20 Sep Родово-флуидните уметници излегуваат од сивата зона
Од
Месецов, во излогот на New Museum, уметницата Justin Vivian Bond која се бави со перформанс планира периодично да позира во розова тоалета со вештачки дијамант во облик на солза, врамена во рачно нацртан тапет кој го поистоветува лицето на уметницата со лицето на поранешниот модел на Estée Lauder – Karen Graham. Живеејќи во плакарот како трансродова тинејџерка во 1970-тите, Bond опсесивно ја цртала г-ѓа Graham, се’ додека “не се претворив себеси во платно”. Уметницата е облечена во стар фустан од Frank Masandrea, еден од неколкуте малку познати креатори кои ја облекуваа г-ѓа Graham пред СИДА-та да ги пресече во нивниот креативен врв.
Проектот “My Model | MySelf: I’ll Stand by You”, со гордост го става она што Bond го нарекува “квир лице” во центарот на гламурот создаден од геј луѓе, кој веќе долго време е присвоен од мејнстрим културата. Дизајнерите “и’ служеа на аспиративната желба на богатите бели жени од високата класа, а потоа беа целосно отфрлени од историјата”, вели уметницата.
Bond е една од повеќе од 40 меѓугенерациски уметници во “Trigger: Gender as a Tool and a Weapon”, која ќе се отвори на 27 септември со дела кои го истражуваат родот надвор од бинарното “машко” и “женско”.
Ова е најголемата изложба досега која се одржува во толку значаен музеј и се справува со флуидноста на родот, која е својствена за многу млади луѓе кои ги градат сопствените идентитети на социјалните мрежи и се изјаснуваат во врска со личните заменки кои ги претпочитаат на факултетските кампуси и на работните места. И додека дебатата за трансродовите права е интензивна и се врти во вестите – од повикот на претседателот Трамп за забрана на трансродови службеници во војската на САД, до законите со кои се регулира пристапот до јавните тоалети, до малтретирањата во затворите – “Trigger” донесе ново ниво на видливост за родово-флуидните уметници, кои претходно единствено беа препознаени во мејнстрим изложбите.
“Оваа изложба е обид да се идентификува без притоа да се кодифицира она што можеби е сосема туѓо за луѓето од 20-тиот век кои сé уште се борат со феминистичките прашања и геј правата”, вели Lisa Phillips, директорка на New Museum, одамна познат по своите изложби со политички теми.
Откако Charles W. Leslie и Fritz Lohman започнале да ја прикажуваат работата на геј уметниците во нивниот стан во 1969 година, флуидноста на родот е дел од миксот, вели Gonzalo Casals, директор на Leslie-Lohman Museum of Gay and Lesbian Art во SoHo. “Но, исклучително е важно за мејнстрим музеите – a не само за културнo специфичните музеи како мојот – да ги исложат тие дела”, додава тој. “Најдобар начин да се отуѓи една заедница е да им се одрече одразот во општеството”.
Специфичните изложби традиционално се потпираат на создавање категории како “само жени” или “латиноамерикански уметници”. Кураторката на “Trigger”, Johanna Burton, има намера да ја прекине категоризацијата, колку што и уметниците лично го прават истото.
“Некои од активистичките дела за кои размислуваме од кризата со СИДА се навистина дидактички”, вели г-ѓа Burton, која ветува дека изложбата во New Museum “нема да изгледа како политичко шоу од 80-тите години. Убавината и задоволството се навистина примарни за овие уметници и се перцепираат како начин на отпор”.
На пример, новата серија фотографии на Sadie Benning, насловена “rainy day/gender”, е колекција на портрети сликани преку капки на шофершајбна, на начин што ги прави телата на луѓето да изгледаат надреални и речиси неразбирливи.
Mickalene Thomas ја истражува лезбејската желба во нејзината видео-мрежа од 12 монитори, “Me as Muse,” прикажувајќи се себеси седната на кауч, фокусирајќи го погледот на различни делови од нејзиното тело.
Дим-машина на Candice Lin и Patrick Staff ќе испумпува растителни тинктури за намалување на тестостеронот во музејското лоби, како дел од нивното дело “Hormonal Fog” – кое со сигурност ќе им приреди уживање и ќе ги навреди гледачите кога ќе дознаат што дишат.
Изложбата го набљудува родот во однос на расата, класата и сексуалноста. Околу половина од уметниците не се бели. Повеќето се идентификуваат како квир – терминот за некомформистички сексуален идентитет кој вклучува лезбејки, геј, бисексуалци и трансродови лица. Некои, како режисерот Wu Tsang, сосема го отфрлаат родовиот спектар. “Самата уметност не мора да биде поврзана со биографијата на уметникот”, вели г-ѓа Burton.
Предупредување “Trigger”: Оваа изложба има за цел да ги предизвика гледачите, а некои може да го доживеат концептот за родот како движечка цел што е тешко да се прифати.
Пред неколку денови, конзервативните критичари успеаја да го убедат Santander Cultural, уметнички центар во Порто Алегре, Бразил, да ја затвори изложбата “Queermuseum” поради обвинувањата дека ја рекламира педофилијата и богохулењето.
“Трансродовите и родово-некомформистичките изрази постојат од секогаш”, изјави Erin Christovale, ко-кураторката на филмската програма “Black Radical Imagination”, која неодамна почна да работи во Hammer Museum. “Она што е ново е дека луѓето се носат со овие термини со многу гордост и овие термини почнуваат да се вреднуваат”.
Со појавата на трансродовите ликови во популарните телевизиски серии, вклучувајќи ги и “Transparent” и “Orange Is the New Black”, уметничките галерии почнуваат да го следат трендот. Еден од најмладите уметници во “Trigger”, чија работа ја адресира конструираната природа на родот и расата, Diamond Stingily (27), ќе прикаже нова скулптура и видео на самостојна изложба што ќе се отвори подоцна овој месец во Ramiken Crucible во Лос Анџелес.
“Уметничкиот свет сега е заинтересиран, бидејќи сите сакаат да се разбудат”, вели г-ѓа Stingily. “Добро е ако повеќе луѓе кои изгледаат како мене дојдат во тие простори и ги направат да не бидат толку ексклузивни за претежно бела публика”.
За “Trigger” таа прави плетенка на синтетичка црна коса долга повеќе од 200 метри, која ќе се спушти низ четирите галериски спратови на New Museum, повикувајќи се на силата и убавината на “расната” коса и ликови како Медуза и Рапанзел.
Ronald Feldman Fine Arts во SoHo оваа недела ја започнува сезоната со самостојна изложба на уметникот Cassils (претходно познат како Heather Cassils). Поставена е стаклена коцка со 200 литри урина на уметникот, собрана во месеците откако администрацијата на Trump направи измена на заштитата на претседателот Obama за трансродовите студенти да користат тоалети во согласност со нивните родови идентитети.
Carlos Motta, уметник познат по својата мултимедијална работа која ги документира квир заедниците, го насочува вниманието кон недоволното пријавување на дискриминација против родово-некомформистичките бегалци. Во неговите 11 видео-портрети кои оваа недела ќе се гледаат во Stedelijk Museum во Амстердам, бегалците раскажуваат за угнетувањето што го доживеале во нивните татковини на Блискиот Исток и во бегалските кампови во Холандија.
Г-дин Motta сепак е скептичен, дали застапеноста во привилегираниот свет на уметноста навистина води кон политички промени.
“Секако дека е важно да се раскажуваат приказните на луѓето, но кој всушност бенефицира од проекција на филм во музеј и што всушност ваквиот дискурс допринесува за заедниците кои се во прашање?”, прашува г-дин Motta. Тој побарал начин да го премости социоекономскиот јаз помеѓу уметничките институции и маргинализираните луѓе кои ги снима, вклучително и користење на некои од неговите сопствени изложбени средства, за да им даде копии од неговите видеа на транс-организациите за нивна сопствена промоција.
Juliana Huxtable, една од најмногу дискутираните уметници во триеналето на New Museum за 2015 година, поради претставувањето на нејзиното голо трансродово тело, исто така се сомнева дали поголемата видливост на трансродовата уметност ќе доведе до општествен напредок.
Дали “публиката е опседната и ги конзумира медиумите за трансродноста преминувајќи во дериватна порнографска опсесија со трансродовите тела?”, праша таа, во едно интервју во новата антологија, “Trap Door: Trans Cultural Production and the Politics of Visibility”, која ќе биде објавена во ноември од New Museum. “Или ме ставаат во излог како циркуски фрик?”
“Тоа е вознемиреноста со која се стекнав од целата ситуација, бидејќи мислам дека политиките и насилството врз транс луѓето имаат директна врска со тоа зголемување на видливоста”.
Г-ѓа Huxtable истакна дека нејзината работа која не ја претставува на сексуализиран начин не се продава. “Никој не сака да купи дело кое не изгледа заводливо”, вели таа.
Г-ѓа Burton проценува дека две третини од уметниците во “Trigger” немаат галериско претставување.
Martine Gutierrez, која никогаш не се идентификувала како маж и во моментов минува низ транзиција кон жена, имала големи потешкотии да одговари на барањата на уметничкиот свет кога првпат почнала да изложува. “Тие сакаат уметникот да се дефинира себеси и сакаат делото да биде дефинирано, особено ако уметникот е во делото”, вели г-ѓа Gutierrez. Ова беше особено вознемирувачко кога нејзиниот идентитет се движеше во сива област.
Слики од нејзината фотографска серија од 2014 година “Lineups”, во која уметницата е стилизирана на начин да се вклопи во група на гламурозни женски кукли-модели, се изложени во групната изложба “Converging Voices: Gender and Identity” во Hofstra University Museum во Хемпстед, Њујорк “Ова дело беше мојот прв порив да сфатам дека сакам да ме гледаат како жена”, вели г-ѓа Gutierrez, која сега се чувствува удобно да ја користи женската заменка.
Во 2013 година, кога трансродовите луѓе почнаа да бидат вклучени во институциите на легитимитетот и моќта, Chris E. Vargas, мултимедијален уметник, го измисли фиктивниот Museum of Transgender Hirstory & Art, или MOTHA, како форма на институционална критика. Започна како лого и постер со слики од повеќе од 250 родово-некомформистички херои, како Chaz Bono и Peppermint Patty, кои ќе бидат изложени на “Trigger”. Проектот на Vargas со голема брзина прерасна во серија на иронични настани и предавања, кои тој ги изведува под превезот на извршниот директор на MOTHA. (Тој ќе одржи изведба во New Museum.)
“Дали одговорноста паѓа врз уметничка и историска институција, која е посветена на историски маргинализирана заедница, да и’ се приклучи на мејнстрим прославата на либералната инклузија?”, вели г-дин Vargas во својот есеј во “Trap Door”. Или пак, ваквата институција треба да остане верна на своето минато, вкоренето во нарушувањата и трансгресијата?”.
Г-ѓа Burton, кураторката, вели дека иако никој уметник кој бил поканет на изложбата не ја одбил, таа е свесна за проблемите и одговорностите за инјектирање на овие бурни гласови во кулата од слонова коска. Таа не сака “Trigger” да биде премногу лесно сварлива.
“Ако изложбата е изведена правилно, и се надевам дека е така, луѓето ќе се заинтересираат, но нема да им дозволи да мислат дека целосно разбираат нешто”, вели таа. “Ако престанете да размислувате за себе како стабилен идентитет кој гледа кон нешто што го создал некој друг стабилен идентитет, барем за времетраењето на изложбата, тоа менува се’ “.
“И на некои луѓе”, предвидува таа, “нема да им се допадне тоа”.