21 Feb Перцепирањето на зависноста како мозочно заболување промовира социјална неправда
од Carl L. Hart
Пред повеќе од 25 години, почнав да студирам неврологија бидејќи сметав дека ваквиот пристап на уникатен начин ќе го исправи ‘проблемот со дрогите’. Во тоа време, верував дека сиромаштијата и криминалот во сиромашната заедница од која што доаѓам се директен резултат на зависноста од дрога; така што, сметав дека ако успеам да ја излечам зависноста, особено преку невро-манипулации, би можел да ги разрешам сиромаштијата и криминалот во мојата заедница. Но, научив дека додека кокаинот – и други рекреативни дроги – привремено ја зголемува функционалноста на одредени неврони во мозокот на сите кои ја земаат дрогата, најголемиот број на корисници никогаш не стануваат зависни. Што се однесува до релативно малиот процент на поединци кои стануваат зависни, пропратни психијатриски нарушувања и социо-економски фактори се одговорни за значаен дел од зависноста. Досега, не е идентификувана биолошка подлога која ги разликува независните од зависните поединци.
Идејата дека зависноста од дрога е болест на мозокот, е привлечна, но празна: практично и не постојат докази кај луѓето кои укажуваат дека зависноста е болест на мозокот, како што на пример Хантингтон или Паркинсон се болести на мозокот. Кај ваквите болести, може да се погледнат мозоците на заболените поединци и да се направат прецизни предвидувања за болеста и симптомите.
Не сме во можност ниту од блиску да ги разликуваме мозоците на зависниците од оние кои не се зависни. И покрај ова, перспективата за ‘заболениот мозок’ во голема мера влијае на финансирањето и насоките на многу истражувања, како и на перцепцијата за употребата на дроги и зависноста во општеството. На пример, неодамна иницираната мултимилионска лонгитудинална студија Adolescent Brain Cognitive Development (https://addictionresearch.nih.gov/abcd-study) првенствено има за цел да прибере неуровизуелни податоци за подобро разбирање на употребата на дроги и зависноста кај адолесцентите. Се прибираат генетски информации и се мери употребата на дроги и академските достигнувања, но земањето во предвид на важни општествени фактори недостасува. Имено, никогаш не ни постоел дотолку амбициозен проект кој е финансиран, а се фокусира на психо-социјалните детерминанти или последиците (на пример, работен статус, расна дискриминација, карактеристики на соседството, политики) од употребата на дрога или зависноста.
Ваквата ситуација допринесува кон нереалистични, скапи и штетни политики на дроги. Ако вистинскиот проблем со зависноста од дрога, на пример, е интеракцијата помеѓу самата дрога и мозокот на поединецот, тогаш решението на овој проблем лежи во еден од два пристапи. Или дрогата да се отстрани од општеството преку политики и спроведување на законот (на пример, општества без дрога) или да се фокусира исклучиво на ‘зависниот’ мозок на поединецот како проблем. И во двата случаи, не постои ниту потреба, ниту интерес за разбирање на улогата на социо-економските фактори во справувањето со употребата на дроги и зависноста.
Штетните ефекти од спроведувањето на законот како основно средство за справување со употребата на дроги е добро документирано. Годишно се апсат милиони луѓе за поседување на дрога и одвратната пракса на расизам цвета во спроведувањето на ваквите политики. Во САД, на пример, поседувањето на канабис брои речиси половина од 1.5 милиони апсења на годишно ниво, а веројатноста дека ќе бидат уапсени за поседување на канабис е 4 пати поголема кај црните луѓе отколку кај белите, и покрај тоа што и двете групи употребуваат канабис во слична стапка.
Подмолната претпоставка на теоријата за заболениот мозок е дека употребата на одредени дроги е патолошка, дури и непроблематичната, рекреативна употреба која го карактеризира искуството на мнозинството кои ги земаат овие дроги. На пример, во една популарна кампања против дрогите во САД, се посочува дека една доза на метамфетамин е доволна да причини неповратлива штета: http://www.methproject.org/ads/tv/deep-end.html.
Во 80-те, употребата на крек кокаин беше виновна за се’, од ектремно насилство до висока стапка на невработеност, рана смрт и напуштање на деца. Уште позастрашувачки, се сметаше дека зависноста се случува по само една доза. Експертите за дрога наклонети кон неврологија го искажаа својот став. “Најдобриот начин да се намали побарувачката”, беше цитиран професорот по психијатрија Frank Gawin од Универзитетот Јеил во Newsweek (16-ти јуни 1986), “е Господ да го редизајнира човечкиот мозок за да се промени начинот на кој кокаинот реагира со одредени неврони.”
‘Невролошките’ забелешки за дрогите без основа во доказите се погубни: тие оформија средина во која има неоправдана и нереална цел за елиминирање на одредени дроги кај маргинализираните граѓани по секоја цена. Во 1986, Конгресот на САД донесе закон со кој постави пенали кои се 100 пати построги за престапи со крек отколку за кокаин во прав. Повеќе од 80% од притворените за престапи со крек кокаин се црни, и покрај фактот што мнозинството на корисници на дрогата се бели. Денес, многумина сметаат дека законите за крек/кокаин во прав се одвратни бидејќи ги преувеличуваат штетните ефекти на крекот и се спроведени во расно-дискриминирачки манир, но неколкумина критички ја ставаат во прашање улогата на научната заедница во потпомагањето на основните претпоставки на овие закони.
Научната заедница ја игнорира срамната расна дискриминација која се провлекува во спроведувањето на законите за дроги. Истражувачите се бели и не се приморани да живеат со последиците од нивните дела. Јас го немам тој луксуз. Секогаш кога ќе погледнам во лицата на моите деца или кога ќе се вратам во својата младост, принуден сум да се соочам со убивањето кое е резултат на расната дискриминација, која е неконтролирана во примената на законите и е потпомогната од аргументи едвај втемелени на научни докази.
Повеќе не смееме да дозволиме невро-преувеличувања да ги одредуваат приоритетите и насоките на финансирање на истражувањата за дроги, да си оформуваат нашите сфаќања за дрогите, ниту нашите политики на дроги. Влоговите се превисоки и човечките животи се непроценливи.