Реакција и Апел

Реакција и Апел

Реакција и Апел по повод говорот на претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ на 12 Годишната конференција на Униjа на жени на ВМРО-ДПМНЕ


На 20.12.2009 беше одржана 12 Годишна конференција на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ под мотото “Вистински вредности во вистински раце“. Во своето обраќање на конференцијата, претседателката на Унијата,  Косана Николиќ Мазнева потенцирајќи ги нивните заложби за зачувување на “традиционалните семејни вредности“, како и потенцирајќи ги “владините заложби за многудетно семејство и воведување на веронауката во образованието“, промовираше и хомофобичен говор како стратегија на ширење на страв со кој директно и недвосмислено беше нападнат концептот на истополови заедници и брак и истиот беше окарактеризиран како закана за општеството и извор на загрозување на традиционалните семејни вредности.

Коалицијата за заштита и промоција на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници најостро реагира на ваквиот говор кој претставува манипулација со состојбата и правата на една од најмаргинализираните заедници во општеството, во момент кога треба да се донесе законот за борба против дискриминација и кога допрва во земјата почнува да се иницира дебата и да се крева јавната свест за концептот на недискриминација. Загрижувачка е ситуацијата која засведочува и потврдува една континуирана пракса на ширење на хомофобија од страна на демо-христијанската централно-десничарска владеачка структура, започнувајќи од хомофобичните изјави на актуелниот министер за надворешни работи, Антонио Милошевски, уште во предизборната кампања во 2006 година, па преку актуелниот Претседател на државата во неговата предизборна кампања и конечно со оваа изјава на претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Уште позагрижувачки е фактот дека ваквиот говор доаѓа од Унија на жени, посебно доколку се земе предвид фактот дека историската борба за правата на ЛГБТК луѓето својата најголема подршка и солидарност ја има добиено од страна на женското движење и феминизмот ширум светот. Само како пример ќе ја посочиме Националната организација за жени во САД која брои повеќе од 500 000 членови/ки, оформена уште во далечната 1966 година од страна на еминентната фемистка Бети Фридман заедно со уште неколку други фемистички лидерки. Имено, во своите политички приоритети, оваа организација, покрај економската еднаквост, измените и дополнувањата во Уставот во насока на еднакви права, правото на абортус и репродуктивната слобода за жените, ја вбројуваат и борбата против нетолеранцијата и нееднаквоста на ЛГБТ популацијата.  Во оваа насока сведочат и серијата интернационални конференции и усвоени декларации за правата и еднаквостите на жените, како и политичкиот активизам и културните, социјалните и епистемолошките напори на современиот феминизам. 

Борбата против патријархатот, маскулинизмот,  мачоизмот и шовинизмот е заедничка борба на жените и ЛГБТК луѓето против дискриминација, субординација и опресија на сите оние кои како резултат на нивниот родов, полов и сексуален идентитет се исклучени од политичките, социјалните и културните текови, како и од еднаквото и универзално уживање на основните човекови права. Една од најпроминентните феминистки во областа на политиката и правото, Друсила Корнел го дефинираше патријархатот како “државно наметнатата и културно подржаната норма на хетеросексуалната моногамија како единствено соодветна организација на семејниот живот. Таа норма, онака како што традиционално се дефинира, го поставува таткото на челото на потомството. Нејзин круцијален аспект е жената и понатаму да се дефинира пред се преку својата репродуктивна способност и место во семејството, со што и се одрекува правото на саморепрезентација на своето сексуализирано битие„. Во таквиот патријархален систем, тврди Корнел, “хетеросексуалните жени, геј мажите, лезбејките, бисексуалците и трансродовите личности се деградирани на најразлични начини, во смисла во која нивниот пол или начин на конзумирање на сексот се користат како основи за порекнување на нивниот полноправен статус на личност“.

Понатаму, сметаме дека ваквиот говор претставува вулгарно потврдување на една од основните феминистички пароли – “Личното е политичко“, скована од феминистката и поборничка за правата на жените Керол Ханиш во 1969. Имајќи го предвид фактот дека ваквиот дискурс доаѓа од страна на политички владеачка структура која ја има моќта во носењето одлуки и креирање на државните политики, истиот претставува показател и уште еден напор од страна на државата да се вмешува директно во интимниот и сексуалниот живот на своите граѓани и притоа истиот да го регулира и нормира, не само културно, туку и државно и правно. Да потсетиме, сексуалните права, како основни човекови права кои се однесуваат на човековиот сексуален живот ја промовираат и гарантираат сексуалната слобода, сексуалната автономија, сексуалната еднаквост, слободното сексуално здружување, како и слободниот репродуктивен избор. Сметаме дека ваквиот говор претставува еклатантно непочитување и прекршување на овие основни човекови права од страна на     Унија и од страна на поединец кој е овластен со сериозни државни и политички функции.

Загрижувачки е и фактот дека “вистинската вредност“ на семејството, вклчително со правото на посвојување деца е резервирано исклучиво за брачните хетеросексуални двојки. Ваквата концепција имплицира дека очигледно претставничките на Унијата не ги препознаваат и признаваат самохраните мајки и нивните деца како семејство, и уште повеќе не го покренуваат или го игнорираат прашањето за право на посвојување на деца од страна на лица кои немаат брачен статус, односно не се во брак, вклучително и жените и мажите. Опасноста на ваквиот став е дека ги загрозува женските политички заложби за автономија на жените со самиот факт дека едниствениот начин за да една жена биде препознаена како таква, или да има право на деца е да стапи во хетеросексуален брак или евентуално да раѓа.

За крај, потенцираме дека изнесените заложби на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ се косат со сите основни заложби и борби на политичкиот активизам за еднаквост и права на жените. Одовде се поставуваат и неколку прашања. Имено, за какви тоа традиционални семејни вредности се залагаат претставничките на оваа Унија? Зарем можеме да заборавиме дека истите тие вредности се изворот на угнетувањето и нееднаквоста на жените? Дали гласноговорничките на Унијата го занемеруваат фактот дека пропагирањето на националистички обоени демографски политики ја сведуваат жената на репродуктивна машина и ги укинуваат нејзините основни репродуктивни права? Дали истите забораваат дека гласноговорниците на веронауката пред само неполна година ги нарекуваа сите жени кои го искористиле своето човеково право на абортус “чедоморки“? И конечно, во името на кои жени тие говорат?

Врз основа на сето гореспоменато, Коалицијата упатува апел до сите организации за правата на жените, сите феминистки и феминисти, и сите борци за човекови права и граѓани кои ги почитуваат и бранат принципите на еднаквост и демократија јавно да го осудат овој говор и да се оградат од сите изјави претходно напоменати од страна на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ. Во исто време, упатуваме апел за солидаризација и заеднички отпор против секоја форма на угнетување, дискриминација, насилство и непочитување на принципите на еднаквост и универзалност на човековите права.