ПРИДУШЕНИ ГЛАСОВИ: АНАЛИЗА НА ЗАСТАПЕНОСТА НА РОДОВИТЕ И НА ЛГБТИК+ ПЕРСПЕКТИВИТЕ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ 2025 ГОДИНА

ЛИНК ЗА СИМНУВАЊЕ НА АНАЛИЗАТА

Коалиција Маргини изминатиов направи мониторинг на локалните избори во Северна Македонија и како резултат ја издаваме нашата публикација „ Придушени гласови: Анализа на застапеноста на родовите и на ЛГБТИК+ перспективите на локалните избори 2025 година“. Уредник на апликацијата е Ангел Димитриевски, а авторка на публикацијата е Елена Данова.

Во оваа анализа прегледавме три различни ентитети – географски подрачја во државата: Град Скопје, Општина Битола и Општина Струмица, и за секој од нив ги анализиравме програмите на највлијателните политички партии и по барем една независна советничка група со или без кандидат за градоначалник. Така, за Град Скопје, ги анализиравме програмите на партиите ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и Левица, како и две независни групи – Зелен хуман град и Независни заедно. Во Општина Битола ги анализиравме програмите на партиите ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и Левица, како и на независната група Поинаку. Во Општина Струмица ги анализиравме програмите на ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и Левица, како и на независната група СТИГА Е.

За секој од географските ентитети посебно, ги анализиравме програмите од избраните политички партии и групи низ следните области, релевантни за родовите и сексуалните малцинства: урбано и инфраструктурно планирање; социјална заштита и социјален развој; човекови права, еднаквост и безбедност.

Приоритетен фокус при анализата беа активностите кои ги засегаат жените, девојките и ЛГБТИ+ лицата. Особено внимание посветивме да ја увидиме и сензибилизираноста која кандидатите ја имаат за потребите на овие групи, како и способноста интерсекциски да ги поврзат причините, последиците и решенијата за секој од таргетираните проблеми.

Анализата се темели врз квалитативна содржинска анализа на достапните и претходно селектирани изборни програми и јавно достапни комуникациски материјали, како соопштенија, изјави, јавни дебати и интервјуа. Секоја програма беше разгледана низ призмата на родовата и ЛГБТИ+ еднаквост, инклузијата и безбедноста на овие малцинства. Длабочината и опсегот на оваа анализа се ограничени поради ресурсите и временската рамка, но добиените податоци овозможуваат репрезентативен увид во начинот на кој локалните политички актери ги вклучуваат (или ги исклучуваат) прашањата поврзани со родовите и сексуалните малцинства во своите програми и политики.

Анализата доаѓа како акција којашто ја преземавме по објавeниот Проглас за локалните избори: Достоинствени локални политики за маргинлизираните заедници што беше адресиран до сите политички чинители од повеќе од 50 граѓански организации членки на Националната мрежа против хомофобија, бифобија и трансфобија и Платформата за родова еднаквост.

Уреднички вовед во анализата

Оваа анализа ја именувавме „Придушени гласови: Анализа на застапеноста на родовите и на ЛГБТИК+ перспективите на локалните избори 2025 година“ како повеќеслојна резонанција на темата за придушените гласови. Придушеноста ја наоѓаме токму во нашите тела, не само како директен отров што секојдневно го дишеме, како сите други граѓани и граѓанки на овие градови, туку и како придушеност поради неможноста да се пронајдеме во дискурсот на овие избори. Гласот во овој наслов не се однесува само на нашето демократско право и на нашата сведеност на гласачи секои две или четири години, туку и на глас којшто е отсутен, избришан и неизговорен, а во исто време има огромна шанса за радикална трансформација на ова општество, и којшто останува игнориран поради неговата контроверзност и пресметката дека сепак, на крајот, родовите и ЛГБТИК+ прашања може да им причинат повеќе штета отколку корист на партиските, па и на непартиските структури.

Локалните избори во 2025 година беа организирани спроти повеќекратни национални, но и локални колапси коишто ги допираат нашите секојдневни животи. Така, не може да не бидеме збунети, лути и гневни што најспомнуваното ветување на овие избори беше она за чисти градови, особено потенцирано во градот Скопје. Додека кандидатите за градоначалници ветуваа чистење на градот за 72 часа, па сè до некакви наводни стратегиски пристапи за почист град, се чини дека заборавија колку е сето тоа навредливо кон гласачкото тело коешто остана преплавено во смет, а градот под наезда од стаорци коишто веќе се накотија пред вториот изборен круг и каснаа дете во Капиштец, додека некаде во заднината одекнуваше химната на партиските митинзи каде што истите тие ветувања за чисти градови се продаваа како магичното решение за новото подобро утре. Веројатно нема поголем национален интерес или патриотски чин од тоа да им овозможите на вашите гласачи да живеат во чисти градови, да дишат чист воздух и да се движат во функционални јавни простори.

Во еден наелектризиран период во којшто владејачките структури ги ставаат точно децата како некакво положување надеж за иднината, раѓањето и наталитетот како некаков повторен спас од исчезнувањето на нацијата, се зборува за децата што ќе бидат родени наспроти децата што живеат сега и тука, осудени и казнети, каснати од накотени стаорци во своите соседства, како најконкретната манифестација на нефункционалните локални политики.

Оваа анализа доаѓа во едно специфично време кога се чини дека, наместо нашите визии за локални политики храбро да чекорат напред, да исцртуваат градови и соседства, урбани и периферни географии во коишто достоинствено ќе ги живееме нашите животи, каде што не само ќе преживуваме, туку здраво ќе живееме не плашејќи се длабоко да земеме здив, тие го прават сосема спротивното. Бевме пресретнати со изборни програми коишто ветуваат концепти што одамна требаше да бидат постигнати, прашањата со функционалниот јавен превоз, чистите градови, пристапот до културно разнолики афирмативни простори и програми, локални младински политики. Во дадениот контекст, овие прашања се јавуваат со решенија во нивната најбазична форма, како чистење на преплавени градови од смет, дислоцирање на диви депонии или, пак, дури и воведување нови автобуски линии.

Еден од поголемите предизвици на оваа анализа беше токму да го лоцира погледот кон маргинализираните заедници на еден отворен, недвосмислен и визионерски начин. Интиутивно знаевме дека тоа не е возможно поради дадениот контекст во којшто правата и средините на нашите локални заедници забележливо назадуваат, но сепак сакавме да бидеме доволно љупобитни да видиме како и на кој начин жените и ЛГБТИК+ лицата зафаќаат место во политичкиот дискурс, на еден од најдиректните начини што ги засега нашите животи – нашите локални политики.

Анализата ни покажа апсолутно отсуство на каква било политичка заложба кон ЛГБТИК+ лицата, додека жените беа врамени низ политиките во коишто се залечуваат последиците од родовото базирано насилство, низ повторните ветувања за отворање на шелтер-центрите или, во некои случаи, и од директното телесно разболување на жените, во некои програми перформативно обележано преку женски трки за подигнување на свеста за ракот на дојката. Превентивните, еманципаторски политики во коишто нашите заедници не се само жртви и се разговара надвор од  некои безбедносни леќи се чини дека се невозможни поради кусогледото политичко визионирање на овој политички пејзаж.

Со избирањето на претставниците на локалната самоуправа, на овие избори го забележуваме и можеби најголемото мобилизирање на граѓаните за директно учество во работата на општините преку Советите или, пак, како градоначалнички кандидати организирани во независни граѓански листи. Овие граѓански мобилизации даваат поттик за некакво освежување и можност за преобмислување на тоа од каде доаѓаат претставниците во политиката – директно од народот. Во нашата анализа вклучивме и неколку од овие независни групи од трите града што ги анализиравме и притоа беше забележително дека овие групи ја адресираат маргинализацијата на жените, допирајќи ги и изворите на таквата маргинализација, како на пример токсичната машкост. Сепак, дури и во овие програми наидовме на прилично тесно гледање на прашањата поврзани со родовите и сексуални малцинства. Иако беше положена голема надеж во ваквите групи, сепак ниту една од овие анализирани групи не успеа да ги спомне ЛГБТИК+ луѓето како маргинализирана група којашто изискува посеопфатно гледање на нашите градови како достоинствени места на живеење, што зборува за отсуството на нашите гласови во овие пошироки коалиции. Истовремено, го забележавме и употребувањето на термините како родова рамноправност наместо родова еднаквост, дури и кај независните кандидати. Можеби станува збор за површно познавање на ова прашање и несвесност дека крајно десни, екстремни и антиродови движења се организираа за бришење на термините како родова еднаквост и се залагаа токму за навраќање кон термините како родова рамноправност, наоѓајќи длабоко трансфобични корени во ваквата резонанција. Токму и поради отворената природа на овие независни групи, сметаме дека нивната задача е да се отиде отаде тесногледоста по прашањата на сексуалните и родовите малцинства, најчесто позиционирани како последна точка или како некаков украс во програмата, и да се пристапи кон нив како кон интерсекциско прашање што се поврзува со темите на екологија, култура, гентрификација и хумани градови.

Нашата улога е и, покрај сè, да не му се предадеме на очајот, да ги подигнеме политичкиот дискурс на едно посистемско ниво и да го вратиме вниманието во корените на проблемите, а тоа се сексизмот, мизогинијата, фемицидите, хомофобијата, трансфобијата, корупцијата, проблеми коишто секојдневно ги уништуваат нашите животи, наместо да се заплеткуваме во површни ветувања за чистење преполни контејнери. Преку оваа анализа, сакаме да покажеме дека ги одбиваме ваквите спин-тактики коишто наменски им се наметнаа на граѓан(к)ите, да не може да дишат и да се движат во своите градови како некаква итна криза којашто треба да се реши преку избори, и така секоја друга тема да биде потисната, неприоритизирана или, едноставно, придушена. Локалните политики се нашите секојдневни животи и за нив ќе се бориме постојано.