Овој извештај е подготвен во согласност со Mетодологијата за четиримесечни извештаи и годишен извештај за повреда на човекови права на маргинализирани заедници, во рамки на заедничкиот проект Пристап до правда и човекови права поддржан од УСАИД. Во рамки на проектот носителот, Коалиција Маргини и партнерите, Хелсиншки комитет за човекови права, ХЕРА и Еквалис спороведуваат заеднички активности за обезбедување на интегрирани услуги на ЛГБТИ лица и жртви на родово засновано насилство.
Извештајот се однесува на првите четири месеци од 2024 година и го опфаќа периодот од 01.01.2024 до 30.04.2024 година. Во овој извештај се вклучени податоци од три датабази – платформата за документирање случаи на повреда на права на Коалиција Маргини (https://goeasy.eu/margini/survey/survey.html), како и платформите на Хелсиншкиот комитет за човекови права за пријавување говор на омраза (www.govornaomraza.mk) и криминал од омраза (www.zlostorstvaodomraza.com).
Во периодот од 01.01.2024 до 30.04.2024 година, регистрирани се вкупно 440 пријави на говор на омраза, од кои 238 се случени поради етничка припадност, 125 поради политичка припадност, 95 поради национална припадност, 70 пријави поради сексуална ориентација и родов идентитет, и др.
Надвор од областа говор на омраза, најмногу прекршувања на права има во здравството со 11 случаи, во најголема мера поврзани со прекршување на права на пациенти со ХИВ, а потоа во работните односи со 5 случаи, поврзани со дискриминација врз основа на род и здравствен статус. Следува образованието со 2 случаи каде што има дискриминација врз основа на род и сексуална ориентација, родово засновано насилство/семејно насилство (РЗН/СН) фигурира како 1 случај, и други повреди на права од државни органи се појавуваат во 1 случај.
Овој извештај е подготвен од Коалиција МАРГИНИ Скопје и Хелсиншкиот комитет на човекови права со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во овој извештај им припаѓаат на авторите и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на САД.