29 Apr Не потфрлам во смисла да “пројдам“ како жена; сакам да изгледам трансродово
Во 2014 година списанието Time ја стави актерката и активистка Laverne Cox на насловната страница и тој момент го прогласи за “трансродова пресвртна точка”. Точка во која транс луѓето би можеле да излезат од сенка и да побараат вистинско и автентично место во поширокото општество. Aко ова го означи почетокот на тоа да се појавуваме на насловните страници, на софите на утринските програми и еднаш-двапати на медиумите, тогаш ова е најава за времето на прифаќање, секако. Но, оваа видливост има улов: за да бидеме прифатени, мора да “пројдеме”.
“Речиси сите наши засега видливи примери станаа видливи не заради нивната трансродовост, туку заради бришењето на нивната трансродовост преку нормативноста и откривањето и аутирањето на нивната трансродовост”.
По операцијата, мојот хирург за преструктуирање на родот, со цел прикривање на лузните на двете страни од мојата нео-вагина, ме советуваше да израснам бујни пубични влакна. Вака, ќе го замаскирам фактот дека мојата вагина е всушност транс-простор, создаден од пренамената на моите излишни кур и јајца. Ваквата пубична грмушка во стилот на 1970-тите има за цел да ја скрие мојата трансродовост и да ме направи пожелна. Мислам дека докторот имаше добра намера, бидејќи минатото му ја има наметнато таа улога, а неговата задача e да не’ направи нас транс луѓето да изгледаме “вистински” колку што е можно повеќе – колку што е можно повеќе цисродови.
Неговиот совет ме растажи, бидејќи лузните го обележаа моето патување и мојата храброст да ги прифатам и направам неопходните промени. Моите лузни ја означуваат мојата храброст и мојот разнишан квир идентитет поставен во плитките белези од конците. Чувствував дека се колебам: дали ја оставив мојата трансродовост сирова и веројатно ранлива, или барав удобство во обидот да изгледам колку што е можно повеќе цисродова?
“Родовата флуидност е во мода, но не нужно и трансродовоста” – Hari Nef
Околу мене слушав многу гласови, лични и општествени, кои ми велеа дека безбедноста и успехот лежат во “проаѓањето и вклопувањето” – дека колку повеќе изгледам како “нив”, толку полесен би бил мојот живот. Да бидеш видливо транс значи да се подложиш на неприфаќање, ризична економска стабилност и интимност, така што прикривањето на линиите од мојата транзиција би ми помогнало да имам нормален живот. Нашата неодамнешна “пресвртна точка” воопшто не помогна во оспорувањето на ваквите вредности, криејќи ја неверојатната работа направена од луѓето што често се прикажани како целосно хетеро- и цис-нормативни.
Брилијантната Laverne Cox, по повод појавувањето на насловната страница на списанието Time, изјави “… со соодветно осветлување и под одредени агли, можам да отелотворам одредени цис-нормативни стандарди за убавина. Но, постојат многу транс луѓе кои поради генетика или недостиг на материјални средства никогаш нема да можат да ги исполнат овие стандарди. Што е уште поважно, многу транс луѓе не сакаат да ги отелотворуваат овие стандарди и не треба да дозволиме да не бидат видени или почитувани како вистинските тие заради тоа “.
Доволно е да го погледнете начинот на кој се зборуваше за Caitlyn Jenner и за нејзината очигледна борба да се вклопи во родовиот калап за малечка нежна жена – нејзините лузни, сенките на мажественоста се’ уште се доказ за точката на пресврт да биде во нејзина корист. Нејзините политики ретко ѝ помогнаа, но најчесто беа оставени на страна, додека беше фрлена на кучињата на “комедијата”. Нејзината неизмерна храброст да ја открие својата вистина беше брутално игнорирана, додека зајадливо се преиспитуваше големината на нејзините раце. Многу транс жени и мажи кои ги познавам се изложени на детални проценки на нешта кои не можат да ги променат. Не постои феминизирачка хирургија на лицето или вагинопластика која ќе ја промени големината на рацете или висината.
Hari Nef е моделка кој ја искористи својата платформа за да зборува против неправедната употреба на трансродовите идентитети во нивната комодификација без никакво чувство за вистинско почитување или разбирање кон трансродовата заедница. “Родовата флуидност е во мода, но не нужно и трансродовоста”, изјави Hari во 2015 година. “Дизајнерите ја презентираат мажественоста како опција за жените и обратно. Тоа не е онтологија, тоа е естетика “.
Обидот да се спакува и препакува андрогиноста како “транс-прифаќање” е распространет низ модната индустрија, но целосно ја промашува поентата бидејќи андрогиноста си поигрува со лизгањето меѓу бинарноста и бинарните ознаки. Здосадено ни’ е да гледаме како машки дизајнери облекуваат жени во одело, со залижана коса, подавајќи им цигара за повеќе да изгледаат како Frida Kahlo или обратното, бледи етерични млади со долги екстремитети облечени во цветни принтови кои портретираат фем и пожелни секс објекти. Тоа не ги унапредува транс правата, туку тоа е она што модата честопати го прави, да создава карикатури и да го намали секое чувство за политички, личен или културен развој до најнискиот заеднички именител. Комодифициран костим, транс како преоблекување – транс како тренд.
Транс-жените и транс-мажите редовно се навредувани, отпуштани и напаѓани на улица заради барањето безбедност во рамките на истите овие карактеризации. Ова функционира на модните писти, затоа што модните писти се привилегирани простори. Нивното почитување само преку нормативната леќа на стандардите за убавина не создава простор за нас. Тие прават пари на нашите грбови. Инклузијата на транс модели во некоја кампања подлежи на нивно изретчување и создавање на невозможен стандард на нормативна убавина за останатите од трансродовата заедница
Немам потреба да ме гледаат како жена, како транс-жена, како андрогина, па дури ниту не-бинарна. Едноставно, среќна сум да ме гледаат како транс личност, родена транс со транс тело способно за флуидност и промена. Моето тело, а посебно моите гениталии, имаат алхемиски потенцијал да се трансформираат во подобра состојба. Никогаш не почувствував дека се преселив од еден род кон друг. Никогаш не се чувствував како маж и никогаш не се чувствувам како жена
“Трансродноста не е сервис на автопат, каде што транс луѓето можат да застанат за време на тешкиот пат од еден бинарен пол кон друг. Трансродноста може да биде дестинација сама по себе”.
Неодамна видов слика од перформансот на Travis Alabanza на која транс-убавината е отелотворена сурово и недопрено, испишана во совршена иднина во однос на транс-безбедноста и транс-идентитетите. Со својата младост, трансродовост и непокорност и одбивање да се прилагоди, Travis создава вистински простор, нов простор за другите. Таквата акутна храброст и убавина ме прави уште повеќе решена да не ја трошам мојата енергија или време во борба со таканаречените “радикали” за поимање на “реалноста”, кога наместо тоа би можеле да ја окупираме и создаваме нашата.
Со текот на времето, се сомневам дека светот ќе погледне назад и ќе ги види сите наши родови очекувања за она што навистина се: ограничувачки, контролирачки и премногу често срамни. За мене, да се биде трансродова не е отскочна штица, слободна соба меѓу тоа да се биде “маж” и да се стане “жена”. Трансродноста не е сервис на автопат, каде што транс луѓето можат да застанат за време на тешкиот пат од еден бинарен пол кон друг. Трансродноста може да биде дестинација сама по себе. Сакам да го поминам своето време во прекрасните граници на нашата заедница кои постојано се прошируваат и учат, барајќи да истражам што значи да се биде радикално трансродова, без да барам одобрување. Барање безбедност, но безбедност под наши услови; неосудувани и прифатени без потреба од хирургија за да се вклопиме во пропишаниот калап за кој знаеме дека му штети на секого, транс и цис.