Четврти протест пред Основното Јавно Обвинителство: насилиниците сè уште не се пронајдени

Четврти протест пред Основното Јавно Обвинителство: насилиниците сè уште не се пронајдени

Денеска по четврти пат во текот на изминатите два месеци се одржа протест пред зградата на Основното Јавно Обвинителство во Скопје.

 

Активистите од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија лежеа во црни кеси во знак за протест против нерешавањето на бројните напади врз ЛГБТИ заедницата, насилства кои кулминираа со бруталниот напад кој минатиот месец се случи во кафулето Дамар.

 

Тие уште еднаш го поставија транспарентот на кој пишуваше „Истрагата е во тек…до кога?“ и пуштаа звуци на кршење и демолирање со цел да ги потсетат надлежните да си ја вршат својата работа.

 

Програмскиот Директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка, Кочо Андоновски изјави дека доколку претставниците на институциите не го осудат насилството и веќе две години не фаќаат никого од насилниците, значи дека тие ги поттикнуваат односно се соучесници во сегашните и идните напади

 

„До кога треба да протестираме пред Јавното обвинителство, до кога треба да го потсетуваме обвинителството дека треба да ја заврши својата работа. Не се работи само за нападот од пред еден месец во „Дамар“, се работи за пет напади кои не се разрешени и кои се случуваат континуирано во последните две години. Ниту еден насилник до сега не е фатен. Зошто сторителите не се пронаоѓаат?“- праша Андоновски.

 

Дополнително, Националната мрежа против хомофобија и трансфобија ги упати следните барања до Владата на РМ, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и надлежните судови:
„Бараме јавна осуда од Премиерот на Владата, Министерката за внатрешни работи и Министерот за правда за хомофобичното насилство од омраза против ЛГБТИ луѓето во РМ.

 

Бараме брзо разјаснување на случајот, откривање на сторителите и ефикасна судска постапка за Насилство, Предизвикување општа опасност и Расна и друга дискриминација преку прогонување на организации или на поединци поради нивното залагање за рамноправност на луѓето.

 

Бараме разјаснување, откривање на сторителите и покренување на судска постапка против сторителите на предходните напади врз ЛГБТИ Центарот за поддршка во Старата скопска чаршија.

 

Бараме отворање на кривична истрага за говорот на омраза кој следеше на социјалните мрежи по нападот и за Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа против медиумите кои пред настанот објавуваа содржини со говор на омраза и повици на насилство против ЛГБТИ луѓето“, стои во нивното писмо до државните институции.“

 

Досега не само што не се пронајдени насилниците кои учествуваа во нападот врз Дамар, туку не е пронајден ниту еден од напаѓачите во претходните пет случаи на напади во последните две години.