10 Feb Бугарската десница предлага забрана на настани на кои се промовираат геј правата
Софија, Бугарија – Бугарската десничарска партија Атака предложи амандман со кој би требало да се забранат геј парадите.
Амандманот на Атака со кој се предлагаше криминализација на хомосексуалното однесување беше одбиен минатата недела од страна на бугарскиот парламент со образложение дека ги прекршува законите на Европката Унија и Европската конвенција за човекови права.
Како одговор на тоа, Атака подготви амандман на законот за јавни собири и манфестации во кој се вели: „Не се дозволуваат собири и демонстрации кои имаат за цел јавно да ја прикажат хомосексуалната ориентација или припадност“.
Во амандманот се вели дека луѓето, организацииите, и политичките и какви било други организации кои ќе организираат вакви настани ќе бидат казнети со парична казна од пет илјади до десет илјади бугарски лева (од три илјади и петстотини до седум илјади американски долари).
Лидерот на Атака, Волен Сидеров, рече дека геј парадите не претставуваат само „напад на јавниот морал и вредности, туку и јавен повик на вандализам и антисоцијални акти“.
Сидеров, кој е познат по своите анти-семитистички ставови, за дневниот весник Дневник изјави дека верува дека амандманот е во согласност со „очекувањата на јавноста за заштита на традиционалниот семеен модел и морални вредности и заштитата на граѓанскиот мир и јавната безбедност“.
Минатиот викенд, двајца пратеници на Атака на националната телевизија зборуваа во корист на амандманот, предупредувајќи дека геј парадите „им сметаат на обичните луѓе“ и дека ЛГБТ активистите преку Европската Унија се залагаат за легализација на „инцестот и зоофилијата“.
„Како Русија и останатите источноевропски земји, Бугарија е конзервативна во врска со правата на ЛГБТ луѓето, и Атака се обидува да го искористи овој амандман како популистичка тема пред изборите за Европскиот парламент“ – изјави Радослав Стојанов, претставник на Бугарскиот Хелсиншки комитет, организација која се бори за заштита на човековите права.
„Минатата година во земјата се оддржа мала парада, а три анти-геј маршеви поддржани од Атака“- додаде тој.
Стојанов исто така кажа дека употребата на таквиот јазик од страна на политичари претставува „промовирање на омраза и има голем ефект врз ЛГБТ луѓето кои имаат потешкотии јавно да ја соопштат својата сексуалност во таква насилна средина или не гледаат друга опција освен да ја напуштат земјата“.
Извор: LGBTQ Nation