24 May Комисијата за заштита од дискриминација делува спортивно на Народниот Правобранител и интересите на граѓаните
Комисијата за заштитаод дискриминација донесе мислење по претствка на Коалицијата СЗПМЗ за дискриминаторска содржина воучебникот „Социјална патологија“ во која повторно не успеа да препознае дискриминација и да препорача соодветни мерки за нејзино отстранување. По истата претставка Народниот правобранител постапи, утврди дискриминација, а Ректоратот на УКИМ предвиде измени на Правиликот за организирање на издавачката дејност со внесување на анти-дискриминаторска клаузула.
Сметаме дека ова е уште еден доказ дека членовите на Комисијата за заштита од дискриминација се непрофесионални, немаат познавања од областа за која се назначени, делуваат под директно партиско влијание на власта во заминување со што работат спротивно на интересите на граѓаните. Понатаму, одговорот на оваа претставка е уште еден од многуте индикатори дека постоечкиот состав делува непрофесионално и наместо да ги штити правата на граѓаните ги спроведува партиските интереси на власта во заминување. Собранието не смее да дозволи овој важен орган за заштита на правата на граѓаните да остане узурпиран од ВМРО-ДПМНЕ. Бараме од Собранието во најскор можен рок да почене постапка за промена на составот на Комисијата за заштита од дискриминација.
Коалицијата СЗПМЗ во декември 2016 година поднесе претставки до Комисијата за заштита од дискриминација и до Народниот правобранител во врска со дискриминаторски и вознемирувачки содржини кон ЛГБТ лицата, лицата кои употребуваат дроги и лицата кои живеат со ХИВ, во учебникот: „Социјална патологија“ од авторите Зоран Сулејманов и Нелко Стојановски. Народниот правобранител позитивно се изјасни за оваа претставка и утврди дека „спорните текстови не се во склад и не соодветствуваат на сегашната домашна и меѓународна регулатива, односно дека истите се застарени, полни со предрасуди и стереотипи кои се неприфатливи за едно модерно и демократско општество“. Комисијата за истиот овој учебник донесе Мислење согласно кое во предметниот учебник не е извршена дискриминација кон горенаведените категории на лица. Во образложението на Мислењето, Комисијата објаснува дека во спорните делови од учебникот „не се содржани зборови кои упатуваат на навреди или на поттикнување на омраза“. Комисијата своето Мислење го оправдува и со тоа дека „слободата на научното и на уметничкото творештво е загарантирано право со Уставот на Р.М., како и со други домашни и меѓународни документи“, повторно незамајќи го предвид фактот дека слободата на изрзување, вклучително и слободата на научното творештво е ограничена со говорот на омраза и заштитата од дискриминација на граѓаните. Мислењето на Комисијата е во директна спротивност со Препораката на Народниот правобранител бидејќи се работи за ист учебник, па оттука е нејасно како е возможно Комисијата да не успее да препознае дискриминација, погрешно да ги толкува фактите, законите и меѓународните стандарди наоѓајќи навидум „легитимни“ изговори за дискриминаторите.
Со ваквото постапување, Комисијата ги легитимира дискриминаторските практики, наместо истите да ги санкционира. Уште еднаш станува јасна потребата од итни законски измени на Законот за заштита и спречување од дискриминација, со цел професионализација и јакнење на капацитетите на Комисијата и нејзино одговорно и стручно работење.
*фотографијата е превземена од веб страницата на Комисијата за заштита од дискриминација – http://www.kzd.mk
Лице за контакт: Драгана Дрндаревска 078 200 675