One и барбиките

One и барбиките

Марина Трајкова, студентка на Родови студии

 

Деновиве на нашите телевизии осамна една навидум интересна реклама за операторот One. Опиени од моќта на рекламите и медиумите, заборавивме да ги толкуваме скриените пораки кои не секогаш се позитивни.

 

Станува збор за реклама во која младо момче случајно го остава својот полуизеден сендвич на шанкот во кујната покрај својот мобилен телефон. Одеднаш, со моќта на мобилниот (и попустите на One мрежата) сендвичот станува огромен (во стилот на плати помалку- земи повеќе). Кога момчето станува свесно за оваа неверојатна појава, тоа го прави со неколку предмети во домот и притоа добива скејтборд даска и електрична гитара. Одеднаш на масата на неговата помала сестричка здогледува барбика и доаѓа до неверојатна идеја… Крајната сцена од рекламата ги покажува неговите другари како ѕвонат на вратата, и вратата ја отвора мисица (оживеаната барбика) кој послушно молчи и слатко се насмевнува.

 

Студирајќи на Родовите студии при Филозофскиот факултет во Скопје, оваа реклама ја погледнав од еден друг агол. На нашиот факултет многу често се говори на тема: Жените во рекламите кои се користат како „тело кое продава“ или пак како „готови производи“. Конечно, во оваа реклама тоа го видов на дело.

 

Најпрво, на барбиката во рекламата (и секаде околу нас) се гледа како на врвна убавина кон која треба да цели секоја жена. Барбиката претставува модел на убавина за малите девојчиња, која пак од друга страна предизвикува големи фрустрации кај жените низ светот заради ’несовршеноста’ на нивните тела. Самото тоа дека дечкото бира да ја оживее токму барбиката тука наведува дека жената сеуште се гледа преку призмата на ’совршеноста’ на барбиката.

 

Исто така, со самото тоа што момчето ја оживува барбиката, добива еден готов прозивод како и скејтбордот или гитарата… Жената се поистоветува со предмет кој се добива на толку лесен начин (преку принципот на помалку плаќаш- повеќе добиваш). Кажано академски, би дошло дека се потврдува онаа теорија според која во многу случаи на жената се гледа како на објект, кој во случајов претходно служел за забава на помалата сестричка, а сега на младото момче (кој на неа гледа и како на сексуален објект).

 

Обично велат крајот го краси делото, но во овој случај не можам да се согласам со тоа.

 

На крајот, како што опишав погоре, жената-барбика ја отвора вратата за гостите, и молчејќи дискретно се насмевнува. Така дотерана и мирна, потсетува на оној модел на „примерна“ жена која треба да биде вредна и да ги врши домашните задачи (како отворањето на вратата), да изгледа убаво и да биде молчелива и повлечена во домот.

 

Наспорти моделот на „модерната“ жена, која е самостојна и сигурна во себе, рекламите ни пласираат сосема друга слика. Не е ни чудо што во средината околу нас, сеуште можеме да најдеме многу луѓе кои ги имаат истите овие гледишта за жените. Како што вели балканската: „Жената треба да биде вредна домаќинка во домот, дива љубовница во креветот, а надвор дама…“

 

Дали ќе дозволиме и помладите генерации да имаат ваква перцепција за работите останува на нас. Да избереме дали ќе гледаме површно како и до сега и ќе молчиме како ’барбики’ или ќе ги отвориме очите и ќе погледнеме подлабоко.