Бившата сексуална работничка која создала пензионерски дом

Бившата сексуална работничка која создала пензионерски дом

После години работа на улиците на Мексико Сити, Carmen Munoz се запрашала што се случува со сексуалните работнички како неа откога ќе остарат – па се изборила да создаде пензионерски дом.

Историскиот плоштад Plaza Loreto во Мексико Сити – опколен со згради кои датираат од 16-от век – е местото каде Carmen Munoz го започнала својот пат на сексуална работничка. Дошла во градот барајќи работа каде и’ било кажано дека свештеникот во црквата Santa Teresa la Nueva понекогаш им наоѓа работа на домашните работници.

Имала 22 години, била неписмена и имала седум деца кои треба да се нахранат – едно од кои го носела в раце. Четири дена нестрпливо чекала да се сретне со свештеникот, но кога конечно успеала, тој не и’ помогнал и ја испратил.

“Само ми кажа дека има тони работа и дека треба да побарам наоколу,” се сеќава таа. “Си отидов плачејќи, бидејќи длабоко ме повреди што свештеникот зборува на тој начин.”

Во тој момент на Munoz и’ пришла некоја жена за да ја утеши.

“Таа ми рече: ‘Човекон вели дека ќе ти даде 1000 пезоси ако одиш со него,'” Munoz се сеќава. Тогаш звучеше како богатство, иако според денешниот девизен курс – земајќи ја предвид ревалоризацијата од 1993 кога еден нов пезос бил вреднуван како 1000 стари пезоси – е едвај пет американски центи.

“Реков: ‘Никогаш не сум видела 1000 пезоси на едно место – каде ќе одам со него?’

“Таа ми кажа: ‘Во соба.’ А јас реков: ‘Во соба? Како ќе знам што треба да работам?’

“‘Не!’ ми рече таа: ‘Не разбираш, во хотел.’

“Ја прашав: ‘Што е тоа хотел?'”

Жената отворено и’ кажала што треба да направи.

Кога Munoz разбрала, била во шок.

“Госпоѓо не, не, не тоа!” рекла.

Но жената одговорила: “Претпочиташ да му дадеш на сопругот кој не ти обезбедува ни сапун, отколку на некој кој ќе ти обезбеди за децата?”

Очајувајќи, отишла со човекот. Како што и’ било ветено, тој и’ ги дал 1000 пезоси, но не побарал ништо за возврат. Не сакал да го искористи нејзиниот очај, така кажал, и и’ ги тутнал парите в рака додека таа плачела.

Веројатно знаел дека таа ќе се врати.

Следниот ден, очајот на Munoz се претворил во пркос. Се вратила на истиот агол на плоштадот Plaza Loreto мислејќи си: “Од сега, моите деца повеќе нема да бидат гладни.”

Следните 40 години таа заработувала како сексуална работничка на ќошињата од плоштадот и околните улички.

Областа е позната како Merced – 106 раздвижени блокови кои оформуваат еден дел од Областа на свестско наследство на УНЕСКО, каде стојат едни од најстарите згради во центарот на градот, главниот трговски центар и најголемиот ред лајт дистрикт од седумте во градот. Има барем по еден запуштен хотел во секој блок.

“Кога прв пат почнав со сексуална работа бев заслепена од парите,” вели Munoz. “Сфатив дека имам вредност, дека некој би платил да биде со мене, кога таткото на моите деца ми кажа дека не вредам ништо и дека сум многу грда.”

Но работата на улица има и своја цена. Властите и макроата почнале да бараат пари. Тепањето и сексуалното вознемирување биле вообичаени, а таа станала зависна од дрога и алкохол.

Сепак, и покрај сето ова, таа е благодарна.

“Благодарение на сексуалната работа можев да се грижам за своите деца и да им обезбедам кров над глава – достоинствен дом,” вели таа.

А години подоцна, таа успеала да обезбеди дом и за многу други.

Една вечер, забележала валкана церада на улица, која се движела. “Пријдов и ја подигнав, мислејќи дека ќе најдам деца долу,” вели таа. Наместо тоа, нашла три постари жени, гушнати за да се затоплат. Ги препознала како сексуални работнички.

“Боли, како човек те боли да ги видиш така,” вели Munoz.

Им помогнала да станат, им купила кафе, и им обезбедила соба во ефтин хотел.

Сфатила дека има многу постари жени кои работат на плоштадот. Во моментот кога изгледот ќе почне да избледува, заради стареење и тешкиот живот на улица, многу од нив завршуваат без ништо. Семејствата не ги сакаат, па немаат каде да одат. Munoz решила дека мора да превземе нешто во врска со тоа.

Следните 13 години лобирала кај градските власти да обезбедат пензионерски дом за постарите и бездомни сексуални работнички. Со поддршка од неколку познати уметници, соседи од Merced и сексуални работници, таа конечно ги убедила. Градот им дал огромна зграда од 18ти век, на неколку блока од плоштадот Plaza Loreto.

Восхитот на жените кога за прв пат зачекориле низ вратите бил неизмерен. “Тоа беше неверојатно искуство,” вели Munoz. “Плачевме од среќа, се смеевме и викавме: ‘Сега имаме дом!'”

Требало многу работа за да се исчисти зградата, бивш музеј на боксот, но во 2006 се вселиле и првите жени. Засолништето го именувале Casa Xochiquetzal, по ацтечката божица на женската убавина и сексуална моќ.

Кога ги напуштив какофоничните улици на Merced и влегов во Casa Xochiquetzal, жените слушаа музика.

Се одржуваа работилници за накит и цвеќарство, а воздухот беше опиен од мирисот на нешто што се пече – неколку станарки печеа торти.

Покрај тоа што ги учи жените на нови вештини, Casa Xochiquetzal има за цел и да го подобри нивното здравје преку работилници за самодоверба, медицински прегледи и советувалиште.

Собата на Marbella Aguilar е полна со книги – нејзините омилени автори се Пабло Неруда, Лав Толстој и Франц Кафка.

“Книгите се моето бегство уште од 9-годишна возраст,” вели таа.

Како дете, пред речиси 60 години, нејзините родители ја исфрлиле. За среќа, друга жена ја посвоила, но кога умрела, Aguilar – сега на 16-годишна возраст – морала сама да се снајде за кирија и да си ги плати студиите.

Кога ова се докажало како невозможно, таа почнала да го продава своето тело. “Не можев да сторам ништо друго,” вели таа.

Преку различните работи и повремента сексуална работа, Aguilar успеала да ги издржува своите три деца за време на нивното школување. Но кога нејзината ќерка тинејџерка починала од леукемија, паднала во тешка депресија, не можела да работи и била исфрлена од својот дом бидејќи не можела да ја плати киријата.

Во тој момент Casa Xochiquetzal ја спасила и сега таа заработува продавајќи накит на околните пазари.

“Оваа куќа ме научи дека мојот живот вреди многу, дека сум достоинствена како и секоја друга жена,” вели таа. “Сега кажувам дека жена може да ја изгуби честа, но никогаш достоинството.”

Нејзината единствена тага е што нејзините живи деца не разговараат со неа.

Во моментов има 25 други постари или бездомни жени кои живеат во Casa Xochiquetzal – на возраст од 55 до 80. Иако многу од нив се пензионирале, некои се’ уште работат на улиците.

Во изминатите 11 години, на повеќе од 250 сексуални работнички им било дадено засолниште тука. Сепак, имало и големи предизвици.

Финансиските средства на Casa Xochiquetzal се несигурни – грантот од градските власти бил скратен и сега се потпира на добротворни донации.

Згора на се’, не постои сложност помеѓу сите станарки. Иако сега жените се пријателки и цимерки, порано некои од нив биле ривалки и непријатели на улиците.

“Толку сме искористени, злоупотребени, толку натепани и толку маргинализирани, што речиси секогаш сме на ивица,” објаснува Munoz. “Ноктите ни’ се извадени, спремни да нападнеме ако не’ нападнат.”

Но несогласувања има  во секое семејство, вели Aguilar. “Овде се научивме да се почитуваме меѓусебно, дека има нешта кои се вредни за да се избориш – и ова ја носи хармонијата во куќата.”

Ако не хармонија, тогаш барем чувство на мир, и сигурноста дека нема да умрат оставени сами на улица.

“Заслужуваме место каде ќе ги поминеме последните денови од нашите животи со достоинство и спокој,” вели Munoz.

Еден ден се надева дека и таа ќе се всели.

 

Извор