09 Jan Промоција на истражување за сексуалноста и сексуалното здравје на младите во РМ
Коалицијата СЕКСУАЛНИ И ЗДРАВСТВЕНИ ПРАВА НА МАРГИНАЛИЗИРАНИТЕ ЗАЕДНИЦИ има чест да ве покани на промоцијата на истражувањето “Колку се еднакви и безбедни младите во Mакедонија во нивниот сексуален развој и сексуални искуства? – Податоци од HBSCM истражувањето со млади на 15 години “. Промоцијата ќе се одржи на 11. 01.2017, среда, во 11.00ч, во хотел Холидеј Ин.
Резултатите од истражувањето ќе ги претстави Лина Ќостарова Унковска, главна истражувачка, а збор на конференцијата ќе земе и Ирена Цветковиќ, извршна директорка на Коалицијата СЗПМЗ.
Оваа публикација, во најголем дел се потпира на истражувачки резултати за сексуалните однесувања, интереси и заштита кај младите (15 год.) од Македонија, добиени со нивно директно учество во меѓународната лонгитудинална (HBSC) студија. HBSC Студијата e меѓународно истражување за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст (11 г., 13 г., и15 г.), кое се спроведува секоја четврта година, во 44 земји од Европа и Северна Америка.
Резултатите добиено од истражувањето се први од овој тип, и имаат особено значење доколку се земе предвид дека темите за сексуалноста, за сексуалното и репродуктивното здравје на младите во Македонија се отвораат бавно и селективно, како и дека за родово-идентитетските прашања, како родовата припадност и изразување, и сексуалната ориентација сеуште не постои подготвеност да се разговара отворено и аргументирано.
Избегнувачкиот став на образованието кон темите за сексуалноста, како последица, има високи ризици како за сексуалното и репродуктивното здравје на младите, така и за нивното ментално, емоционално и социјално здравје. А токму образованието треба да биде главниот катализатор во рушење на табуата, во симнување на маските, и во поставување на овие прашања високо меѓу приоритетите на еднаквоста за подобро здравје.
Имајќи предвид дека отворањето на јавна дебата за посочениве прашања претставува прв и клучен чекор кон унапредување на добросостојба на младите во Македонија, ќе ни претставува особено задоволство доколу присуствувате на промоцијата и ги размените вашите мислења и коментари, како би можеле заеднички да работиме во иднина на подобрување на состојбата со човековите права и здравјето на младите во Р. Македонија.