Париз забрани сексистички, дискриминаторски и хомофобични реклами

Париз забрани сексистички, дискриминаторски и хомофобични реклами

Забраната за дискриминаторски постери ја предложи Канцеларијата за родова еднаквост и анти-дискриминација, а минатата недела беше најавено дека забраната се однесува на сите слики кои се дискриминаторски по основ на етничка припадност, националност, религија, пол и возраст.

Во соопштението на градските власти се наведува дека се забрануваат сите рекламни материјали кои му штетат на човековото достоинство. Од сега па натаму, во градот нема да се појавуваат реклами кои прикажуваат “сексистички стереотипи, кои се лезбофобични и / или хомофобични, понижувачки, деградирачки и дехуманизирачки, ниту вознемирувачки прикази на жените и мажите и нивните односи.”

“Покрај градови како Лондон и Женева, кои веќе имаат слична практика, Париз е лидер во спречувањето на ширење, промоција и величење на понижувачки слики на одредени групи на граѓани / ки”, изјави градоначалничката на Париз – Ана Хидалго, првата жена на таа позиција.

Оваа одлука доаѓа по контроверзноста предизвикана од неодамнешната кампања на модната куќа Ив Сен Лоран, која беше наречена мизогинистичка. Француската водечка организација за правата на жените Osez le feminisme! (Осмели се да бидеш феминист / ка!), се залагаше за повлекување на рекламата. “Сексистичка е по сите категории. Жените се објективизирани, хиперсексуализирани и се ставени во покорна позиција “, изјави нивната портпаролката Raphaelle Remy-Leleu.

Извор