Прекрасните, длабоки љубовни писма на Џон Кејџ до Мерс Канингам

Прекрасните, длабоки љубовни писма на Џон Кејџ до Мерс Канингам

„Би сакал да го измерам здивот во однос на воздухот меѓу нас двајца“.

Превод: Јулија Мицова

Композитор, писател, уметник и зен будист, Џон Кејџ (05.09.1912 – 12.08.1992) е пионер на естетиката на тишината, поттикнат од бурниот приватен живот. На 22 годишна возраст, додека се гледа со друг младич, Кејџ ја среќава уметницата Ксенија Кашевароф – ќерка на руски свештеник, родена во Алјаска. Се заљубува длабоко – можеби во Ксенија, можеби во помислата за живот во согласност со општествените конвенции и во спокојството што го доживува по внатрешниот конфликт предизвикан од сопствената ориентација, а можеби и комбинација од двете. Стапуваат во брак пролетта во 1935 година. Но потргата по сопствениот креативен глас го принудува да направи место за секој дел од себеси. Веќе на почетокот на 1940тите години двојката се оддалечува, а бракот завршува со развод.

Џон Кејџ на пијано, 1947 год. (Фото: Фондација Џон Кејџ/Берлинер Фестшпиле).

Во тој период Кејџ го среќава танцовиот генијалец Мерс Канингам, еден од најиновативните и влијателни кореографи на сите времиња. Во своите дваесети, Канингам е еден од неколкуте кореографи со кој Кејџ остварува соработка во потрагата по физичката димензија на звукот. Иако односот меѓу нив почнува како креативна соработка, со текот на времето и како што подобро се запознаваат се развива енергичен романтичен електрицитет. Канингам станува најголемата љубов на Кејџ и негов сопружник до крајот на животот на композиторот.

Коресподенцијата што датира од зачетокот на оваа невообичаена и интензивна и прекрасна романса, пренесена во делото Одбрани писма на Џон Кејџ (The Selected Letters of John Cage), може да се спореди со љубовните писма на Набоков — златниот стандард на најинтимниот жанр во пишаниот збор — и секако круна на најголемите ЛГБТ љубовни писма во историјата.

Џон Кејџ и Мерс Канингам во Колеџот „Блек Маунтин“ 1948 г. (Фото – Фондација Џон Кејџ)

Во првото откриено писмо, со дата од 28.06.1943 година, Кејџ пишува:

Драг Мерс,

Саботата вечер мина лудо затоа што не ги решавам проблемите се дури не искрснат, и оддеднаш сфатив дека замина. Ќе одлетав со тебе но бев во хаос.

[…]

Не знам кога научив како да го поминам месецот без постојана сентиментална болка. Сега е многу едноставно кога се радувам што ќе те видам наскоро, наместо како порано кога се радував што штотуку сум те видел. Така се чувствувам посреќно.

Како неверојатно сведоштво на взаемната игра на фрустрацијата и задоволството во љубовта, Кејџ додава:

Не сум сентиментален, а сепак седам на една од нашите маси и гледам во огледалото каде што твојот лик често се наоѓа.

[…]

Не знам: едно е гравитационото, растегливо чувство кога ќе пуштам и ќе паднам заедно со тебе, но сепак подобро е да живеам токму таму каде што си ти со сите постојани емоции што можеш да ги собереш во себе. Си зборувам себеси.

Твојот дух е со мене.

Следниот ден Кејџ пишува:

Конечно заврна + прекрасно свежо. Се прашувам до кога ќе врне. Беше неверојатно затоа почна ненадејно и потоа ту ќе засилеше ту ќе почнеше да роси.

Постојано мислам на тебе, сè што ми паѓа на ум би те засрамило, на пример прво што помислив кога заврна беше дека дождот е како тебе.

[…]

Те љубам.

Во ова писмо Кејџ испраќа и песна за неговата нова љубов:

ПЕСНА. БИДЕЈЌИ: ТЕ ЉУБАМ.

Како лист на дрво, копнеам по
тебе.  Макар и врзан за тебе

како гранче, ќе биде доволно.

Сокот од твоето стебло да им даде живот
на моите ткива; единствениот мој избор:
храната што ја даваш за ситост.

Дали листот ќе  се исуши и ќе умре? Длабоката
потреба да избледе во стуштена наклонетост?

Полжавот ќе се преобрази во дрво?

Ако умре листот, Пролетта ќе ја заведе
Зимата. Нема смрт за дрвото:
накитено со лисја, ќе живее во секое делче.

Три дена подоцна, на 2 јули, Кејџ пишува исполнет со копнеж:

Ужасно сум осамен без тебе.

[…]

Ќе ја напуштев земјата за малку пред неколку мига — екстаза — писмо од тебе. Наскоро ќе пишувам музика за тебе.

Сцена од „Птици на плажа“ (Beach Birds) во операта и балетот на Лион, со музика на Кејџ (Фото: Мајкл ОʼНил)

Подоцна во текот на месецот, додека Канингам работи со Танцовата трупа на Марта Греам во Колеџот „Бенингтон“ во Вермонт, Кејџ го преколнува од Њујорк, со срдечна нетрпеливост:

Биди доволно осамен за да ми се вратиш наскоро.

[…]

Те сакам и често си вообразувам причини зошто: го чувствувам твојот дух близу до мене, а мојот го испраќам до тебе.

[…]

Горам од желба да те барам трчајќи долж морскиот брег.

Љубов

Во текот на следната година нивната љубов се повеќе се засилува. Во писмо од јули 1944 година,  исклучително поетично и сликовито, Кејџ пишува:

Едноставно ги обожувам твоите писма: те носат толку блиску до мене што во секој момент очекувам вратата да се отвори и да ме најдеш камуфлиран во загадочна куќа, втемелена на чевлите што ги направи.

[…]

Во природа беше толку убаво, лежев на земја од каде наѕираше крошната на едно дрво спрострена на небото а кога ќе се свртев ќе го насочев погледот кон две дрва низ нив и во нив можев да ги забележам движењата на птиците. Преубави маргаритки и цела полјана со жолти кринови. Многубројни езера и кануа. Знам дека би бил многу среќен во природа; морам да бидам со тебе, за мене или за тебе, затоа што го измислив твоето присуство со таква леснотија, и знаејќи го тоа во еден момент ти беше речиси невидлив или нем.

Девет дена подоцна Кејџ пишува:

Писмото што ми го испрати е преубаво, не можам да ти одговорам, постојано го препрочитувам и лежам врз него.

[…]

Често страдам длабоко; страв ми е дека не сум човек зборувам со тебе по цел ден но кога ќе почнам да ти пишувам не можам.

Подоцна во месецот, многу декади по изјавата на Ван Гог дека љубовта ја катализира креативната работа, Кејџ ѝ говори на музата што го опседнува:

Денес е прекрасен ден а јас сонувам по тебе и енигма и дека денес сме заедно: твоите зборови во моите уши ту ме омлитавуваат ту ме напнуваат во наслада. Знам дека добро би си дошле еден на друг денес.

Би сакал да верувам дека во  моментов ја пишуваш мојата музика: јас секако не ја пишувам затоа што кај мене се случува одеднаш. „pretissimo“ е неверојатно исто како тебе и веројатно претставува опис и песна за тебе.

[…]

Прости ако те смеќавам: кога се враќаш во септември? би сакал да го измерам здивот во однос на воздухот меѓу нас двајца.

Кејџ и Канингам го исполнуваа воздухот меѓу нив двајца со љубов се до последниот здив на композиторот.

Џон Кејџ и Мерс Канингам, 1986 г. (фото: Џек Мичел/Гети имиџис)

Одбраните писма на Џон Кејџ, уредени од Лора Кун, професор на Колеџот Бард и директор на Фондацијата Џон Кејџ е прекрасно четиво во целата своја обемност. Го препорачуваме делото на Кејџ за човековата природа и на Кеј Ларсон за инспиративната картографија на неговиот внатрешен живот, како и љубовните писма на Џон КитсХана АрентЏејмс ЏојсАјрис МурдокВладимир НабоковМаргарет МидШарлот БронтеОскар ВајлдЛудвиг ван БетовенЏејмс ТурберАлберт АјнштајнФранц Кафка, и Фрида Кало.

Извор