26 Nov Знае ли Зврлевски како е да се биде угнетен, обесправен, беспомошен?
Верувајте, не треба многу за во еден момент, во еден миг, да почувствуваш дека не припаѓаш, дека не те прифаќаат, дека сакаат да не постоиш. И тогаш си викаш Damn it, овде ми се сите, овде ми е сè, а некои таму со одврзани од моќ раце кои на наш грб сосема богато си живеат, решаваат дека за тебе, за мене, за нас нема место овде.
Се изненадив кога почнав да го пишувам насловот на текстов – наместо Зврлевски, потсвесно изустив првин Груевски. Но, нема суштинска разлика помеѓу овие двајца, напротив, изгледа како еден со друг да се надополнуваат во создавањето и засилувањето на хомофобичната клима која постои во Македонија.
Повеќе од две години по првиот напад над ЛГБТИ Центарот за поддршка, нема никаков епилог, ниту истрага е започната, ниту напаѓачите се идентификувани, а камоли некаква судска пресуда… Ма батали, некакво решение, некаква надеж, каква било поддршка да почувствуваме. Нели е ова и моја држава? Не ли сум и јас, и ние, па и вие, дел од оваа земја? Нели делиме исти обврски? Зошто тогаш не уживаме исти права?
Ама ете, не се раѓало изгледа сонцето на слободата за сите. Па, следеа уште три напада врз ЛГБТИ Центарот – два со палење (од кои во вториот беа сосема уништени неговите простории), и еден кога во самиот Центар имаше триесетина луѓе, кои по стравотниот напад од 40 насилници мораа со полициска придружба да се евакуираат. Од околу дваесеттина полицајци, само еден, Човек, Човечиште, се фрли да нè брани. Тој полицаец беше повреден. Останатите џапаа виски во соседниот кафич.
А кога мачката пие виски, глувците глави кршат. Нападот во „Дамар“ во овој октомври беше уште позастрашувачки – девојка заврши со конци во глава откако беше нападната со шишиња и тврди предмети. Се прашав, што е следно – убиство?
И види сега, по две години молк од надлежните органи, излегува Зврлевски со изјава дека не е информиран за нападите врз ЛГБТИ заедницата. Мене оваа изјава ми создаде невиден гнев, незадоволство, револт. За првпат на сопствена кожа искусив како е да се биде незаштитен, обесправен. И овие чувства ми се појавија затоа што мојот физички и личен интегритет беше загрозен. Моето право на живот беше под закана. Темелите на кои јас постојам се разнишаа.
За жал научив рационално да ја разбирам потребата да се промовира хомофобијата како алатка за потчинување на народот, кого го држат во мрак од секаков вид. Но, не се сите исти, не сите ја дишат и издишуваат вашата пресметана омраза. Нека го запамети ова Зврлевски и таквите како него, тие се на погрешната страна на историјата.
Моето лично искуство вели дека обичниот народ не е хомофобичен самиот по себе. Дека оние кои те сакале и почитувале пред твоето изјаснување дека си ЛГБТИ, ќе продолжат да те сакаат и почитуваат и понатаму. Ти си истиот човек од претходно – истиот добар син, брат, другар, сосед, роднина. Едноставно, не е логично тој ист човек да се смени одеднаш, поради тоа што некој медиум ги исплукал таквите како него, или, уште полошо, министер отворено на медиум истите лица ги дискриминира.
Мојата пријателка неодамна ми кажа за тоа како на работа кај неа се развила дискусија за различноста – како нејзините колеги би прифатиле колега кој е црнец, или геј, или по која било друга основа различен од останатите. И беше позитивно изненадена од ставовите на мнозинството колеги кои немаат никаков проблем со различноста на работното место – напротив.
Мојата поранешна (стрејт) колешка токму завчера ми упати пофални зборови за мојот ЛГБТИ активизам досега. Мојот сегашен колега, исто така стрејт, кога дозна со што се занимавам надвор од часовите кои ги држам во приватното училиште, цврсто ме потапка за рамо и ми рече дека е потребно што повеќе луѓе да се занимаваат со ова. „Потребни се повеќе вакви организации“ – ова беа зборовите кои ми ги кажаа вработените во Централен регистар и во Управата за јавни приходи, кога го регистрирав здружението кое го водам – Субверзивен фронт.
Вакви примери имам многу. Нема да биде далеку денот кога промените ќе ги почувствуваме и ние. Нема да биде далеку денот кога Зврлевски и останатите неинформирани како него нема да бидат на такви позиции да (не)решаваат за човечки судбини. Нема да биде далеку денот кога темелите на политиката на заплашување и уценување исто така ќе бидат разнишани и срушени.
Еве, студентите го направија првиот чекор кон тој ден. На ред сме ние!