Анализа на измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции

Анализа на измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции

Анализата е изготвена од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје

Дефиниции

 Предложените измени на законот (во понатамошниот текст: Измените) предвидуваат три нови дефиниции за термини кои се воведуваат во Законот за контрола на опојни дроги и психотропни суспстанции (во понатамошниот текст: Законот). Ако целта на Измените е регулирање на употребата на канабисот за медицински цели, нејасно е зошто се воведува дефиниција за масло од конопово семе во закон кој го контролира производството и продажбата на опојни дроги и психотропни супстанции, кога и самата дефиниција укажува дека примената на ова масло е во козметички или хигиенски производи, лубриканти,бои или се користи како храна и истото беше достапно во аптеките и се издаваше без лекарски рецепт.

Понатаму, Измената дефинира масло од коноп како екстракт кој содржи високи концентрации на канабиноиди, особено на ТХЦ. Целта на Измената е да се регулира медицинската употреба на канабисот, а тоа подразбира и употреба на екстракти од канабис кои содржат висока концентрација на канабидиол и ниска концентрација на ТХЦ. Оттука, нејасно е дали пропишаниот режим на препишување и издавање на овој вид на екстракт од коноп, ќе важи и доколку екстрактот има минимум ТХЦ, односно не е психоактивна супстанција и нема психоактивно дејство.

 

Неконзистентни цели на Законот и Измените

Целта на Законот е спречување на злоупотребата на опојните дроги и психотропни супстанции, спречување на недозволено производство и промет на опојни дроги и психотропни супстанции и растенија од кои може да се добие опојна дрога. Од друга страна, целта на Измените е регулирање на медицинската употреба на канабисот, а не “одгледување на коноп кој е наменет за производство на опојна дрога” како што стои во новата глава која треба да се додаде со Измените. Поради ова, сметаме дека регулирањето на медицинската употреба на канабис треба да биде регулирана со посебен закон кој ќе ги има предвид спецификите на растението канабис, бројните студии за ефектите од употребата како и развојот на законската рамка во земјите каде е регулирана медицинската употреба на канабисот.

Со Измената, во повеќе одредби се додаваат зборовите “и/или коноп” во постоечките одредби со кои се регулира одгледувањето, производството и продажбата на афион. На овој начин овие две супстанции се изедначуваат, а преку наметнување на посебни услови со дополнителната глава за одгледување на коноп, дури и се предвидува построг режим за конопот во однос на режимот на одгледување и производство на афион. Предлгачот очигледно го занемарува фактот дека афионот е растение од кое со преработка се добива хероин и растение од кое со мала интервенција – засекување на чушката, се добива смола/катран  чија употреба  предизвикува физичка зависност. Во спротивно не постојат студии кои докажуваат зависност од канабис.

 

Канабисот како лек

Во членот 24 од Законот се додава став 3 со кој се дозволува производство, промет, поседување и употреба на канабис, канабис смола, екстракт и тинктура на канабис за намени и под услови утврдени со Измените. Имено, Законот со кој се контролира производството и употребата на дроги и психотропни супстанции регулира услови за производство и примена на лек. Всушнот и во членот 30 од Законот се предвидува дека за супстанциите и растенијата класифицирани во листите II и III како лекови и нивни препарати се применуваат прописите за лекови. Со измените на законот се регулира препишување на лекови кои содржат ТХЦ, дронабинол или набилон што треба да биде регулирано со прописите за лекови. Според гореспоменатите листи, канабисот и канабис смолата се дел од третата листа,[1] а со оглед дека целта на Измената е регулирање на медицинската употреба на канабисот, регулирањето на употребата на канабисот како лек треба да биде регулирано со прописи за лекови или во посебен закон.

Во членот 41 се додава нов став со кој се предвидува/ограничува кој може да ги препишува лековите кои содржат ТХЦ, дронабинол и набилон. За разлика од начинот на регулирање на останатите лекови, со Измените (на законот за дроги) се предвидува кои специјалисти можат да дадат препорака за препишување на лекот од доктор на медицина, специјалист по општа медицина, специјалист по семејна медицина и специјалист по педијатрија.  Прецизирање/ограничување на специјалистите кои можат да го препорачуваат канабисот за лекување е прашање кое треба да се регулира со прописите со  кои регулираат лековите, нивната регистрација и примена. Лековите што се употребуваат во хуманата медицина, условите и начинот за обезбедување на нивниот квалитет, безбедноста и ефикасноста, начинот и постапките за нивно производство, испитување, ставање во промет, промет, формирање на цени, контрола на квалитет, огласување и инспекциски надзор, се регулира со Законот за лекови и други медицински помагала.[2] Лековите што се користат во Македонија треба да бидат достапни во прометот на лекови врз основа на одобрение за ставање во промет издадено од Агенцијата за лекови по доставената потребна документација и во постапка пропишана со Законот за лекови и други медицински помагала. Законот за лекови и други медицински помагала е усогласен со Директивата 2001/83/EC за медицински производи за хумана употреба.[3] Во врска со класификацијата на лековите, Директивата предвидува медицински производи што се издаваат со рецепт и медицински производи што не се издаваат со рецепт. Според Директивата одредени лекови се пропишуваат на рецепт ако лековите можат да претставуваат директна или индиректна опасност, дури и кога се употребуваат правилно без медицинска супервизија; лекови што често и во најголем број случаи се употребуваат неправилно, а што може да резултира со директна или со индиректна опасност за човечкото здравје; содржат супстанции или препарати чие дејство или реакција бара дополнителна истрага или најчесто се пропишани од лекар за парентерално администрирање. Според Законот за лекови и други медицински помагала, лек што се издава без рецепт е лек со широк спектар на терапевтски индикации, со мала токсичност, со мала можност за предозирање, со незначителни интеракциии, со добро познати индикации за пациентите и е соодветен за самолекување. Канабисот е лек со мала токсичност  и може да се квалификува во лек чиј режим на издавање ќе биде послободен во насока на обезбедување на поголема достапност. Бројните истражувања за дејството на канабисот во медицински цели покажуваат дека канабисот е делотворен за различни состојби. Ако целта на Измените е регулирање на медицинската употреба на канабисот, нема оправдување за ограничените специјалистички гранки во кои канабисот може да се препорача, затоа предлагачот мора да ги има предвид сите здравствени состојби за кои постојат докази дека канабисот ги подобрува и да ја избрише одредбата со која се ограничува препишувањето на канабисот во неколку специјалистички гранки.

Измените, исто така, огранучуваат канабисот да може да се препишува на пациентите само од страна на специјалисти вработени во јавното здравство. Ова е спротивно на правото на лекување и изборот на лекар од страна на пациентите. Согласно начелото на достапност, пациентот има право на избор и промена на здравствен работник и здравствена установа, во рамките на здравствениот систем (член 5, Закон за заштита на правата на пациентите). Пациентите имаат право да користат здравствени услуги по сопствен избор во јавна и приватна здравствена установа, а Законот мора да го обезбедува пристапот до лекови на сите пациенти под еднакви услови. Всушност приватните здравстевни установи спроведуваат јавна дејност-здравствена заштита на граѓаните и не постои законско образложение за исклучување на приватните здравствени установи од закон со кој се регулира лекување на пациенти.

 

Одгледување на коноп

Со Измената во членот 14 од Законот се проширува надлежноста на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) да врши контрола на семенскиот материјал на конопот кај овластениот производител на конопот, да врши контрола во прометот на семенскиот материјал, контрола на сеидбата, производството, контрола пред и по жетвата и контрола на откупот на конопот. Со додавање на зборовите и/или коноп, се укажува дека еден ист производител може да произведува семенски материјал за афион и/или коноп, да сее афион и/или коноп, да произведува афион и/или коноп и да откупува афионова слама и/или коноп. Навидум, Измените оставаат впечаток дека изедначени се условите за одгледување и производство на афион и коноп. Сепак, ако внимателно се анализираат бараните услови, постапката за добивање на дозвола, начинот на обезбедување на просторот, неспорно е дека се бараат значително потешки услови (физички, просторни, човечки ресурси, финансиски) за производителите на коноп.

Првата разлика е во тоа што одгледувањето на конопот е забрането за физички лица, додека одгледувачи на афион може да бидат правни и физички лица. Одгледувачите на афион кои имаат одобрение, сеидбата може да ја пријават до МЗШВ и 15 дена по извршеното сеење, додека конопот не смее да се сее  пред производителот да добие дозвола од Министерството за здравство, по претходна добиена согласност од Владата. Инсистирање на согласност од Владата, при издавање на дозволата, дополнително ја обременува постапката и неосновано наметнува построг режим за сеење, одгледување и производство на конопот.

Правното лице кое има дозвола за одгледување на коноп мора да поседува сертификат за садниот материјал, како и план за одгледувањето кои треба да ги достави до МЗШВ, заедно со барање за садење коноп, обврска која ја немаат производителите на афионот. Коноп може да се одгледува за медицински и научни цели. Одобрението за одгледување на коноп го издава Министерството за здравство, а за афион МЗШВ. Афионот може да се одгледува без дозвола, доколку се одгледува за научни цели доволно е да се пријават во МЗШВ површините на кои ќе се одгледува афионот. Овој исклучок не постои за одгледување на коноп во научни цели.

Правните лица кои одгледуваат коноп имаат обврска најпрво да ја пријават бербата кај надлежната комисија и дури откако ќе ја известат, можат да ја извршат бербата. По завршување на бербата, комисија треба да изврши увид во собраниот материјал, па потоа одгледувачот може да премине на фазата на сушење на собраното растение.  Одгледувачите мора на површината каде се одгледува канабисот да имаат капацитет за сушење од каде спакуваниот материјал се пренесува до производителот на препарати од коноп. Обврската на правните лица, сушениот материјал да го пренесуваат во придружба на полицијата претставува дополнително финансиско оптеретување за одгледувачите на коноп. Оваа обврска не посоти за одгледувачите на афион.

 

Услови за правните лица

Законот ги утврдува условите кои правното лице треба да ги исполни за да добие одобрение за одгледување на коноп. Според критериумите, правното лице треба да има капацитет за одгледување на конопот, но истовремено и соодветен простор за сушење, складирање, односно производство и преработка на коноп. Правното лице треба да вработи најмалку четири луѓе од кои фармацевт со три години работно искуство и агроном насока полјоделство со три години работно искуство. Повторно, ваква обврска за вработување на конкретен профил на професионалци, законодавецот не предвидел за одгледувачите на афион.

Во врска со безбедносните барања, Измените предвидуваат дека просторот за одгледување на коноп треба да биде атмосферски заштитен, но не е јасно што тоа подразбира и кое е оправдувањето за ваквото барање. Понатаму, просторот треба да е ограден со ограда висока најмалку 4 метри и обиколена со три реда бодликава жица над оградата. Дополнително оптеретување за правните лица кои треба да го организираат одгледувањето на канабисот е и обезбедување на видео надзор над целиот простор и физичко обезбедување 24 часа секојдневно. Барањата за обезбедување на технички и безбедносни услови со задолжителен персонал вработен во правното лице ќе биде финансиска бариера за голем број лица кои сакаат да одгледуваат коноп.

 

Казнени одредби

Со Измените се воведуваат казнени одредби со високи затворски казни за одговорните лица или лица кои работат во правните лица кои казни не важат за производителите на афион и други контролирани супстанции регулирани со Законот.  Со членот 95-г се предвидува казна затвор од 1-5 години за вработен кај правното лице кој ќе задржи, изнесе, пренесе семе, расад, лист од коноп наменето за лична употреба. Оваа одредба за прв пат законски ја криминализира личната употреба на канабис. Актуелниот Кривичен Законик не предвидува санкција за лична употреба, односно поседување заради лична употреба. Досегашната пракса на органите за спроведување на законот на казнување на поседување на дрога за лична употреба е штетна и ги повредува правата на луѓето кои употребуваат дроги. Со измената ќе се легитимира постоечкото постапување на криминализација на поседувањето за лична употреба што дополнително ќе влијае на влошување на правата на луѓето кои употребуваат дроги.

Ако повеќе луѓе го извршиле опишаното погоре или е организирана мрежа на препродавачи или посредници или организирано е задржување, изнесување, пренесување семе, расад, лист од коноп наменето за лична употреба, лицето ќе се казни со казна затворт од 3-10 години. Иста казна е предвидена и за оној кој ќе бара, нуди или земе пари или друга материјална корист како паричен надоместок за изнесување, пренесување на семе, расад, лист од коноп.

Законодавецот веќе го има регулирано неовластеното организирање, произведување, преработување, продавање или нудење на продажба или заради продажба купување, држење или пренесување или посредување во продажба или купување или на друг начин неовластено пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и за овие дејствија предвидува казна затвор од три до десет години. Со оваа одредба не е предвидено казнување на поседувањето за лична употреба. Криминализацијата на употребата на дрога за лична употреба значи уназадување на правата на луѓето кои употребуваат дроги. Согласно член 50 ст. 3 од Уставот гарантира право на граѓаните да бидат запознаени со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита.

Ако се усвои измената, исти дејствија ќе се регулираат на различен начин со што се нарушува правната сигурност како составен дел на принципот на владеење на правото загарантирано со член 8 од Уставот на Република Македонија. Според Уставниот суд, “законодавецот има уставна слобода при регулирање на правните односи да се определи дали одредена проблематика ќе ја уреди во веќе постоечки или тоа ќе го направи со нов закон, но при тоа заради можноста од повреда на принципот на владеење на правото треба да се внимава една иста проблематика да не ја уреди на различен начин во два или повеќе закони што се во важност.” Во конкретниот случај Кривичниот законик и Измените третираат различна правна проблематика  и општествена појава, иако во основа имаат заедничка тематика –регулирање на поседувањето, одгледувањето, производството на контролирани супстанции, растенија и препарати. Измената има за цел да го ја регулира медицинската употреба на конопот, а во предложените одредби се регулираат веќе регулирани прашања на различен начин од веќе постоечки закони кои се донесуваат со двотретинско мнозинство од вкупниот број на пратеници. Уредувањето на различен начин на едно исто прашање го повредува принципот на владеење на право. Специјалниот известувач на ОН за правото на највисок можен стандард на физичко и ментално здравје смета дека потребна е промена во казнената политика која треба да се базира на човекови права, а не санкционирање на употребата на дроги. Светската здравствена организација во 2014 препорача на земјите да ги ревидираат законите и да ја декриминализираат употребата на дрога. Измените одат во спротивен правец на меѓународните стандарди и заговараат воведување на построга казнена политика и затворска казна за поседување на канабис за лична употреба.

 

Целта на Измените е регулирање на медицинската употреба на конопот, а од анализата погоре произлегува дека одредбите не и служат на планираната цел, напротив фаворизираат финансиски моќни правни лица кои ќе го контролираат пазарот со овој лек. Високите финансиски трошоци за воспоставување на услови за сеење, одгледување и производство  на канабис, ќе влијае на висината на цената на крајниот производ. Лекови со висока цена се непристапни за најголем дел на граѓаните со што се повредува правото на лекување. Растението за кое постојат сé посилни и побројни докази за неговата делотворност кај многу здравствени состојби, употребата на канабисот е лимитирано со препорака на специјалисти од четири специјалистички гранки од јавното здравство со што се ограничува пристапот на пациентите до канабисот. Строгите критериуми за потенцијалните одгледувачи ќе го поддржат опстојување на нелегалните пазари и производство на екстракти од канабис со неконтролиран квалитет. Измените криминализираат употреба на канабис за лична употреба што е спротивно на уставниот принцип на владеењето на правото и спротивно на развојот на меѓународните стандарди за заштита на човековите права и унапредување на здравјето на луѓето. Предложените измени имаат номотехнички недостатоци, а најголем дел од одредбите треба да бидат поместени во правилник кој ќе ги уредува поблиските услови за спроведувањето на Измените.

 

 

[1] Службен весник на Република Македонија бр. 112/2009. Листи за класификација на супстанции и растенија во листитет од меѓународните конвенции за опојни дроги и психотропни супстанции во категорија на опојни дроги и психотропни супстанции.

[2] Службен весник на Република Македонија бр. 106/2007, 88/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011 и 11/2012. Закон за лековите и медицинските помагала.

[3]http://ec.europa.eu. Directive 2001/83/EC of the EUROPEAN PARLIAMENT AND OF THE COUNCIL of 6 November 2001, on the Community code relating to medical products for human use.