Целта на овој Извештај е да го процени исполнувањето на уставните и на законските надлежности на Народниот правобранител во полето за промоцијата на еднаквоста и на недискриминацијата во општеството, како и постапувањето по претставки за заштита од дискриминација во еден подолг временски период, односно од 2010 до 2019 година. Тој треба да биде корисна алатка при планирање и при преземање на активности за застапување, насочени кон унапредување на законската рамка за спречување и заштита од дискриминација, како и надминување на недостатоците при нејзиното спроведување во практиката.
Земајќи ја предвид огромната одговорност на оваа институција, Извештајот од набљудувањето на работата на Народниот правобранител со фокус на спречувањето и заштитата од дискриминација (за периодот 2010 – 2019 година) треба да придонесе кон унапредување на ефикасноста и делотворноста на работата на Народниот правобранител, особено во спречувањето и заштитата од дискриминација во Република Северна Македонија.
Документот се заснова врз преглед на различен тип на податоци за исполнување на законскиот мандат на ова тело во унапредувањето на недискриминацијата во земјата и особено – на поединечните проблеми на ранливите групи граѓани (ЛГБТИ, лица кои живеат со попреченост, луѓе кои користат дроги, лица кои живеат со ХИВ, жени, сексуални работници/чки, Роми, сиромашни луѓе итн.) кои се жртви на дискриминација од страна на различни надлежни државни органи, јавни установи и служби.
Заштитата од дискриминацијата е суштински дел од сите човекови права и го гарантира правото на еднаквост на сите. Еднаквоста на слободите и правата на сите граѓани е уставно загарантирана, независно од полот, родот, расата, бојата на кожа, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената состојба итн. Постоењето на институционално независно тело какво што е Народниот правобранител, кое ќе одговара пред законодавната власт чиишто претставници се народните избраници – пратениците, има огромно значење за целокупниот правен систем во една држава и за практичното спроведување на спречувањето и заштитата од дискриминација. Тоа треба секогаш да стои на страната на граѓаните кога нивните човекови права се повредени од страна на државната управа и другите органи со јавни овластувања. Народниот правобранител има изречна обврска да ги штити граѓаните од дискриминација, активно да ги следи нивните правни проблеми поврзани со дискриминацијата, да учествува во нивно решавање и да постапува соодветно по претставките за заштита од дискриминација, но и да се застапува за унапредување на законската рамка за недискриминација и надминување на нејзините недостатоци.
Издавачи на Извештајот и на Извршните резимеа се Коалиција МАРГИНИ и Мрежата за заштита од дискриминација.
Автори на истражувањето се правните советници Стојан Мишев и Сања Јовановиќ-Панева, а коавторка е правната советничка и програмска координаторка Драгана Дрндаревска.
Уредничка на публикацијата е Мања Величковска.
Лекторка на текстовите на македонски јазик е Виолета Танчева-Златева, а на албански јазик Лејла Ќалили.
Преведувач на Извршното резиме од Извештајот е Грамоз Шабани, а преведувачка на англиски јазик е Ана Василева.
За графичко уредување и дизајн одговорни се КОМА, а печати Винсент графика.