23 Mar Она што го должиме на прикриениот, пионерски активизам на сексуалните работнички
Нема официјални податоци за тоа колку сексуални работнички/ци постојат на глобално ниво, со груби проценки помеѓу 13,8 и 30 милиони луѓе. Но, нивната работа е добро документирана во текот на вековите, сечејќи низ секоја класа и општество, од легални бордели за време на Римската империја до јапонските оирани (куртизани). Невозможно е да се замисли свет без сексуалните работнички/ци.
И покрај социјалната изолација, обичните жени имаат многу за што да им се заблагодарат на сексуалните работнички. Историски гледано, сексуалните работнички во голема мера се вклучени во активизам и вршат силен притисок за напредокот на женските и правата на работниците, во и надвор од индустријата на сексуална работа.
Нема да прочитате за придонесите на сексуалните работнички за правата на жените во книгите по историја. Повеќето од нивните напори биле исмејувани во најдобар случај, и игнорирани во најлош случај. Сексуалната работничка и активистка Juno Mac од Sex Worker Open University и English Collective of Prostitutes објаснува за загубите кои би можеле да се случат без помошта на сексуалните работнички.
BROADLY: Здраво Juno, фала за разговорот. Како би изгледал светот без сексуални работнички за тебе?
Juno Mac: За мене, не постои сомнеж за значајниот политички напредок во општеството благодарение на непроценливиот придонес на сексуалните работнички низ историјата. Најчесто, непризнаен.
Придонесите на сексуалните работнички датираат од hetaera (куртизаните) од античка Грција кои биле во потрага за унапредување на образованието на жените, до американската активистка и поетеса Maya Angelou, која отворено пишува за нејзините искуства како сексуална работничка. Модерниот активизам на сексуалните работнички започна отприлика во исто време со подемот на феминистичките и другите движења за социјална правда во 1970-тите. Домаќинките, исто така треба да им се заблагодарат на сексуалните работнички за нивниот напредок. Активизмот на English Collective of Prostitutes е суштински дел на кампањата Wages for Housework. Беше лансирана во Италија во 1972 година за да се подигне свеста за тоа како домашната работа и детската грижа се основа на сета индустриска работа и дека жените треба да се платат соодветно. Исто така имаше за цел да го насочи вниманието кон легитимитетот и вредноста на емоционалната работа на жените генерално, вклучувајќи ги и сексуалните работнички.
Што друго ќе беше различно без сексуалните работнички?
Сексуалните работнички, исто така се во првите редови на јавното здравје, и беа неверојатно активни во борбата против ХИВ и СИДА. California Prostitutes Education Project е основана во 1984 година за истражување на СИДА кај жените и обезбедување на образование и кондоми. Кога Меѓународната Конференција за СИДА се одржа во САД во 2012 година, беше организиран и придружен настан во Индија, така што многуте сексуални работнички активни во активизмот за СИДА, кои имаа забрана за влез во САД поради владините рестрикции за патување на сексуалните работнички/ци и корисниците на дрога – би можеле да присуствуваат.
Каква врски има ова со моменталната политичка средина во која се наоѓаат сексуалните работнички?
Кога станува збор за активистичките движења во денешно време, има многу внатрешни конфликти за тоа дали сексуалните работнички се добредојдени на масата. Големи делови од мејнстрим феминистичкото движење сé уште нé избегнуваат или активно работат против нашите повици за декриминализација. Дури и ЛГБТК движењето е неодлучно дали да нé вклучи. И покрај фактот што немирите во Stonewall беа предизвикани од Sylvia Rivera, транс сексуална работничка, организацијата Stonewall допрва треба да излезе со политика која е про-декриминализација. Ова се случува во контекст на зголемување на криминализацијата против квир сексуалните работнички.
Но, како и секогаш, ние сме истрајни, и сексуалните работнички во целиот свет се борат против својата криминализација. Цврсто сме вградени во рамките на други движења, ткаејќи ги нашите залагања преку отпор кон индустрискиот комплекс на затворот, во опозиција со полициското насилство и границите, борбата против мерките за штедење, или борбата за декриминализација на дрогите. Како што гледате, ние ќе се бориме за многу други цели како и за нашите сопствени.
Што би се случило кога жените сексуални работнички би започнале штрајк или би одбиле да одат на работа некое време—какви би биле општествените последици?
Во моментов, доколку сексуалните работнички беа на штрајк, сите ќе бевме посиромашни – немаме поддршка од синдикатите, ниту фонд за штрајкови. Штрајкувањето е јавен начин на вршење притисок врз менаџерите и е достапен само за оние кои не се криминализирани. Ние не можеме да ги посочиме нашите газди за одговорност додека не излеземе од сенка.
Така што, за да дознаете како би изгледал светот без проституција, или што би значел штрајкот во контекст да се создаде драстично променета сексуална индустрија, прво ќе треба да ја декриминализираме. Овој став е поддржан и од страна на World Health Organization, UNAIDS, Lancet Medical Journal, Open Society Foundations, Human Rights Watch, и Amnesty International.