабораториски прегледи во текот на бременоста, бесплатното породување за лица без документи за лична идентификација, средствата за фолна киселина за правилно развивање на плодот кај бремените жени, едукативни посети од патронажните сестри во ромски и рурални средини за детско здравје – кратења што најмногу ќе ги погодат најсиромашните жени и Ромките.
Присутните побараа и соодветно да се буџетираат и унапредуваат сите други програми за превенција и за лекување, особено со фокус на репродуктивното здравје на жените, здравјето на мајките и децата, Ромките, групите под најголем ризик од ХИВ, и тоа во согласност со вистинските потреби на овие групи граѓани. Дополнително, побараа:
– Да запрат кратењата во здравството и значително да се зголеми буџетот што го издвојува државата за здравството. Притоа, државата да ги третира сите пациенти и корисници на здравствени услуги подеднакво без да крати од едни за сметка на други, да обезбеди средства за превенција и современа терапија која ќе биде според потребите на граѓаните, а здравствените политики да ги води врз основа на докази;
– Владата и Министерството за здравство да изнајдат итно и неодложно решение за скратениот буџет за превенција за ХИВ, со којшто ќе се обезбеди ниту едно семејство да не остане без основната здравствена грижа и услуги;
– Државата, пред сè Министерството за здравство, целосно да ги спроведе препораките од одлуката на Комитетот за елиминација на сите облици на дискриминација врз жените при ООН со која се утврди дискриминација при пристапот на сексуални и репродуктивни права на Ромки и да осигури соодветно буџетирање и пристап за здравствени услуги за Ромките;
– Владата да води конзистентна фискална политика соодветна на една социјална држава, која значи: воведување на прогресивен данок и данок на луксуз, кратења на непродуктивни трошоци во државните институции, кратења на бенефиции за државни функционери и пратеници, стоп за партиски вработувања во државната администрација чија неефикасност нè чини скапо и приоретизирање на мерките за обесправените граѓани пред оние кои остваруваат милионски профити.
Информации за контакт:
Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје, Андреј Сених тел. 070 344 693
Здружение ХОПС – Опции за здрав живот Скопје Хајди Штерјова Симоновиќ, 070 400 096
ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување Скопје, Елизабета Божиноска 078 396 186