ХОПС прославува петнаесет години од своето формирање

ХОПС прославува петнаесет години од своето формирање

Вчера ХОПС одбележа петнаесет години од своето формирање. Во соопштението за јавност на оваа организација-членка на Коалицијата се вели:

 

„Во изминатите години ХОПС го градеше својот кредибилитет кај заедниците за кои постои и работи, но и кај сите сите засегнати страни кои се поврзани со политиките за почитување, грижа и поддршка на маргинализираните заедници во Република Македонија.

 

За петнаесет години ХОПС израсна во организација со јасна мисија, мисија за промоција, почитување и заштита на човековите права и слободи заради унапредување на здравјето и социоекономскиот статус на сите луѓе, а особено на корисниците на дроги, сексуалните работници и други маргинализирани заедници базирано на принципите за намалување на штети, преку еднаков пристап до сервиси и услуги, зајакнување на заедницата, подигнување на капацитети, истражувања, анализи и застапување.

 

На ваквите денови се навраќаме на почетоците, се потсетуваме на претходните години и остварувањата во нив, на предизвиците со кои сме се соочиле, на решенијата до кои сме дошле. Овие денови се одлична можност да им заблагодариме на сите кои биле вклучени во оваа успешна приказна која продолжува, но и сами да си оддадеме признание за се што сме постигнале.

 

Во своето делување ХОПС првенствено своите активности ги спроведуваше со цел подобрување на статусот на корисниците на дрога и сексуалните работници, како и на сите останати маргинализирани групи во општеството.

 

Од друга страна ХОПС даде поддшка за основање и работа на други граѓански здруженија во Скопје и пошироко низ Македонија, со слична мисија како ХОПС и кои имаат потенцијал да работат со слични заедници. ХОПС делува како ментор и помагач во функционирањето на овие здруженија и во нивниот подобар пристап до корисниците.

 

Во своите напори за застапување, креирање, измена и донесување на политики во полза на корисниците на дрога и сексуалните работници како и на останатите маргинализирани групи, ХОПС соработува со јавните институции, носителите на одлуки, креаторите на политики, донатори и меѓународни организации во и надвор од Македонија и кои делуваат на истото поле на работа.

 

ХОПС во 2010 година ја доби Меѓународната награда за ХИВ/СИДА и човекови права, која ја доделуваат Канадската правна мрежа за ХИВ/СИДА и Хјуман Рајтс Воч како препознаеност и потврда за успешноста во работата на овие полиња.

 

Првите петнаесет години на ХОПС се повеќе од успешни. Успехот е предизвик за идните постигнувања, за исполнување на визија на организацијата, визија за општество во кое на сите луѓе подеднакво им се почитуваат човековите права и слободи и уживаат социјална, здравствена и економска благосостојба.“