19 Apr Диктаторот кој ме принуди на лажен ХИВ третман и речиси ме уби
Кога Fatou Jatta дознала дека има ХИВ во 1990-тите, многу луѓе околу неа верувале дека тоа е смртна казна. Или дека пиењето вода од иста чаша ќе ги зарази и нив.
“Некои луѓе имаат многу голема негативна реакција бидејќи веруваат дека тоа е убиствена болест”, вели таа, во нејзината канцеларија во близина на Банџул, главниот град на Гамбија. Откако му соопштила на своето семејство и ја добила нивната поддршка, таа одлучила да излезе јавно за да ја подигне свеста.
“Кога моето семејство веќе го прифати тоа, помислив зошто да седам дома без да излезам?” Вели Jatta. Таа стана првата жена во историјата на Гамбија која јавно го откри својот ХИВ статус во почетокот на 2001 година.
Неколку години подоцна, таа се појавила на националната телевизија како неволна жртва на верувањето на тогашниот гамбиски диктатор Yahya Jammeh дека тој лично го нашол лекот за СИДА. Таа била принудена да пие билни мешавини и била натерана да се соблече за самиот тој да нанесе наводно лековити лосиони врз нејзиното полуголо тело.
Се’ започнало со телефонски повик од канцеларијата на претседателот на нејзината група за поддршка за ХИВ во 2007 година. Претседателот барал доброволци за неговата алтернативна програма за лекување. “Не може тој да ти се јави и да кажеш не. Веројатно ќе се најдеш во неволја или твоето семејство може да заврши во неволја “, вели Jatta. “Од оваа причина повеќето од нас беа принудени да отидат на третман.”
Сепак, Jatta била среќа што нејзиното семејство веќе знаело за нејзиниот статус. Многу неволни заморчиња биле аутирани како ХИВ-позитивни кога Jammeh ги емитувал своите лековити сесии на GRTS, државниот телевизиски канал следен од илјадници Гамбијци.
Диктаторот не бил познат по неговото сочувство. За време на неговите 21 години на власт, стотици дисиденти, новинари, адвокати и граѓани исчезнале или биле мачени и убиени. Тој изјавувал дека ќе владее со Гамбија милијарда години и ветувал дека ќе им ги пресече гркланите на хомосексуалците.
Она за кое Jatta мислела дека ќе биде обична, едночасовна медицинска посета на центарот за лекување на претседателскиот имот на Jammeh, се претворило во седуммесечен терор што речиси ја усмртил. После првиот хербален пијалак, Jatta снемала снага, повраќала и не можела да ги отвори очите. Лежејќи на болнички кревет во изнемоштена состојба, камерите биле вперени во неа за емисијата на GRTS. Таа никогаш не дознала што содржат хербалните мешавини.
Таа ноќ, нејзината група била испратена во напуштена зграда за да бидат сместени за време на нивното искушение. За време на програмата за лекување имало многу правила: забранети посети, забрането пушење, забрането пиење, забранет секс. На пациентите не им било дозволено да носат храна однадвор, ниту да користат било каква “западна медицина”, како што ја нарекувал Jammeh. Оние кои примале антиретровирусна (АРТ) терапија морале да се откажат од лековите.
Jatta снемувала се’ повеќе снага со текот на времето, но продолжила да ги зема мултивитамините препишани од лекар на дневна база. Нејзините пријатели ги шверцувале за таа да може да ги зема навечер, додека другите спиеле. “Бев тврдоглава”, вели таа. Во тоа време, нејзиното вирусно оптоварување не се сметало за доволно високо за да се стави на антиретровирусни лекови за борба против инфекцијата. (Светската здравствена организација сега советува дека сите ХИВ позитивни лица треба да се третираат со АРТ терапија.)
Илјадници ХИВ-позитивни Гамбијци биле принудени низ вратите на Стаклената куќа, како што бил наречен просторот за третман на Jammeh. Таму, диктаторот се обидувал да му докаже на светот дека може да излечи ХИВ, астма, неплодност и хипертензија. Jatta имала среќа да преживее – стотици негови пациенти загинале, според поранешните пациенти и ХИВ-групата AIDS-Free World.
Сега, една година по историската загуба на изборите, ХИВ-групите велат дека сè уште се борат да ги убедат многуте Гамбијци за важноста од тестирање и конвенционален третман. Некои сé уште веруваат дека ХИВ може да се излечи.
Во Гамбија, повеќе жени се тестираат за ХИВ, се заразени со ХИВ и повеќе се лекуваат, според ХИВ-групите. Додека 1,7% од Гамбијците се заразени со вирусот, бројката е повисока за 2 проценти кај жените. Ова може да биде затоа што тие имаат тенденција да ги посетуваат здравствените центри поредовно, додека мажите потешко прифаќаат да бидат тестирани, велат експертите.
“Сите се соочуваат со стигмата од инфицирање, но тешкотиите се повисоки за жените”, вели Sirra Ndowe, директорка на UNAIDS Гамбија. Вообичаено е за ХИВ позитивните жени во Гамбија да го изгубат бракот и семејството кога ќе го откријат својот статус. Ова ги принудува жените да си заминат и да се грижат за своите деца сами. Наместо да живеат со маж или родители, поради социјално исклучување, некои се обидуваат да изнајмат место за живот сами во градот. Но, во малите градови каде озборувањата патуваат брзо, сопствениците на станови не сакаат да изнајмат стан на ХИВ-позитивна жена.
Во јули 2007 година, Jammeh ја прогласи групата на Jatta за излечена и им дозволи да се вратат дома. По девет месеци алтернативен третман, Jatta беше речиси мртва. Нејзиниот имунолошки систем се распадна, а таа мораше да започне со земање антиретровируси.
Таа се обиде да продолжи со својот живот, советувајќи други луѓе кои живеат со ХИВ и обидувајќи се да ги игнорира последователните серии на пациенти кои минуваа низ вратите на Стаклената куќа. Таа вели дека треба да се фокусира на сопственото лекување.
Jatta сега волонтира како социјален работник во Центарот за жртви, добротворна организација која собрала повеќе од 900 сведоштва на луѓе кои биле засегнати од широко распространетата тортура, исчезнувања и грабежи на земјиште вообичаени за време на претходната влада.
Како и многумина преживеани од ХИВ третманот на Jammeh, Jatta е сега во своите 50-ти и дел од движењето кое се бори за негово казнување за неговите злодела. “Правдата е многу важна бидејќи моите човекови права беа повредени. Бевме лишени од нашето право на здравје “, вели таа. “Многу луѓе ги изгубија своите животи затоа што му веруваа”.
Оние кои преживеале ги изгубиле работните места или не можеле да изнајмат станови заради стигмата. Денес, десет години подоцна, Jatta се’ уште ја препознаваат на улица од нејзините денови на телевизија. Но, таа е пркосна како што била и на 28 години, кога првпат била дијагностицирана. “Имам слободен живот”, вели таа. “Едноставно не ми е гајле што велат луѓето”.