Macedonia

Г-дин Никола Груевски, премиер на Република Македонија
Г-дин Васко Наумовски, вицепремиер за европски прашања
Г-дин Џелал Бајрами, министер за труд и социјална политика
Г-дин Михајло Маневски, министер за правда
Г-дин Трајко Велјановски, претседател на Собранието на Република Македонија
Г-ѓа Благородна Дулиќ, претседател на Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија
Г-дин Петар Поп Арсов, претседател на Комисија за европски прашања, Собрание на Република Македонија
Г-ѓа Весна Бендевска, претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на граѓанските слободи и права, Собрание на Република Македонија

Брисел, 1 Февруари 2010

Ваши Екселенции,
 
По извршените консултации со групите на граѓанското општество во Македонија, ви пишуваме вам, како претставници на извршните и законодавните ограноци на Владата на Република Македонија, со цел да ве замолиме да се задржи недискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација во сеопфатниот Предлог-закон за анти-дискриминација, кој е на разгледување во Република Македонија.

Длабоко нè загрижува податокот дека сеопфатниот Предлог-закон за борба против дискриминација беше изменет со што беше исклучена сексуалната ориентација како основа за заштита во Законот за анти-дискриминација.

Лезбејките, геј, бисексуалците и трансродовите (ЛГБТ) лица се соочуваат со дискриминација, нивните основни човекови права се негирани во секојдневниот живот и се редовно подложени на насилство во Македонија. Како што потврди Европската комисија во Извештајот за напредокот на Република Македонија од 2009 година, „Закон за не-дискриминација сè уште не е донесен, а постојните правни одредби не се во целост хармонизирани со правото на ЕУ. "[...] „Ниту Уставот, ниту постојното законодавство не ја утврдува сексуалната ориентација како основа за дискриминација. Лезбејките, геј, бисексуалците и трансродовите (ЛГБТ) лица не се заштитени од директна или индиректна дискриминација и се стигматизирани, особено во руралните области“.

Како земја-кандидат за членство во Европската унија, од Република Македонија се  очекува да воведе сеопфатен закон за анти-дискриминација, со кој се утврдува заштита од дискриминација врз основа на 6 основи на дискриминација, вклучувајќи ја и сексуалната ориентација.

Сите 27 земји членки на Европската унија донесоа законодавство за не-дискриминација при вработување, со што конкретно се покрива сексуалната ориентација, во согласност со Директивата 2000/78/EК на Советот. Во повеќето земји-членки заштитата од дискриминација врз основа на сексуална ориентација ги покрива и областите како што се здравствено и социјално осигурување, покрај вработувањето. Земјите кои имаат аспирации да станат членки на ЕУ, како Хрватска, Србија
и Босна и Херцеговина, исто така, усвоија сеопфатни анти-дискриминациони закони кои експлицитно ја покриваат сексуалната ориентација.

Искуството на некои од новите земји-членки (на пример, Латвија) покажа дека вклучувањето на  сексуалната ориентација во заглавјето „други основи“ не е доволно за да се обезбеди заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и не е во согласност со правото на ЕУ.

Навистина, без конкретна и силна заштита од анти-дискриминација во законот, ЛГБТ лицата и понатаму ќе се соочуваат со дискриминација и насилство и ќе бидат принудени да живеат под постојаниот
притисок на таинственоста.

Во заклучок, се залагаме Владата на Република Македонија да го задржи  целосниот список на основи на заштита, вклучувајќи ја и сексуалната ориентација во Законот за анти-дискриминација.
 
Со почит,

Евелин Паради,

ИЛГА-Европа, Извршен директор

Превземето го писмото во ПДФ форма овде.


Реакција и Апел по повод говорот на претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ на 12 Годишната конференција на Униjа на жени на ВМРО-ДПМНЕ


На 20.12.2009 беше одржана 12 Годишна конференција на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ под мотото “Вистински вредности во вистински раце“. Во своето обраќање на конференцијата, претседателката на Унијата,  Косана Николиќ Мазнева потенцирајќи ги нивните заложби за зачувување на “традиционалните семејни вредности“, како и потенцирајќи ги “владините заложби за многудетно семејство и воведување на веронауката во образованието“, промовираше и хомофобичен говор како стратегија на ширење на страв со кој директно и недвосмислено беше нападнат концептот на истополови заедници и брак и истиот беше окарактеризиран како закана за општеството и извор на загрозување на традиционалните семејни вредности.

Коалицијата за заштита и промоција на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници најостро реагира на ваквиот говор кој претставува манипулација со состојбата и правата на една од најмаргинализираните заедници во општеството, во момент кога треба да се донесе законот за борба против дискриминација и кога допрва во земјата почнува да се иницира дебата и да се крева јавната свест за концептот на недискриминација. Загрижувачка е ситуацијата која засведочува и потврдува една континуирана пракса на ширење на хомофобија од страна на демо-христијанската централно-десничарска владеачка структура, започнувајќи од хомофобичните изјави на актуелниот министер за надворешни работи, Антонио Милошевски, уште во предизборната кампања во 2006 година, па преку актуелниот Претседател на државата во неговата предизборна кампања и конечно со оваа изјава на претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Денес е 17-ти Декември, Меѓународен ден за борба против насилството врз сексуалните работници.“

Во Македонија, како и низ светот, сексуалните работници се истуркани на маргините од општеството преку комбинација од предрасуди, дискриминација, и насилство. Навредите и омразата ги обременуваат нивните животи, доминираат во медиумските извештаи, и го насочуваат пристапот на институциите кон нив. Но, животот на сексуалните работници се состои од многу повеќе, и продавањето сексуални услуги не го оправдува негирањето на основните човекови права, кои треба им бидат загарантирани на сите луѓе подеднакво.

“Треба да Знаеш за Мене” е приказна за искуствата и желбите на сексуалните работници на и вон улицата, раскажана од прва рака. Справувајќи се со малтретирањето и насилството од клиентите, макроата и полицијата, сексуалните работници се трудат да му се спротивстават на негативниот општествен став со тоа што гласно проговараат и се борат за своите основни права.

Овој филм повикува на нула толеранција за насилството против сексуалните работници, соодветна истрага и гонење на сторителите, и координиран одговор од институциите за вистинските потреби на сексуалните работници.

Погледнете и превземете акција: http://hub.witness.org


По повод 17 Декември-Ден за борба против насилството врз Сексуалните работници/чки и 10 Декември - Ден на човековите права во рамките на Програмата за поддршка на Сексуални работници/чки на ХОПС со цел да се одбележат овие денови се организира Недела на човекови права 10-17 Декември со разни активности во Дневниот центар и на терен.

На 10 декември се спроведе едукативна работилница на која беше прикажан филм со тематика човекови права а потоа имаше кратка презентација за значењето на денот.

Понеделник (14.12) ќе се спроведе работилница - Законска регулатива и СР и придобивките од легализација, вторник (15.12) ќе се прикаже филмот - Треба да знаеш за мене и ќе има психо-социјална работилница за насилството и емоциите поврзани со него.

Во среда (16.12) ќе се изработува постер на тема 17 Декември и човековите права, а во четврток (17.12) повторно ке се прикажува филмот - Треба да знаеш за мене, ќе има презентација за значењето на денот, мала забава организирана од Сексуалните работници/чки по што ќе се делат црвени чадори (акотивностите се од затворен тип).

На терен ќе се дели Манифестот на СР и летоци со кратка приказна за 17 Декември.

Коалицијата за заштита и промоција на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници, во соработка со Х.Е.Р.А како партнер-организација во Коалицијата, има за чест да ве покани на панел дискусија на тема "Сексуалните и здравствените права и потребите на луѓето кои живеат со ХИВ во Македонија". Панел дискусијата ќе се одржи на 15.12.2009, вторник, во Холидеј Ин, со почеток од 11.00 часот.

Се надеваме дека ќе не почестите со вашето присуство со што сите заедно би развиле плодна дискусија и би иницирале јавна дебата по однос правата на луѓето кои живеат со ХИВ во Македонија и борбата против нивна стигматизација.

 


Објавено е првото издание на е-билтенот на Коалицијата за заштита и промоција на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници. Во овој број на билтенот ќе најдете информации за активностите иницирани од  Коалицијата или нејзините членки во последниве три месеци, a поврзани со сексуалните и здравствените права на ЛГБТ популацијата, Сексуалните работници/чки, Корисниците на дроги илицата кои живеат со ХИВ/СИДА. Превземете го билтенот.


По 21-ви пат, денеска, светот ќе го одбележи меѓунаордниот ден посветен на борбата против СИДА-та. Групата што работи на оваа тематика при Обединетите нации, а во која се обединети напорите на 5-те агенции UNAIDS, UNHCR, WHO, UNFPA и UNIFEM во соработка со невладината мрежа Y-Peer, невладината Х.Е.Р.А и фестивалот ТАКСИРАТ, организира бројни активности во текот на целиот ден.

Целта е да се поддржат напорите за превенција на пандемиското ширење на ХИВ, да се подобрат условите за лекување и услугите, да се елиминира стигматизацијата и дискриминацијата на луѓето кои живеат со ХИВ/СИДА.
 
Темата на Светскиот ден за борба против СИДА-та се фокусира на аспектот на човековите права, под слоганот
“Ги живеам моите права. Стоп за сидата. Одржи го ветувањето”.

Со седум нови случаи од кои шест ХИВ-позитивни и еден заболен, Македонија и на овогодинешниот Меѓународен ден на борба против сидата се смета за земја со ниска преваленција.


Годинава Х.Е.Р.А. ја издаде на македонски јазик „Сексуални права: Декларација Меѓународната федерација за планирано родителство“ (IPPF-International Planned Parenthood Federation). Се работи за документ којшто на најсеопфатен начин во дава преглед на сексуалните права во рамката на човековите права. Сметаме дека принципите и дефинираните права во Декларацијата претставуваат основа за признавање и унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје во Македонија.

Затоа имаме чест да ве поканиме на промоцијата на ова издание кое ќе биде попратено со  трибината „Глобалната перспектива на сексуалните права и предизвиците во Македонија“ што ќе се одржи на 19. 11.2009 (четврток) во Точка во 1300 часот. Учесници во дискусијата ќе бидат Силва Пешиќ, национален советник за човекови права при Канцеларијата на постојаниот координатор за ОН, Жарко Трајановски експерт за сексуални права и Драшко Костовски како претставник од Х.Е.Р.А.  Програмата стои во прилог.

Ќе ни биде задоволство ако земете директно учество во дискусијата и ги истакнете искуствата на вашата организација во полето на сексуалните права.

 


ХОПС – Опции за здрав живот во соработка со Коалицијата за промоција и заштита на СЗП на маргинализираните заедници, и со поддршка на Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Македонија, има чест да Ве покани на панел дискусија:

‘Корисниците на дроги во медиумите – стигма и дискриминација‘

Панел дискусијата ќе се одржи на 17.11.2009 (втроник) во Клуб на Новинари, од 10:30ч до 12:30ч. Свои излагања ќе имаат: Ирена Цветковиќ, истражувач;  Лазар Бундев, активист за правата на корисниците на дроги; Славица Кнежевиќ- Гајдазис, невропсихијатар и субспецијалист за зависности, а средбата ќе биде модерирана од Жарко Трајановски, истражувач, блогер, колумнист и активист.

Коалицијата за промоција и заштита на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници (ХОПС, ХЕРА, ЕГАЛ, ММНШ, СТАР, ИЗБОР) во четврток, 05.11, во 12.00 часот, во просториите на НВО Инфоцентар (Никола Т    римпаре бр. 18 1/5) ќе организира прес конференција по  повод објавувањето на Годишниот извештај за ситуацијата со сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници.

Збор на прес конференцијата ќе земат Славчо Димитров, Координатор на Коалицијата и Жарко Трајаноски, експерт за човекови права и автор на Извештајот.

Годишниот извештај е произлезен во согласност со една од долгорочните стратешки цели на Коалицијата, односно да врши постојано мониторирање, документирање и известување за состојбата со сексуалните и здравствените права на припадниците на маргинализираните групи, како што се лезбејките, гејевите, бисексуалците и трансродните лица, мажите кои имаат секс со мажи, корисниците на дроги, сексуалните работници/чки и лицата со ХИВ/СИДА. Како резултат на едногодишниот процес на мониторирање, беа документирани 40 случаи во кои се индицираат флагрантни кршења на сексуалните права и здравствените права на припадниците на наведените групи. За жал, голем дел од лицата кои пријавија индивидуални случаи на повреда на сексуалните и здравствените права не сакаат да поведат никаква постапка, ниту пак да се известува за нивниот случај, затоа што немаат доверба во институциите на системот.
Сознанијата од овој првичен извештај се засновани не само врз документираните индивидуални случаи (кои беа пријавени кај членките од коалицијата, идентификувани од страна на мониторите или дознаени од медиумите), туку и врз постојаното следење на политиките и легислативата која  непосредно или посредно влијае на промоцијата, остварувањето и заштитата на сексуалните и здравствените права на припадниците на маргинализираните групи.

Подетални информации околу конкретни случаи, вклучително со барањата и препораките кои произлегуваат од овој извештај, прв од ваков вид, ќе бидат презентирани на самата прес конференција.


Две недели по извештајот на Европската комисија за Македонија во кој беа упатени сериозни забелешки по однос прашањето на недискриминација во земјата (посебно околу дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација), Претседателот на Р.М, Ѓорге Иванов му врачи благодарница за посебни заслуги во борбата против дискриминација на весникот и човекот кои во Македонија веќе со традиција го шират најопасниот говор на омраза кон хомосексуалците, Албанците и сите маргинализирани заедници. Да потсетиме, во својата популистички ориентирана предизборна кампања, Иванов го негираше постоењето на дискриминација врз нехетеросекуалците во Македонија и тврдеше дека истите се саможигосуваат.

Уште позагрижувачки е фактот дека оваа благодарница беше доделена од страна на организација која е еден од основачите на Сојузот “Македонија без дискриминација“, во рамки на изложба на фотографии на тема Македонија без дискриминација, организирана во партнерство со Центарот за човекови права и разрешување на конфликти, Македонскиот центар за меѓународна соработка и Министерството за труд и социјална политика.

ХОПС – Опции за здрав живот во соработка со Коалицијата за промоција и заштита на СЗП на
маргинализираните заедници, и со поддршка на Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Македонија, има
чест да Ве покани на панел дискусија:

„ЛГБТ во медиумите – заштита од говор на омраза“

Панел дискусијата ќе се одржи на 30.10.2009 (петок) во хотел Арка (мала сала), од 10:30ч до
12:30ч. Свои излагања ќе имаат: Славчо Димитров, истражувач;  Беким Кадриу, експерт за човекови
права; Тамара Чаусидис, Совет на честа при здружението на новинари на Македонија; Кочо
Андоновски, активист за правата на ЛГБТ, а средбата ќе биде модерирана од Жарко Трајановски,
истражувач, блогер, колумнист и активист.


На 14 октомври 2009 година, Европската комисија ги објави своите извештаи за 2009 година за напредокот на земјите кои аплицираа за членство во ЕУ - Хрватска, Република Македонија, Турција, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Косово. Во извештајот се потенцира напредокот направен од страна на овие земји кон ЕУ интеграцијата, како и предизвиците со кои се соочуваат. ИЛГА-Европа со задоволство гледа на референците во извештаите  кои се однесуваат на човековите права на лезбејките, гејовите, бисексуалците и транссексуалците .

ЛГБТ темите се опфатени во сите извештаи и во нив се користат построги критериуми од страна на Комисијата во однос на повредите на човековите права на ЛГБТ луѓето и за неисполнувањето на  стандардите  на европските партнерства од страна на државите - апликанти. Исто така, позитивно што се  забележува дека во извештаите се дадоа конкретни препораки до државите да воведат анти-дискриминаторските закони и политики, кои се во согласност со барањата на ЕУ. Во извештаите, исто така, се потенцира потребата во пракса да се подигне нивото на заштитата против дискриминацијата  во земјите каде што законите се донесени (Хрватска, Србија). Комисијата конкретно ги критикуваше владите за неуспехот да се обезбеди адекватна заштита на учесниците на белградскиот прајд кој доведоа до откажување на настанот, како и за повреда на слободата на изразување и здружување во фамозниот случај на Ламбда од Истанбул, Турција.


ХОПС – Опции за здрав живот во соработка со Коалицијата за промоција и заштита на СЗП на маргинализираните заедници, и со поддршка на Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Македонија, има чест да Ве покани на панел дискусија:

‘Сексуалните работници во медиумите – правото на приватност е човеково право‘

Панел дискусијата ќе се одржи на 21.10.2009 (среда) во хотел Арка (мала сала), од 10:30ч до 12:30ч. Свои излагања ќе имаат: Жарко Трајановски, истражувач;  Зоран Бојаровски, новинар;  Елена Стојановска, Дирекција за заштита на јавни податоци; Марија Тошева, ХОПС, а средбата ќе биде модерирана од Ирена Цветковиќ, истражувач, колумнист и активист.

На 04.10.2009, во Клуб на Новинари во Скопје, ХОПС во соработка со Коалицијата за промоција и заштита на СЗП на маргинализирани заедници,  спроведе работилница со новинари на тема ‘Медиуми, не-дискриминација и маргинализираните заедници‘.

Целта на работилницата беше да новинарите добијат информации за ЛГБТ популацијата, Сексуална  работа и Корисниците на дрога во Македонија, да се воспостави дијалог помеѓу невладиниот сектор и новинарите во врска со наведените теми и да се разгледа  и потенцира  улогата на медиумите во борбата против стигмата и дискриминацијата, особено насочена кон маргинализираните групи.

Настанот е дел од пошироки активности кои опфаќаат истражувачки дел на медиумите и маргинализираните заедници, работилници со новинари и тематски панел дискусии. Активностите финанскиски се поддржани од Набљудувачката Мисија на ОБСЕ во Македонија.


Од 16 до 24ти Септември, во Охрид, Македонија, се одржа третата годишна средба на SWAN, на која учествуваа 50 претставници на организации и групи на сексуални работници од 16 земји во регионот на Источна Европа и Централна Азија.

 

Самата средба претставуваше комбинација од повеќе настани – работилница за самоорганизирани акции на сексуалните работници, стратешко планирање на самата мрежа, обука за документирање на кршење на правата на сексуалните работници, обука за работа со медиуми, дискусии на теми од заеднички интерес на претставниците – промоција на регионален извештај за сексуалните работници и полициското насилство, координирање на регионалната кампања по повод 17ти Декември и слично.


Домаќин и организатор на годинашната средба беше ХОПС – Опции за здрав живот, членка на SWAN уште од самото формирање на мрежата во 2006 година.

 


Објавено е февруарско/мартовско издание на билтенот на Мрежата на организации кои работат на застапување на правата на сексуалните работници (SWAN).

Од билтенот издвојуваме:

Во фокус: 3-ти март, Меѓународен ден на правата на сексуалните работници
Денот е востановен во 2001-та кога над 25 илјади сексуални работници се собраа во Индија на фестивал на сексуалните работници. Организаторите на првиот фестивал беше Комитетот Durbar Mahila Samanwaya, група која чие седиште се наоѓа во Калкута и чие членство брои повеќе од 50 илјади сексуални работници и членови на нивните заедници. Здруженијата на сексуалните работници од целиот свет го слават 3-ти март како Меѓународен ден на правата на сексуалните работници.

Можете да прочитате повеќе за инсторијата на овој ден на Women's Rights blog
Како сексуалните работници во Њујорк го прославија овој ден можете да погледнете на следниов линк
LISTICLES.

Партнерство во акција - ХОПС користи видео во заштита на правата на сексуалните работници

ХОПС започна партнерство со Витнес (www.witness.org), оргнанизација за заштита на човековите права со седиште во Њујорк а која делува глобално и промовира видео активизам како ефикасен алат за промоција на правата на различни групи во започнати камапањи за човекови права. Партнерството помеѓу ХОПС и Витнес се состои од развивање на план за застапување преку видео во овогодишната кампања по повод 17-ти декември. Повеќе...

ЛИНК до Билтенот


Институтот Евро- Балкан, поддржан од програмата Jean Monnet Lifelong Learning Program објавува повик за учество на регионалната конференција „Интегрирање различност – Човекови права, Социјална Инклузија и Социјална Кохезија на Балканот на неговиот пат до ЕУ“ која ќе се одржи во Охрид од 23-ти до 31-ви мај 2009-та.

Целта на конференцијата е да ги промовира теоретските и практичните придобивки од концепотот за социјална инкузија, да иницира градење на регионална мрежа на академици, истражувачи, фунционери и НВО-а кои работат на полето на социјална инклузија (Балканска мрежа за социјална инклузија и европско државјаство – BNSIEC) и да стимулира солидни резултати во истражувачката агенда која ја истражува врската помеѓу социјалната ислученост и европското државјаство.

Постои можност да се аплицира како презентер на труд или за учество како слушател на конференцијата. Организацијата ќе спонзорира учество на 24 презентери на трудови и 40 слушатели.

Ве молиме, да ја земете предвид можоста да изберете помеѓу модалитетот кој вам најмногу ви одговара и со кој повеќе ќе придонесете на конференцијата.

За повеќе детали за конференцијата и подготвувањето и пријавувањето на трудовите можете да прочитате во Повикот за пријава на трудови.

За повеќе детали за конференцијата и апликацирање за учество на истата, можете да прочитате во Повикот за апликација.

Информациите во врска со конференцијата и нејзината генерална идеја, можете да најдете на страницата
www.seesoc.org.mk.

Формулар за апликација за учество на конференцијата.

ХОПС-Опции за здрав живот и Коалицијата за промоција и заштита на правата на маргинализираните заедници за потребите на истражувачкиот проект “Медиумите, маргинализираните заедници и не-дискриминацијата” финансиски поддржан од Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Македонија, имаат потреба од ангажирање на:

2 асистенти истражувачи, за период Март – Јули, 2009
Задачи и обврски:
• Да асиситираат во развивањето на истражувачката методологија
• Да учествуваат во реализацијата на истражувањето (водење фокус групи, интервјуа, следење на печатени медиуми)
• Да асистираат на главниот истражувач во подготовката на анализата на податоците
Барани квалификации:
• Универзитетска диплома или МА во областа на хуманистички или родови студии, сексуалност, човекови права, визуелна култура и медиум или сродни дисциплини
• Искуство во изработка на анализи или публикувани текстови од областа на човекови права, дискриминација или погоре споменатите дисциплини
• Искуство од учество во истражувања

1 асистент за следење на албански печатени медиум, за период Април-Јуни, 2009
Задачи и обврски:
• Да врши следење на печатените медиуми на албански јазик во Македонија
• Да врши превод и подготовка за анализа на статиите од интерес за истражувањето
• Да асистира во процесот на истражување во деловите кои бараат познавање на македонски и албански јазик
Барани квалификации:
• Универзитетска диплома во областа на новинарство, човекови права или комуникации
• Одлично познавање на македонскиот и албанскиот јазик

Сите заинтересирани лица своите CV-ја и мотивациони писма можат да ги достават на: marijat@hops. org.mk и hops@hops.org.mk најдоцна до 16.03.2009 дo 17 часот.


Здружението на граѓани Акција Здруженска и Движењето за социјална правда - Ленка   на 17.02.2009 започнуваат кампања под мото „НЕ НАСЕДНУВАМ!”.
Ве повикуваме да и се спротивставите сеопшата манипулација и злоупотребата на репродукцијата која  е најчувствителното политичко прашање за жените.

Активирајте се и застанете против огранчувањето на слободата и насилното наметнување идентитети, приоритети и животни стилови.
Спротивставете се на агресивното наметнување на партијархални вредности и стереотипи кои ги обезвреднуваат жените и ги сведуваат на машини за раѓање и чуварки на нацијата.

Не наседнувајте на лицемерната грижа за здравјето, повиците за спас на душите и  спас на нацијата.
Застанете против сите кои сметаат дека единствената вредност, потенцијал и интерес на жените е нивната способност да раѓаат деца.
Ве повикуваме да и се придружите на нашата кампања со тоа што ќе го дадете својот потпис на петицијата дадена во прилог.
Проследете го овој повик до сите ваши пријателки, пријатели, организации и  мрежи.

Пунктовите на кои ке се собираат потписите во Скопје ке бидат поставени на следните локации:
Во периодот од 17-20.02.2009 од 11:00- 17:00 часот

1. Плоштад Македонија
2. Влезот на ГТЦ (од страната на плоштадот)
3. Улица МАкедонија (кај споменикот на Мајка Тереза)

Во периодот од 17-18.02.2009 од  12:00-15:00 часот

4. Градежен Факултет
5. Комплекс факултети
6. Медицински факултет

За акцијата на собирање потписи на локално ниво ке ве информираме дополнително.
 
Со почит,
 
Акција Здруженска и
Движење за социјална правда - Ленка

Петицијата