Викторијанците на 21-от век

Викторијанците на 21-от век

Превод: Јулија Мицова

Во 19-от век буржоазијата класната доминација ја наметнувала со посредство на моралот, додека денешната елита сѐ уште го прави истото.

Од Џејсон Теб

yoga

Зборот викторијанско потсетува на конзервативни идеи: жени стегнати во корсети, строго поделени родови улоги, и лажна срамежливост на теми поврзани со сѐ што е сексуално. Во свет во кој владее впечатлив конзумеризам и само-изразување, викторијанските ставови преку кои се наметнува воздржаност и само-одрекување изгледаат прилично застарени.

Но викторијанскиот начин на размислување сѐ уште е присутен, и тоа во голема мера.

Опстојува и понатаму во однесувањето на современата висока средна класа. Иако одредени аспекти ги снајде истата судбина како и вечерната облека, верувањето дека буржоазијата има морална супериорност  над другите класи и понатаму преовладува.

Во денешно време неделните променади, вечерните предавања и посетите во семејните салони се заменети со фитнес, храна подготвена од професионални готвачи и уписи на универзитет. Сепак, целта не е променета: трансформација на класната привилегираност во индивидуална доблест со цел да се наметне доминација во општеството.

Викторијански вредности

Историчарот Питер Геј го користи поимот „викторијанско“ за да ја опише културата на образованата висока средна класа на Западна Европа и Соединетите Американски Држави во текот на долгиот 19 век. Секако, нивните погледи за сексот, родот и семејството биле многу покомплексни отколку што мислиме.

Викторијанците можеби наметнувале строг морален код, но за сексот зборувале постојано, дури и опсесивно. Како што истакнува Геј, богатите двојки често пишувале страсни љубовни писма пожешки и од парната машина.

И покрај стереотипите на непоколебливите, апсолутистички татковци, во оваа ера исто така биле воведени современи идеи за воспитувањето на децата. Вистинскиот маж освен што финансиски се грижи за семејството, исто така игра активна улога во емотивната благосостојба на своите деца.

Иако високата средна класа на 19-от век всушност не била толку строга и морализаторска како што си замислуваме, се придржувале до строги правила на однесување. Ваквите нормативни правила ја отсликувале променливата класна структура во овој период и надмоќната желба на буржоазијата да ја наметне својата морална супериорност над благородништвото, со посредство на доблест за да го придобие местото на старото благородништво во центарот на политичкиот, општествениот и културниот живот. Додека синовите на господата оделе во лов и вечерале во отмени ресторани, синовите на банкарите и адвокатите работеле, создавале семејства и вложувале во своето образование.

Клучниот збор за ова користен во германскиот јазик не може ни да се преведе прецизно: Bildung, со значење образование во форма на лична наградба и подобрување. Оваа идеја, изразена на различни јазици кај повеќе нации, беше заедничка за класата во подем ширум светот.

На пример, слушањето музика станува дел од образованието, а не момент на забава. Класичната камерна музика во 18-от век имала улога на пријатна позадина на аристократските вечерни седенки. Во концертните сали, благородништвото се гали во ложите и заборава на изведувачите.

Но кога капиталистичката класа во подем посетува концерти, тие не дрдорат весело: седат мирно во тишина за да се концентрираат на музиката.

Германските викторијанци го сковале зборот Sitzfleisch – тело што седи – за да ја опише контролата на мускулите потребна за да се седи апсолутно мирно за време на концерт. Дури и кашлањето и кивањето било задушено за да не се прекине нечија концентрација и да се попречи нечие само-подобрување.

Потрагата по Bildung навлегува и во секојдневниот живот. Богати млади жени, со загарантирана кариера како сопруги и мајки, учат барем уште еден јазик, да свират на пијано и земаат часови по пеење. Мажите често ги поминуваат вечерите на предавања или пак учествуваат во граѓански организации.

Сепак, со цел ваквата посветеност да се исплати, духовно збогатените викторијанци нашле начин како да го покажат знаењето, со што ја истакнуваат очигледната разлика меѓу нив и побогатите, но и посиромашните.

Тие трошат огромно богатство од приходот на внатрешно уредување во стил кој покажува влијателност, вкус, но истовремено и скромност. Симбол за нивниот успех бил салонот – соба во куќата каде се забавуваат гостите, а во која самите домаќини никогаш не влегуваат кога се сами во домот. Во недели целото семејство тргнувало на прошетка низ паркот.

Всушност, низ Европа и САД, богатите семејства ја поттикнале изградбата на се поголем број на паркови. Но, во согласност со нивните вредности, овие простори не биле наменети за обичните луѓе да уживаат во нив туку единствено како сцена на која тие ќе ја покажат најубавата неделна облека.

Во Централ Парк во Њујорк на пример, било забрането да се шета по тревата или да се игра спорт. За да си играат на игралиштата децата морале со себе да носат „уверение за добро поведение“ издавано од училиштата кои ги посетувале. Точењето на пиво било забрането во недела.

Парковите не биле место каде работничката класа ќе ужива во слободното време, туку како место за дисциплина. Таму работниците научиле како соодветно да уживаат во паркот: преку прошетка. Парковите на Фредерик Ло Олмстед биле масивни храмови во служба на викторијанското сфаќање на природата и место за надградба.

Фитнес Моралност

Иако мажите во шапки и жените во долги здолништа на неделна прошетка со децата не претставува честа глетка, парковите и понатаму се место каде може да се изложи доблеста и дисциплината: современата фитнес култура совршено ја отелотворува филозофијата во 19-от век за надградба и дисциплина.

Викторијанците не биле наклонети на физичката активност – истата била намената само за пролетеријатот – и за нив вишокот килограми претставувале симбол на класа и углед. Фитнесот и спортот во животот на средната класа продреле во 20-от век, а денес ја имаат истата улога како тогашната прошетка низ паркот.

Ова прв пат го согледав пред 9 години. Живеев во Гренд Рапидс во Мичиген и уживав во прошетките со велосипед за да ги истражам непознатите места. Еден ден решив да го посетам Источен Гренд Рапидс, богато предградие, затоа што низ него има патека која води до езерото Ридс.

Кога пристигнав сфатив дека јас сум единствениот што не носи облека за вежбање. Не дека сите вежбаа, повеќето само се шетаа, слично на нашите предци, но сите беа облечени како за во фитнес центар. Другите велосипедисти носеа тесна облека од спандекс, како да се на стартната позиција на Тур де франс.

Самата облека како да испраќаше порака: „Да се разбереме, не шетаме или возиме велосипеди како форма на транспортно средство. Вежбаме.“ Богатите жители на Источен Гренд Рапидс прошетката во паркот ја претвориле во фитнес рутина; атлетската облека што ја носеа укажуваше дека ваквата активност е чин на надградба.

Денешните трендови за вежбање, како топла јога, возење велосипед во место и Кросфит демонстрираат посветеност на само-откажување и само-дисциплина, вредности величани од страна на викторијанците. Тренирањето за маратон стана врвен означител: натпреварувачите постираат фотографии на социјалните медиуми за да докажат јавно дека ги мачат сопствените тела на доблестен, и ни малку перверзен, начин.

Сета ова се преточува и во секојдневните активности. Продавниците за здрава храна се преполнети со луѓе во спортска облека кои на себе немаат ни капка пот. Облеката од овој тип ги обележува оние што ја носат како луѓе кои се грижат за сопствените тела, дури и кога не вежбаат. Панталоните за јога и патиките укажуваат доблест токму како тврдите корсети за сопругите во 19-от век.

Да се биде во форма во денешно време претставува класно обележје, преточено во фитнес културата и здравата исхрана. Како што на калориите им падна цената, така дебелината од знак на богатство стана знак на морален неуспех. Да се биде нездрав претставува обележје на алчност на сиромашните, исто како и сексуалните карактеристики на работничката класа во 19-от век.

Двата ставови посочуваат дека пониските класи нема никаква контрола над себеси, па така го заслужува само тоа што веќе го има и ништо повеќе. Одовде, нема потреба од поголеми плати или здравствено осигурување. На крајот на краиштата, сиромавите ќе ги потрошат парите на цигари и сендвичи.

И тогаш и сега ваквите наводни здравствени разлики поттикнуваат на гадење при глетката на телата на работничката класа. Во „Патот до Виган Пјер“, Џорџ Орвел зборува за неговото викторијанско воспитување, при што вели дека бил научен да верува „дека телото на личност од работничката класа е одвратно на суптилен начин“. Во времето на Орвел сапунот, а не фитнесот, ја правел разликата; го учеле дека, со неговите зборови, „ниската класа смрди“.

Денес, на интернет се регистрираат меѓукласни хорор сцени на веб страници како што се Луѓето од Волмарт. Гадењето од „неизмиените“ модерните викторијанци е заменето со стравувањето од „прејадените“.

Додека пополнетите тела за буржоазијата од 19-от век не претставуваше срам којшто треба да се искорени туку беше утешителен знак на просперитет, нивните спиритуални наследници се опседнати со здрава исхрана. Во последните 15 години органската храна се претвори од маргинален феномен во апсолутна неопходност.

Да го земеме за пример движењето за безглутенската исхрана – луѓето кои решаваат да го исфрлат глутенот од исхраната, а не луѓето кои имаат целијачна болест и мораат целосно да ги исфрлат житните производи. Пред неколку години се пошегував дека во мојот роден град во Небраска е невозможно да се најде жител кој прима безглутенска храна, исто како што е невозможно да се најдат делата на Петар Кропоткин во локалната библиотека. Сега „безглутенска“ храна може да се најде во секој локален супермаркет.

Викторијанците би биле горди на ваквата дисциплина во исхраната во вид на само-откажување. Жал ми е што дедо ми и баба ми не доживеаја да видат дека одгледувањето на компири и краставици во сопствениот двор не те прави селјак, туку дел од високата класа.

Војни меѓу мајките и уписи на универзитет

Слична динамика ги зафаќа и семејствата денес. Како и нашите предци, семејството е од големо значење за денешната висока средна класа. Иако апсолутизмот од 19-от век конечно се сруши, во истиот детството се согледуваше како впечатлив и посебен период во животот. Родителите се однесувале како што им било наложено, уредувале детски соби во својот дом.

Воспитувањето на децата станува се помачно со секоја измината година, при што од родителите се бара екстремна дисциплина и само-откажување. Насловот на неодамна издадената книга, „Среќа без забава“ би им се допаднал на Викторијанците. Зарем постои нешто полекомислено и помалку образовно од забавата? Нема време за забава кај модерните родители.

Мајките мора да ги дојат децата одреден период, децата да ги хранат исклучиво со органска храна, а гледањето телевизија е забрането. Грешките се осудуваат како неуспех. Овде веројатно може најочигледно да се забележи поврзаноста со викторијанските вредности некогаш и сега: во двата периоди жените се ограничени и се наметнува родовата хиерархија.

Не верувам дека е случајно тоа што се потребни пари и време за да се исполнат новите очекувања. На вработената мајка со неколку работни позиции во услужната дејност ќе и биде потешко да измолзува млеко отколку жената која работи во канцеларија. (да не ја споменуваме разликата во породилниот период на работничките и службеничките).

Морализаторските императиви прикачени кон доењето дозволуваат жените од работничката класа, кои веројатно не можат да дојат, да бидат морално осудувани. Впрочем, битките против рестрикциите за јавно доење многу ретко се водат за полесен пристап за доење на жените од работничката класа.

Зголемените очекувања од родителите продолжуваат и откако децата созреваат. Од тинејџерите се очекува да членуваат во скапи спортски клубови, а родителите да го жртвуваат слободното време во нивна корист. Активностите од овој вид налагаат пари и време, ресурси со кои луѓето од работничката класа не располагаат.

Изобилието на организирани активности претставува форма на надградба: слободното време на детето е целосно опфатено со Bildung. Способноста да се овозможат ваквите можности за децата претставува показател за моралноста на семејството, а не за економската состојба. Како што жените во викоријанскиот период биле принудени да учат италијански јазик и да свират на пијано, да ја покажат префинетоста која била недостапна за другите класи во општеството, модерните деца играат фудбал, учат да зборуваат мандарински и се пријавуваат како доброволци во локалната добротворна организација.

Но врвот во модерната потрага по Bildung претставува процесот за упис на универзитет. Не постои сличен процес од 19-от век кој ќе соодветствува на овој смешен нов ритуал, иако Дикенс совршено би ја доловил апсурдноста: милиони луѓе се однесуваат дека системот склон кон привилегираноста всушност претставува некаков вид на меритократија, и дека вредноста на една личност може да се процени преку престижот на факултетот на кој бил примен.

Повеќето Американци кои се запишуваат на факултет се пријавуваат само на два-три. Но децата од високата класа прават стандардизирани подготвителни тестови, стажираат или патуваат во текот на летото за да имаат материјал за мотивационите писма и често се пријавуваат на десетина универзитети, си цел да ги зголемат шансите да се запишат на најдобриот. Така родителите – без разлика какви се реалните интелектуални способности на детето – имаат мирна глава затоа што нивните деца се подобри од плебејците кои се запишуваат на послабите државни универзитети.

Bilduing за сите!

Високата средна класа во денешно време живее со фантазијата за меритократско општество, слична на викторијанците. Ваквата приказна обезбедува потпора за нивната економска позиција на сметка на грбот на работниците, на кои им е кажано дека нивните здравствени проблеми и неперспективна кариера се резултат на индивидуални маани, а не на грешка во системот.

Секако, вежбањето, органската храна и притисокот слободното време на децата да се користи за полезни работи во суштина не претставува лоша работа. Но со тоа овие активности стануваат обележје на буржујските вредности доколку се користат како инструмент со кој се наметнува класната супериорност и се оправдува социјалната нееднаквост.

Треба да се грижиме за здравјето, храната и образованието. Но не треба да се согледуваат како начин преку кој ќе се наметне класната доминација, напротив треба да ги подобриме за сите луѓе. Замислите што ќе се случи доколку енергијата потребна овие просечни деца од високата класа да се запишат на престижни универзитети се пренасочи кон подостапно и попристапно високо образование за сите. Замислете си што ќе се случи доколку приоритетот го ставиме на здрава храна за сите наместо стекнувањето со статус преку купувањето на доблесни производи. Замислите си, на кратко, како ќе изгледа нашиот свет доколку општествените вредности – не викторијанските – преовладеат.

Извор