Графичка историја на сексот: „Не постои ген одговорен за сексуалноста. Сексуалноста се учи“

Графичка историја на сексот: „Не постои ген одговорен за сексуалноста. Сексуалноста се учи“

Превод: Јулија Мицова

Промените во сексуалноста со текот на времето извршија промени во современото семејство. Што следува понатаму? Хома Калели ги прашува авторите на пионерскиот графички прирачник „Приказна за сексот“ 

 

Позната е изјавата на Филип Ларкин дека сексуалниот чин започнал во 1963 година („помеѓу крајот на забраната на книгата за Леди Четерли/ и првата плоча на Битлси“). Како Французин, а згора на тоа и психијатар, Филипе Брено има покомплексен став. Во најновата книга, „Приказна за сексот“, бестселер во Франција, тој од антрополошки аспект ги разгледува сексуалните норми почнувајќи од преисторијата до денес. Сепак Брено верува дека сексуалната револуција извршила драматична промена, бидејќи од неа се развила современата двојка којашто претставува основа за нашите семејства денес. Но тој мисли дека партнерството меѓу рамноправни индивидуи во денешно време е под напад од сите.

 

Академикот, со прекрасна титула – шеф на катедрата за сексологија на Универзитетот Париз-Декарт, го поминал својот живот изучувајќи ја сексуалноста. „Приказна за сексот“ е непристоен, графички роман (во секој поглед), преполн со фасцинантна, дури и алармантна, историја. Клеопатра користела вибратор наполнет со пчели; англискиот збор за панталони – „trousers“ бил сметан за порнографски во Викторијанска Англија. Дрските и бесрамни слики на илустраторката Летиција Корин внесуваат живот на секоја страница и го придвижуваат наративот нанапред. Книгата претставува соработка, вели Корин, олеснета од непоколебливите идеи на Брено и фактот дека му се допаѓале нејзините шеги.

 

Илустраторката признава дека се двоумела во врска со соработката на книгата. „Го предупредив мојот издавач дека мора да бидеме внимателни со цртежите и шегите – мора да бидеме сензитивни“, вели таа, затоа што намерата била да посегнат по што поголема публика. „Во неа нема порно“! Сепак, како читател, искреноста на фотографиите ме шокираше (нема да ви биде удобно ако ве видат со книгата во раце во градски автобус или во канцеларија.)

3840

 

Во телефонскиот разговор со Брено (и неговиот шармантен англиски акцент кој се влошува со комплексноста на неговите идеи) невозможно е да се избегне вознемиреноста на психијатарот во врска со нашите ставови за љубовта и интимноста во денешно време. Слободни сме да ги дефинираме сопствените врски, да му удоволиме на сопственото задоволство, вели тој, но сепак не сме задоволени; современата двојка не е воопшто стабилна.

 

„Неверојатно е со какви тешкотии се соочуваат двојките“, изјави Брено со таков тон небаре очајно крева со рацете во воздух. За двојките кои доаѓаат кај него на терапија вели, „од психолошки аспект со нив се е во ред, но сепак не можат да комуницираат еден со друг на тивок начин, да живеат мирно и да имаат сексуална исполнетост“.

 

Иако за нас љубовниците претставуваат безвремен модел за врска, семејството е тоа кое било доминантно во општеството во текот на историјата, вели 68 годишниот професор. „Паровите се здружувале заради семејството“, објаснува. Идејата за рамноправност во долгите врски е од неодамна, при што во „традиционалните“ бракови мажите се доминантни над сопругите.

 

„Бракот од љубов е присутен само еден век, додека хомосексуалноста до неодамна беше осудувана“, забележа Брено.

 

„Од 1970тите години почнавме да измислуваме современи двојки кои се почитуваат еден со друг и рамноправност меѓу половите“, вели. „Ова се случи откако `бракот` како концепт почна да умира. Не затоа што луѓето престанаа да стапуваат во брак, туку затоа што бракот повеќе не се сметаше за света заедница – паровите почнаа да се развиваат под сопствени услови“.

 

Сепак подемот на разводите од 1970тите години наваму и прекинот на долги врски покажува дека современата двојка не преживеа, тврди Брено. Делумно тоа се должи на фактот дека бараме повеќе од порано.

 

„Интимниот живот е тежок затоа што сакаме совршена љубов и совршен секс, а тоа е многу тешко во долга врска. Не бараме само стабилна личност со која ќе ги израснеме нашите деца“.

 

Решението, вели тој, е сите да научиме повеќе за сексот – овде на сцена настапува неговата книга. „Невозможно е да се разбере интимниот сексуален живот без да се земе во предвид вековната историја па дури и почетоците на човековиот живот“, вели. „Ќе разбереме како живееме денес доколку разбереме од каде потекнуваме“.

 

На пример, вели тој, доколку разгледаме како се формирале врските во првите општества ќе забележиме одек на проблемите со кои се соочуваме денес. „Потекнуваме од примати, но во заедницата на шимпанзата не постојат двојки ниту пак семејства. Постојат мажјаци кои се сами и женки со деца“. Дури откако кај нас еволуирал мозокот и емоциите се развиле – вклучително и љубовта – се појавиле моногамните врски. За прв пат (некаде помеѓу 1 милион години и 100.000 пред новата ера) станало возможно да се дознае потеклото на таткото.

2393

 

Иако започнувањето на семејниот живот наликува на прекрасен момент, Брено тврди дека исто така е почеток на потчинувањето на жената, бидејќи мажите почнуваат да ги поседуваат своите партнерки и деца – легализирано со традиционалниот брак. „Татковството е почеток на машката доминација“, заклучува Брено. „Токму на денот кога тоа се случува, жените почнуваат да припаѓаат на мажите“.

 

Во животинското царство, тврди Брено, не постои доминација над партнерките, обележје на човековите општества, ниту пак постои домашно насилство. Наместо тоа, меѓу животните „мажјаците се борат со други мажјаци а женките се борат со други женки“.

 

„Насилството меѓу мажите и жените постои само кај луѓето – заради бракот кој ги наметнува мажите над жените“.

 

Во антиката, едновремено, улогата на жената била да роди дете, а женското сексуално задоволство било занемарено. Но ваквата улога била и опасна. „Постоеле безброј препреки на женското задоволство. Во 18тиот и 19тиот век една од шест бремени жени умирала при породување. На ова се надоврзуваат и инфекциите и сексуалното насилство“.

 

Секако кај мажите било поинаку. „Мажите отсекогаш правеле што сакаат“, вели Брено. За мажите сексот од задоволство се случувал „надвор од домот – на пример со проститутки. Жените или раѓале деца или нуделе задоволство“. Во антички Рим толку строго се придржувале до овие правила што жените можеле да ги тужат сопрузите доколку ејакулирале надвор од телото на сопругата за време на сексуален однос, „затоа што целта на сексот во бракот била размножувањето, а улогата на жената да ја прима спермата“.

 

Дури и во периодите кои денес ги сметаме за златното доба на истополовите врски, таквото задоволство било „резервирано за елитата“ а околината не ги прифаќала толку лесно како што мислиме. Во античка Грција, на пример, единствено мажот кој „примал“ во една двојка не бил стигматизиран. Исто е и во случајот со развратниците во 18 век, „сексуалноста била флуидна, но само на врвот од општеството, меѓу интелигенцијата и аристократијата. Во теков на вековите кај руралните популации ширум светот, да се биде геј или пак жените да имаат контрола над сопствената сексуалност – тоа никогаш не било одобрувано“.

2361

 

Дури и денес, тврди Брено, иако се пишува многу за луѓето кои ја истражуваат флуидноста на сексуалноста, љубовни врски со повеќе партнери и рушењето на родовите норми, „не смееме да згрешиме и да поверуваме дека тоа пробива во сите делови од општеството“. Тој предупредува дека може да следи силна реакција од страна на „новите моралисти“ кои се спротивставуваат на геј бракот, а со сигурност ќе го сторат истото и кога се работи за правата на транс луѓето и алтернативните врски сега кога нивните права растат. Корин вели дека заради тоа уживала во работата на книгата. „Во Франција расте феноменот на луѓе кои не сакаат геј луѓето да стапуваат во брак. Одвратно е. Во книгата велиме дека ова е неразбирање на сексуалноста; хомосексуалноста е нормална. Се надевам дека луѓето ќе се предомислат додека ја читаат книгата“.

 

За хетеросексуалните двојки, врските се подобриле во Ренесансата и Просветителството. Се до тогаш, „мажите се забавувале надвор од домовите – ловеле животни или бркале жени. Жените секогаш останувале дома“, вели Брено. Но новиот дух на образованието и потрагата по знаењето го променило тоа. Конечно мажите и жените станале пријатели и развиле дури и платонски врски.

 

Сепак, рамноправноста меѓу мажите и жените, дури и привидната, настапила со контрацепцијата. Претходно, „жените биле приковани од бракот. Не можеле да бараат развод, немале можност да се вработат или да бидат слободни. Приказната за сексот, како прво е приказна за бракот и тешкотиите (кои ги создава) за жените“.

 

За да се избориме со проблемите наметнати од овие историски нееднаквости, тврди психијатарот, потребно е подобро сексуално образование уште од рани години. „Се верува дека сексуалноста е само инстинкт“, вели тој „ дека е природна како јадењето или пиењето. Не. Не постои ген одговорен за сексуалноста. Сексуалноста се се учи“.

 

Токму затоа, вели Брено, моделите за нашата сексуалност се од големо значење. Денес да се зборува за сексуалноста сѐ уште претставува табу тема, додека порнографијата ја пополнува празнината. „Се вели дека порнографијата го менува животот на адолесцентите. Но во суштина ја менува сексуалноста на секого“, вели. „Сега имаме секс на поинаков начин; се обидуваме да го копираме тоа што го гледаме (на екраните). На луѓето им е тешко и велат, „не можам да го сторам истото“.

2349

 

За да се замени ваквиот опасен модел, „сексуалното образование треба да нѐ учи на правилата во врските; треба да нѐ учи на комуникација, согласност и почит. Тоа не ни доаѓа природно (на нас). Мора да го научиме“.

 

Корин вели дека „Приказна за сексот“ не е прирачник за сексуално образование, „но сакаме истиот да биде неинхибиран“, така што зборувањето за сексот со него ќе биде поприродно.

 

„Децата мора да се учат на почит и да ги прифаќаат разликите од мали нозе“, вели Брено. Но додека мажите и жените се еднакви, тоа не значи дека се исти. Противејќи се на наставата на одделите за „родови студии“, тој вели дека одбивањето да се признае разликата дозволува утврдување на родовата нееднаквост.

 

„Велат – Не зборувај за разлики – мажот и жената се исти. Општеството е виновно, прави разлики, но во суштина ние сите сме исти“.

 

Одвраќањето од ваквите ставови според него е единствен начин да се соочиме со најитните проблеми. На пример, „физичката сила е поинаква на мала возраст. Така (децата) мора да разберат дека момчињата се посилни и да го имаат тоа во предвид – затоа што тоа е почетокот на домашното насилство, реален проблем кај нас“.

 

Доколку лекцијата за физичката сила ја оставиме за подоцна, битката е веќе изгубена: „Во детските приказни момчето секогаш ја заведува девојката, што значи битката за моќ почнува на мала возраст“. Понатаму, во текот на историјата мажите секогаш можеле да имаат повеќе партнери, затоа што мажите не можат да забременат. Единствено доколку рано ја воведеме идејата дека „контрацепцијата е заеднична одговорност“ можеме да го предизвикаме тоа.

 

Денешната современа двојка, истакнува тој, се соочува со нови предизвици, заради зголемените можности за состанување како и „новите форми на врски“, вели Брено. Сепак Корин нагласува, како и Брено, дека не постои подобро време за луѓето да го живеат својот живот во поглед на сексуалноста. Но едно нешто не се промени, вели Брено – сите сѐ уште бараат љубов. „Луѓето се плашат да останат сами на крајот на животот. Се плашат дека нема да ја најдат совршената личност со која ќе го споделат животот. Тежок проблем за сите нас денес.

 

„Мора од почеток да научиме како да живееме заедно“.

Извор