Анти-милитантен и анти-дискриминациски активизам: како можеме да имаме дијалог кој опфаќа повеќе угнетувачки пресеци?

Анти-милитантен и анти-дискриминациски активизам: како можеме да имаме дијалог кој опфаќа повеќе угнетувачки пресеци?

 

[Слика 1: Македонската полиција пред зградата на владата за време на Шарената Револуција/протестот по повод пет-годишнината од смртта на Мартин Нешковски. Кредит: Елена Гаговска]

Пишува: Елена Гаговска

„Всушност, војската инвестира многу пари во програми за родова еднаквост,“ рече еден од усениците во една од работилниците на „Bridging Backgrounds“, конференција наменета за македонски средношколци за толеранција, меѓуетничко разбирање и човекови права организирана со парични средства од Davis Foundation. Не можев да се соземам да не се насмеам. Со тоа што бев волонтер и ко-фацилитатор на работилницата, не беше баш најумесно да се насмеам.

„Извини што се насмеав. Само што тоа дефинитивно не е феминизмот за кој што јас се залагам,“ реков, не бидејќи сметав дека неговата изјава беше неточна, туку бидејки ние дефинитивно имавме две многу различни феминистички визии.

Ни другите учесници, ниту мојот ко-фацилитатор не беа изненадени дека моите погледи беа толку различни од набилданиот тинијџер со необјаснивиот американски акцент кој зрачеше од токсична машкост – ќе го викаме Никола. Како син на македонски воен офицер, Никола ја обожава војската како институција: нејзината организација, нејзините (неморални) дела, нејзините вредности, сé. Но, повеќе од тоа, Никола особено ја обожава американската војска. Еднаш за време на конференцијата, надвор од формалните образовни активности, Никола изјави дека му е жал што тој, како не-американски државјанин, не може да стане маринец. Дури ми изгледаше дека Никола себе си се гледаше како американец , докажувајки го тоа до светот со неговиот соодветен акцент. Пред тоа имав запознаено американци што не размислувале критички за нивната влада и војска, но ова беше нешто сосема поинакво. Кога го прашав Никола дали тој ги одобрува сите одлуки и дела на американската војска, тој рече да. Кога го прашав „Дури и Јемен?“, тој воопшто немаше слушнато за американската поддршка на две-годишниот конфликт кој практично го има уништено регионот. За Никола, американската војска не е нешто што тој го оспорува, туку нешто кој тој бескомпромисно го обожува и дури смета дека може да е простор за прогресивни политики за женско ослободување.

За разлика од Никола, јас имам различна перспектива за војската. Кога бев дел од Шарената Револуција, ние бевме конфронтирани со екстремно милитаризирана полиција. Иако полицијата не напаѓаше и не апсеше протестанти на секој протест, навниот изглед – оружјето, штитовите, целата опрема – испраќаше порака дека тие би можеле да бидат насилни ако посакаја. Ние не требаше да се осеќаме безбедно. На 6ти јуни, 2016, заедно со мајка ми и двајца нејзини пријатели, бев дел од толпа од 20 000 луѓе кои протестираа на пет-годишнината од смртта на Мартин Нешковски. Бев дел во петтиот или шестиот ред од луѓето што го пробија полицискиот кордон кај Соборната црква близу зградата на владата — тогаш го чуствував најголемото количество на адреналин што било кога сум го почувствувала. За да стигнеме до правда, ние требаше да се бориме против луѓето кои теоретски би требало да не штитат.

[Слика 2: Германската полиција насилно ги трга анти-фашистичките протестанти во Шпандау, Берлин на 19-ти Август, 2017-та. Кредит: Елена Гаговска.]

Но не, овој феномен не е специфично македонски. На 19-ти Август, заедно со другар и другарка, јас бев дел од „Berlin gegen Nazis“ (Берлин против Нацисти) контра-протест. Протестот беше организиран како реакција на нео-нацистичкиот митинг за комеморацијата на нацистичкиот политичар и заменик-Фурер на Адолф Хитлер, Родолф Хес. Митингот кој отворено го обужуваше фашизмот не смееше да помине без реакција од Левицата бидејќи тогаш ќе беше пратена порака на индиректно одобрување. За среќа, немаше насилство за време на настанот. Но, во еден момент дел од контра-протестантите седнаа пред полицијата која беше наоружана со опрема за спречување на немири. Реакцијата на полицијата на овој ненасилен начин на протест беше насилство. Полицијците насилно ги тргаа мирните леви/анти-фашистички протестанти, додека отнатите протестанти се противеа. За жал, не можам да кажам дека бев изненадена.

Ако не бев начисто пред тоа, после тие два протести ми беше премногу јасно дека полицијата не е прогресивно тело. Следејќи ја истата логика, очигледно истото важеше и за војската. Институции со системска хипер-машкост нема никогаш да ме направат да се осеќам безбедно и дефинитивно нема да бидат вистински катализатори за феминистичката револуција – дури и ако има некаква родова еднаквост на луѓето вработени во нив.

Сепак, секогаш мислев дека би осеќала најмногу негативни чувства кон полицијата и армијата на протести – до негде ова се уште е точно. Но, некако случувањата на 29-ти Јули, 2017-та година, предизвикаа многу слични чувства на омраза. Пред околу два месеци американската и македонската војска имаа заедничка вежба каде што презентираа различна опрема, пушки и возила. Со фонтаната на Александар Македонски во позадина, чувството на насилен империализам се зголеми. Но, очигледно, повеќето присутни не го делеа моето чувство на непријатност. Некои луѓе дури и ентузиастично се сликаа со војниците, додека други се качуваа во армиските возила како тие да беа дел од некаков подвижен луна парк. Но најлошо од се беа малите деца кои пробуваа шлемови и држеа автоматски пушки како да беа најобични играчки. Подоцна дознав дека Никола секако се појавил на овој настан.

[Слика 3: Американско армиско возило на Плоштадот во Скопје. Кредит: Борјан Гаговски.]

Брат ми ја постираше сликата погоре со текст кој фантастично го отслика настанот: „Аце, кока кола, амерички тенкови. Има тука нешо: корупција, корпоратизам, милитантност — симболики некои; појма немам што симболики, али има нешто.“

Сепак, повеќето македонци имаа позитивни критики за настанот кој подоцна посети и други градови. Повеќето политички аналитичари и твитерџии сметаа дека оваа вежба беше порака од САД до Македонија за нашето идно членство во НАТО. Новата влада на СДСМ верува дека иднината на Македонија се наоѓа во евроатлантската интеграција такашто тие немаа негативни критики околу вежбата. За мала држава како нашата, овој политички потег може да биде дури добар бидејќи би не дистанцирал од руско влијание и би донел стабилност во регионот. Без разлика дали ова беше позитивна порака до македонската влада, оваа воена вежба ја величаше војската како институција. Војниците беа прикажани како пријателски настроени без обрнување внимание на фактот дека Македонија има праќано војници кои и помогнале на американската војска во Афганистан и Ирак – две војни кои многумина ги сметаат за неправедни. Иако јас лично би се залагала за чекори кои би ја намалиле употребата на војската на само мировни мисии на Обединетите Нации додека полека работиме на целосната реконструкција на војската како институција, очигледно дека нема во скоро време да ја укинеме војската. Затоа, најмалце што можеме да напраиме за сега е да бидеме граѓански коректив кој континуирано ќе ги преиспитува и критикува делата и структурите на војската. Не смееме да оствиме институција која има толку моќ без некаков вид на надзор и опозиција од страна на граѓанскиот сектор. Дури и со новата центар-лева влада, четворица протестанти од Левица беа неправедно приведени од страна на полицијата за време на вежбата во Скопје бидејќи држеа транспарент на кој пишуваше „Против војните за протифит“. Нивното приведување прати силна порака до народот кажувајќи дека и попрогресивна македонска влада не прифаќа анти-милитантен активизам и политички мислења.

[Слика 4: Левица држи Југословенско знаме и транспарент на којшто пишува „Против војни за профит“. Кредит: www.libertas.mk]

Сега би сакала да објаснам зашто активисти општоземено протестираат против војската. Секако дека воена интервенции се некогаш оправдани  и дозволиви, како на пример во Втората Светска Војна. Но, анти-воените движења не се борат провтив вакви интервенции, туку против непотребни и неоправдани војни. Еден таков пример е Виетнамската војна каде што американцита и нивните сојузници ги поддржаа Јужно-Виетнамските анти-комунистички сили додека СССР и нивните сојузници ги поддржаа Северно-Виетнамските комунистички сили. Овој 19-годишен конфликт (1955-1975) го уништи регионот и не беше ништо повеќе од колку прокси-војна од ерата на ладната војна. Оваа војна масовно мобилизира активисти, особено млади студенти, како и интелектуалци и уметници од типот на Ален Гинсбург и Мартин Лутер Кинг. Друг пример се протестите против војната во Ирак (2003-2011): инвазија која беше основана на лажни информации дека Ирак можеби има оружја за масовно уништување. Јасно е од овие два примери дека многу често војската е уништувачка и окупациска сила чии приоритети немаат врска со оддржување на мир. Поради ова Левицата не ја смета и не смее да ја смета војската како прогресивна сила и мора да продожи да се спротиставува на нејзините неправедни дела.

Сепак, дури и со сите нејзини маани, војската е често поле за борба за човекови права. Еден пример е десегрегацијата на американската војска во 1948-мата година. Дури и сега често слушаме вести од типот на првата жена или црнец или геј член на одредена гранка на војската. Такашто, на некој начин, Никола е во право дека инклузија во војската е знак на некаков прогрес – секако кога една институција повеќе не дискриминира, тоа е добро нешто за сите. Токму поради тоа што многу луѓе имаат толку позитивни мислења за војската и веруваат во еднаквостта помеѓу војниците во војската како институција, имаше толку бес и протести против забраната на трансродови лица во американската војска од страна на Доналд Трамп.

Кога ги видов вестите за новата политика на Трамп на Twitter, се разбира дека бев исто толку шокирана како и повеќето луѓе кои ја слушнаа веста. Но дури повеќе бев шокирана од тоа како оваа вест беше обработена од страна на Центар-Левицата/Левицата. На пример, американската сенаторка Камала Харис напишна на Twitter „Ова е дискринициско и не-американско. До сите трансродови лица кои ја бранат нашата држава, јас ве поддржувам,“ имплицирајќи дека дискриминацијата не е дел од американскиот систем на вредности и дека ивазиите на државите од блискиот исток некако ја бранат Америка. Наеднаш, левичарите почнаа да го величат концептот на служење во војската, отсликувајќи го како нешто многу храбро само бидејќи сега тие сакаа да го заштитат правото на трансродовите лица да служат во војската. Изгледаше како да поголемиот дел од интернетот се справуваше со овој проблем на неприфатливо ниско ниво на плитки политики за идентитети.

[Слика 5: Транспарент на протест против транродовата забрана на Трамп на којшто пишува „Целиот систем е крив“. Кредит: www.flikr.com]

Наместо тоа, после нашиот иницијален шок, нашата реакција на оваа ненадајна криза за човекови права требаше да биде препознавање на комплексноста на ситуцијата. За жал, оваа забрана веќе е премината од твит во закон. Но тоа не значи дека борбата е завршена. Секако, ние треба да го осудиме Трамп за неговата трансфобична забрана; дикриминација на институционално ниво никогаш не смее да биде толерирана од страна на левицата. Но сега ние треба истовремено да ја осудиме забраната и да почнеме дијалог околу угнетувачките принципи на војската интерно, како и нејзините ефекти врз екстерниот свет. За почеток треба да се запрашаме зошто има 15 500 трансродови војници во војската? Неспорно е дека трансродовите луѓе припаѓаат на една од најмаргинализираните заедници кои постојат. Трасродовата заедница има многу високи стапки на бездомништво и невработеност поради огромна дискриминација. Оваа невидена стапка на сиромаштија е причината поради која толку многу транс луѓе се врботуваат во војската. Се разбира дека некои го прават ова бидејќи веруваат во војската како институција, но наивно е да речеме дека повеќето го имаат овој избор.

Бидејќи американската војска нуди здравствено осигурување и бесплатно унивезитетско образувание за нивните вработени – нешта кон кои најранлививте групи на луѓе немаат пристап – работење за војската звучи како добра зделка. Треба да се запрашаме дали американската војска би можела да ги одржи своите бројки ако американските факултети беа бесплатни или ако разликата помеѓу богатите и сиромашните беше помала? Јас сериозно се сомневам. Нудејќи навидум дарежливи бенфиции, американската војска ги омаловажува маргинализираните групи кои немаат други опции. Професорот и транс активистот Дин Спејд го кажа следново за овој проблем:

Кога ја губиме нашата критика за милитантизмот и американската војска во оваа дебата, според мене транс луѓе стануваат симболичен простор каде што може да се врши про-милитаристички РR. (…) Како би можеле да имаме покомплексен диалог за тоа како, да, трансродовите луѓе се сиромашни и не доволно вработени и им требаат вистински работи, но како нивната опција не би требало да биде една од најопасните и најекплоатативните работи кои постојат?

Имајќи го се ова на ум – како полицијата реагира кон протестанти, неправедните војни и дискриминацијата во војската – нашиот активизам мора да биде паметен додека се бориме против оваа забрана. Да, треба да ја критикуваме забраната на Трамп, но мораме да ги критикуваме и неговите опасни милитантни закани како неговите провокации на Северна Кореја (и да не заборавиме да правиме истото додека живеат Демократи во Белата Куќа и да ги исправиме нашите грешки на нашите некритики на војните на Обама). Не треба само да се бориме за правата на трансродовите лица од ваква основна и очигледна дискриминација, туку и да се бориме за економска како и општествена правда за маргинализирани групи. Реалността е секако дека ние, како активисти, не мораме да избереме да се бориме против само еден проблем: трансродови права или анти-милитаризам. Наместо тоа, ние треба да ги гледаме овие проблеми како поврзани и да се бориме против нив како такви. Треба да се бориме против дискриминација во војската и полицијата имајќи разбирање дека ова не е вистинскиот пат ни кон трансродовото ослободување, ниту ослободувањето на било која друга маргинализирана група.


Белешки:

  1. Martin Neshkovski was a 22-year-old Macedonian who was killed by one of ex-Prime-Minister Nikola Gruevski’s bodyguards in 2011. The VMRO-DPMNE government that was in power at the time tried to cover up his murder. His death incited immediate protests against police brutality in 2011, as well more protests later in 2015 and 2016.
  2. For those interested, you can find more information about why “Skopje 2014” was such a damaging project in vast detail here:  Skopje 2014 Uncovered. (Скопје 2014 под лупа.) http://skopje2014.prizma.birn.eu.com/en
  3. Murusic, Sinisa Jakov. Macedonia Hosts Joint Military Exercise with US Troops. Balkan Insight. July 28, 2017.  http://www.balkaninsight.com/en/article/macedonia-us-attend-joint-military-exercise-07-28-2017
  4. Greenfied, Rebecca and Tozzi, John. Here’s How Many Trans People Serve in the US Military. Bloomberg. July 26, 2017. https://www.bloomberg.com/news/articles/2017-07-26/here-s-how-many-trans-people-serve-in-the-u-s-military
  5. What Role Should the Military Play in the Fight for Transgender Rights? Democracy Now! July 27, 2017. https://www.democracynow.org/2017/7/27/what_role_should_the_military_play

 

Извор

Посетете го блогот: Die Bärliner – The Bard College Berlin Student Blog