05 Dec НИКОЈ НЕ Е СУВЕРЕН ВО ЉУБОВТА: Разговор помеѓу Лорен Берлан и Мајкл Хард
Хедер Дејвис: Што е тоа што ја прави љубовта предизвикувачки односно политички интересен концепт?
Мајкл Хард: Она што љубовта го постигнува во позитивна смисла, што веројатно е далеку од нејзината суштина, но сепак една нејзина здрава карактеристика е тоа што руши низа концепти за разумот, страста и улогата на афектите во политиката. Постојат бројни начини да се постигне ова, но разгледувањето на љубовта како централна во политиката ја поразува претставата за интересот како движечка сила на политика. Љубовта ја позиционира како централна улогата на афектите во рамките на политичката сфера.
Исто така, ме интересира и начинот на кој љубовта означува една преобразувачка, колективна моќ на политиката – трансформативна, колективна но и непрекината. Ќе беше недоволно доколку се работеше единствено за конструкција на социјални врски и сврзувања, или прекини и преобразби. Според мене, таа е нужно колективна, преобразувачка моќ која трае.
Кога сум збунет во врска со љубовта или другите нешта во светот, често ми помага помислата на дефинициите на Спиноза заради нивната јаснотија. Спиноза ја дефинира љубовта како пораст на нашата среќа, односно пораст на нашата моќ да делуваме и мислиме, при што постои надворешна причина. Можете да разберете зошто според Спиноза самовљубеноста е бесмислица, бидејќи во тој случај не постои надворешна причина. Така, љубовта е нужно колективна и експанзивна во смисла дека ја зголемува нашата моќ, а одовде и нашата радост. Еве како може да се согледа трансформативната карактеристика на љубовта: секогаш се губиме себеси во љубовта, но сепак нашата изгубеност во љубовта има траење и не претставува обичен прекин. Ќе употребам ограничена метафора: претставете си ја љубовта како мускул кој мора да се вежба и кој со почеста употреба се зголемува. Љубовта гледана како социјален мускул повлекува еден вид на аскетизам, на вежбање со цел да се зголеми нејзината моќ, но ова мора да се прави во соработка со многумина.
Лорен Берлан: Поинакво гледиште за Вашата метафора Мајкл би било дека за да се изгради мускул треба да се искинат тетивите.
Често зборувам за љубовта како за едно од ретките места кадешто луѓето всушност признаваат дека сакаат да бидат поразлични. Така, таа наликува на промена без траума, но не и промена без нестабилност. Таа е промена без гаранции, без притоа да се знае што има на другата страна, бидејќи всушност се навлегува во релација.
Она што ми се допаѓа во љубовта како концепт за веројатноста на социјалното е тоа што љубовта секогаш значи не-сувереност. Во љубовта секогаш се прекршува сопствената приврзаност кон сопствените намери, без притоа да се биде анти-интенционален. Ми се допаѓа тоа што љубовта е алчна. Едноставно барате несомерливи работи и тоа веднаш, при што зборот веднаш е клучен.
Прашањето за траењето е исто така значајно во овој поглед затоа што постојат многу места каде што човек е навлезен во процес на траење. Човек е навлезен во процес на траење во сопствената глава како и кога е во врска. Љубовта може да има континуитет кога е формална врска, додека во емпириска врска постои дисконтиунуитет.
При замислувањетое на социјална промена, мора да се замисли светот што можете да го ветите, светот којшто би бил заводлив, светот со кој ќе ги наведете луѓето да скокнат во него. Но, скоковите се деликатни, всушност и не се толку прекрасни. Кога ќе се приземјите најверојатно ќе паднете, ќе скршите зглоб или ќе удрите некого. Кога барате социјална промена, бидете сигурност дека ќе ве пречека перница по скокот. Она што љубовта го прави, како еден вид соблазнување, и што историски го сторила за политичката теорија е обидот да се замисли некаков континиуитет на афективно ниво. Континуитет за којшто историското, социјалното или секојдневното ниво се непознати, но сепак кој овозможува еден вид на референцијална котва, афективно, но и како политички проект.
Мајкл Хард: Ќе почнам со губењето на независноста. Ми се допаѓа. Доколку се обмисли политички проект којшто ќе биде заснован или ја повлекува љубовта како централна мотивација, велите дека концептот за суверенитет ќе биде нарушен. Тоа е мошне интересно и моќно. Претпоставувам зборуваме за цел опсег кадешто истовремено и јас и социјалното не се суверени во љубовта.
Кога се заљубуваме се разделуваме барем од одреден вид на суверенитет. На кој начин суверенитетот е несоодветен при објаснувањето на една социјална формација заснована на љубов? Доколку го гледаме суверенот како оној што донесува одлуки, во социјалната врска-љубов никој не донесува одлуки. Ова не значи дека не постојат одлуки, туку дека постои ни-еден кој што одлучува. Еве едно предизвикувачко и интересно прашање: што е не-суверена социјална формација? Како во тој случај се донесуваат одлуки? Ваквите нешта изискуваат форми на организација; тие изискуваат, ако не институции, обичаи или навики, тогаш барем одреден начин на организирање на процесот на донесување одлуки. Во политиката на љубовта, еден од главните интереси што ме привлекува е не-суверената политика, или не-суверената социјална формација. Разгледувањето на љубовта како политичка, и на некој начин централно вмешана во политички проект, нè присилува да размислуваме низ призмата на не-суверенитет, концептуално, но и практично, организациски.
Хедер Дејвис: Навистина ме заинтересира вашиот разговор за љубовта како проект на не-сувереност во поглед на социјалното и себството. Кажете ми, доколку се обидете да го согледате секој од овие слоеви со одредена доследност, тогаш каква е разликата меѓу овие формации и суверенитетот?
Мајкл Хард: Ќе почнам со некои основни работи. Мислам дека во рамките на традицијата на политичката теорија не е сосем јасно каква може да биде не-суверената политика. Тешко е да се генерализира во толкава мера. Но традицијата на политичката теорија којашто ја наследивме е во основа поврзана со улогата и процесот на донесување одлуки од страна на едното, без разлика дали тоа едно е крал, партија, либерална личност или сите горенаведени. Овде, донесувањето на одлуки може да се врши само од едниот, и сметам дека токму ова нè предизвика Тони Негри и мене на интересен начин во врска со концептот за самото мноштво. Како донесува одлуки едно мноштво? Организацијата на донесување одлуки според мене е централна за промислувањето на политиката или политичката теорија. Веројатно ова би го применил и на индивидуално ниво. Како може една личност како мноштво, па одовде и како не-суверен, да одлучува, а притоа да не е само едно неразбирливо беспомошно купче? Мислам дека е потребно, да се вратиме повторно на ниво на политичка теорија, да се разбере како колективните структури, или структурите на мноштвото го овозможуваат социјалното донесување на одлуки. Постои и долга традиција за можното постоњење на вистинска демократија- владеење на мнозинството- но ова е безначајна традиција, а понекогаш и подземна. Ова е еден начин да се карактеризира она што е на коцка во овој случај или она што предизвикува.
Лорен Берлант: Мислам дека суверинитетот как концепт не е погоден скоро за сè. Тоа е концепт на тежнеење, а како што често се случува, концептите на тежнеење се третираат како нормативни концепти, по што се продаваат и циркулираат како реализам. Мислам дека токму тоа се случи со суверинитетот. Така, во “Slow Death” („Бавна смрт“) велам дека треба да го отфрлиме суверинетот. Но, луѓето се вложени во него до таа мера, што можеби и не можеме затоа што не е едноставно оддеднаш да решите дека не постојат духови. Мора да се пронајде начин за промена одвнатре.
Ова може да се разгледа и од поинаков аспект којшто посочува на поинаква врска со недоследноста. Причината што квир теоријата и теоријата за љубовта се поврзани како политички идиоми делумно се наоѓа во тоа што квир теоријата ја претпоставува афективната некохерентност на субјектот во однос на објектите кои го укотвуваат или за кои тие се прикачени. Она што за мене е многу моќно е да се согледа можноста за политичка идеологија којашто ја разгледува некохерентноста. Притоа заземањето на став не се врши единствено за индивидуалецот да биде доследен, промислен, двигател и за да се соочи самиот со себеси преку неговиот објект, туку за да се овозможи разјаснување на ситуацијата без притоа да се негира некохерентноста на субјектот. Вежбањето на сопствената некохерентост, вежбањето на начин на којшто нечија комплексност и контрадикција нема никогаш да се разреши од страна на политичкото, е навистина значаен дел од политичката теорија на не-суверинитетот. Сепак мора да најдеме место за пресудата, за одгатнувањето или разработувањето или преработувањето, што изискува педагошка внимателност, внимавање на различните начини на кои различно полагаме право на светот при нашето сврзување или начини на движење или желба за населување или тежнеење…
Секогаш постои фраза која сметам дека зазема централна позиција, што е вообичаено за фразите во мојот живот, фраза која долго време се чини задоволителна, а потоа сфаќам дека всушност сè уште не сум ја помислила таа мисла. Така на пример, во култура на криза толку се возбудуваме при надминувањето на разликата од нула до еден што процутот некако остана заграден. Опстанокот личи на триумф, што претставува ужасно нешто. Сакам процут. Но, што всушност сакам да кажам со процут? Кои се синонимите кои ги знам за процут? Не постојат многу. Нели е тоа интересно? Фразата која ќе ја употребите претставува пораст на радоста. Но порастот на радоста може и да не биде сфатен како пораст. Можеби ќе претставува олеснување, или ќе сфатите дека можеби сте само маса од неразбирливи нешта, но сепак тоа чувство нема да ве порази.
Пеjџ Сарлин: Зошто се свртивте кон ваквиот начин на замислување сега? Зошто идиомот за љубовта?
Мајкл Хард: Според мене, со оглед на денешните дискурси, се чини дека постои прекумерен фокус на суверенитетот, на вонредната состојба, мислам дури и како за антагонисти. Овие дискурси ја затвораат веднаш и неизбежно ранливата позиција во која се наоѓаш кога бараш повеќе. Дискусиите околу огромните размери на суверинитетот со кои се соочуваме, самата невозможност да се соочиме со таа моќ којашто се наоѓа внатре и надвор од законот, којашто нè става во позиција на гол живот, сето тоа го отстранува проблемот на ранливост којашто произлегува од посакувањето, од изразување на желбата светот да биде различен, дури и ако велиме „нема шанси да се случи“, велиме „секако, беспомошен си и затоа не е важно што сакаш“. На тој начин, разговорот за љубовта се чини е полезен предизвик за она што за мене претставува доминантен начин на политичко теоретизирање и политички дискурс денес. Ова исто така се поврзува со неколку нешта кои се појавуваат денес и видови политички движења или тековните видови на теоретизирање во политичките движења коишто сосема добро го опфаќаат тоа. Така, концептот на љубовта помага при именувањето на подводната струја којашто изгледа вреди да се негува во контраст со она што за мене претставува доминантен начин на теоретизирање.
Лорен Берлант: Дискурсот на политичката љубов отсекогаш или барем подолго време се поврзува со религиозни идиоми на промислување на социјалното. Ние делумно се обидуваме да го вратиме на местото на политичката активност, кадешто политичката активност и новите социјални врски се одвиваат совреме со различни видови на практики. Мајкл е во право кога вели за ова веќе постои енергија кај нео-анархистите. А кога имате модел на размислување заснован на практики во однос на други видови на политичка работа, тоа значи и дека духот не е издвоен од материјалното препознавање на животот, туку дека постои обид да се пронајде синтетички јазик за обете. На тој начин, постои разногласност во голема смисла, не се работи само за начин на промислување туку всушност за начин на акција и исто така опис на она што е неопходно за луѓето да го прифатат ризикот од влегување во нова релација.
Превземено од: http://nomorepotlucks.org/article/amour-no-18/no-one-sovereign-love-conversation-between-lauren-berlant-and-michael-hardt