24 Oct Плусинфо: „На девојка и ја шиеле главата по синоќешниот напад во Дамар“
Девојка на возраст од 26 години и 18-годишно момче биле повредени во синоќешниот напад во ноќниот локал „Дамар“ во Старата скопска чаршија каде се одбележуваше двегодишнина од отворањето на Центарот за поддршка на ЛГБТ. Во каменувањето на „Дамар“, девојката биле повредена во главата, а момчето се здобило со набиетина во ногата. По инцидентот биле префрлени во Ургентното одделение во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. На К.Д. и била шиена главата, а момчето со иницијали Е.Л. било прегледано, снимано со рентген, по што и двајцата биле пуштени на домашно лекување.
Од СВР Скопје информираат дека нападот се случил околу 22 часот откако непознати сторители фрлале камења по објектот и ги искршиле стаклата. Од таму засега нема информации колку лица го нападнале локалот и велат дека се уште се работи на случајот.
Во меѓувреме на мрежата Фејсбук се појавија статуси кои ликуваат по синоќешниот напад. На групата која го најавува прославувањето на годишнината во „Дамар“, еден корисник отворено кажува дека предупредил на овој инцидент и се заканува со ново насилство.
„Неодамна (4 Јули, 2013) на ФБ групата Macedonia предупредив дека следниот пат (а тоа беше овој пат) ќе има предупредувачки ќотек, и сега повторно ќе предупредам дека следниот пат (ако воопшто го има) ќе биде уште многу полошо, поготово по главата на организаторите! Сега тие треба да се пазат многу повеќе од вас затоа што ќе нема да се сокријат“, пишува на неговиот статус упатен кон ЛГБТ активистите.
Во МВР испративме прашања дали ги следат ваквите појави на социјалните мрежи и како ги превенираат можните инциденти кои се случуваат при речиси секој собир на ЛГБТ заедницата, како и дали ќе покренат постапка против лицата кои оставаат вакви коментари. Се уште чекаме одговор на овие прашања, како и на прашањето дали воопшто полицијата има засега осомничени за синоќешниот напад. Досега стана вообичаена пракса на Министерството за внатрешни работи да не ги наоѓа сторителите на нападите врз ЛГБТ Центарот кои неколку пати се повторуваа во Старата чаршија. Сторителите не беа идентификувани и не беа покренувани кривични пријави против никого иако Хелсиншки комитет поседуваше снимки на кои се гледаат нивните лица, а кои и беа предадени на полицијата. Поради овие инциденти ЛГБТ Центарот пред извесно време се пресели во Дебар маало.
По 12 часа од инцидентот корисниците на Фејсбук со згрозеност коментираат за насилството што се случува во континуитет.
„Што треба да се случи уште? Да биде убиен некој за да некој помисли дека треба нешто да преземе? Се дозволуваат, толерираат напади без никој да биде гонет и да сноси одговорност! Сосема доволно за да бидат охрабрени оние што се борат против секаков изблик на индивидуалност и различност! Срамно! Сурово и неправедно! Но сето тоа нема да го спречи поривот на слободните индивидуи да се борат за својата слобода и за својата гордост дека се различни!“, напиша Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншки комитет – Македонија.
„Вечерва го нападнале Дамар затоа што внатре имало хомосексуалци и лезбејки. Утре може ќе нападнат некое место затоа што внатре има Албанци, или Македонци, или Срби, или православни, или муслимани, или атеисти, комунисти, социјалдемократи, синдикалисти, самохрани мајки, дијабетичари…Утре можеби и тебе ќе те нападнат затоа што не си како нив и ги нервираш. А, сигурно ќе те нападнат ако ќутиш!“, порача активистот Васко Лазаревски.
Автор: Маја Васева
Преземено од: Plusinfo
Фото: Радио МОФ