Легализација на сексуалната работа или не?

Легализација на сексуалната работа или не?

 

Пишува: Трајче Јанушев, Стар- стар граѓанска иницијатива за промоција и унапредување на правата на сексуалните работници

Депенализација. Тоа е она што јас го подржувам. Нe сум за целосна легализација (барем не во овој момент) и секако „не“ за чување на некоја форма на сексуалната работа во илегала т.е. истата да биде незаконска.

 

Веројатно ова е една од работите за кои јас сум „за“ и за кои можам да кажам едно големо и гласно „да“. Ќе ви кажам и зошто.

Не постои јасен модел на законска рамка кој во целост ја регулира сексуалната работа. Тука ќе го споменам примерот од Шведска, фамозниот и во последниве две години, доста промовиран низ Европа, „шведски модел“. Купувањето на услуга се казнува, но не и продавањето.

Законот е донесен во 1999 година и години подоцна по сумирање на сите резултати, исходот е следниов:

Полицијата од Малме во 2001 година објави дека нема докази за намалување на насилството по донесувањето на тој закон, но постои статистика која, напротив, укажува на негово зголемување.

Во 2008 година шведската национална единица за трговија со луѓе изјави дека проституцијата е намалена за 40 %, за подоцна во 2010 година да признае дека политиката не успеала и, сепак, бројот на проститутки се зголемил во Шведска како што и било наведено во медиумите кои спровеле истражувања токму на оваа тема.

На крајот, што се постигнало со овој начин на регулирање на сексуалната работа?

Иронично, но сексуалните работници уште повеќе се дават во дното, принудени да се кријат, тајно да нудат услуги, да работат во подземјето. Кога си на дното и во темница, кога си во сенка, нема кој да те чуе.

Идеологијата на креаторите на овој модел е дека „сите сексуални работници се жртви“, базирајќи ја на многу едноставна политика – „ако нема кој да купува, ќе нема кој да продава“. Погрешно!!!

Сексуалните работници кои направиле свој слободен избор да влезат во оваа индустрија, сакале или не, сепак, се вклучени во нелегалните аспекти на овој бизнис. Третирани како доселеници од Содома и Гомора, како крајно неморални во ова „морално испревртено“ општество, како нашето. Оттука и моето прашање :

„За кого важат моите или нечии други морални вредности, ако тие бараат јас да се водам по нивните?!“

Сексуалните работници се тепани, малтретирани, силувани, бесконечно омаловажувани само поради тоа што се наоѓаат буквално на маргините од секоја „пора“ на нашето живеење, и многу ретко, речиси никогаш не ја добиваат правдата која ја заслужуваат. Дали знаете какво е чувството да се биде претепан, силуван, малтретиран, а при тоа да се двоумиш постојано дали тоа да му го кажеш некому. Затоа повеќето не го пријавуваат злосторството, поради стравот што го чувствуваат да не бидат обвинети.

За жените-сексуални работници, суптилно ќе го добиете следниов одговор: „па таа сама така сакала, заслужила, може да оди да чисти влезови, па нема да ја тепаат“. За мажите-сексуални работници (мислите дека не постојат?!) ќе ви кажат „па машко е бре, нека удри, нека се снајде!“ За трансродните сексуални работници, пак, може да ги земете предвид и двата одговора. Натрупани стигми и предрасуди.

Да се биде сексуален работник, пред сè, значи дека треба секојдневно да се соочуваш со еден куп стигми, предрасуди и табуа. „Аха, тие се болни, нечисти, којзнае какви инфекции имаат, тие се наркомани, греота немаат што да работат, па мораат ете да се ебат за пари, да се продаваат“…  – е не е така, НЕ!!! Сексуалните работници во светски рамки важат за едни од најдобрите ХИВ едукатори, свесни, со знаења за своето сексуално и репродуктивно здравје. Тие самите одбрале да го работат ова, имаат свои принципи и правила на работа.

И на крајот од денот тие не се продаваат, всушност, како ли е можно да се продаде тело? Токму ова е тоа што ме вади од кожа! Тие продаваат услуга, сексуална услуга, како и секоја друга услуга.

И сега замислете покрај сите овие небулози, кои  се резултатите од стигмата која владее во општеството за сексуалните работници. Дали воопшто треба да се донесе закон со кој целиот овој бизнис би се легализирал. Државата ќе прибира данок, УЈП ќе има работа, организаторите на сексуалната работа ќе полнат каси, а што со сексуалните работници?

Пробајте да замислите еден сексуален работник во Македонија каде сексуалната работа е легална, да може да отиде во банка и полето „занимање“, во формуларот за издавање кредитна картичка, да го пополни со „сексуален работник“. Во ваков случај не сакам ни да помислам на исходот (одбивање, погледи на презир, осуда…).

Пред да се легализира сексуалната работа потребни се пошироки истражувања на оваа тема, да следи сеопфатна јавна расправа, за да најпосле можеме да размислуваме и да разговараме за легализација.

Да се биде сексуален работник значи да си закачен на ѕидот на срамот 24/7. Ова е тоа што прво треба да го решиме. Не мора да го разбереме, но можеме да го почитуваме туѓиот избор.

Легализацијата нема да направи насилството да исчезне, ниту пак непочитувањето, малтретирањето, бележењето… Ниту пак со декриминализација или депенализација, ќе се решат наеднаш овие проблеми. Но, би оделе во правец, најверојатно, барем на почитување на оние поразличните, оние кои не ги исполнуваат „нормите” или очекувањата на морално „исправните“ граѓани (веќе се изјаснив околу мораните вредности!).

„Верувам дека сексот е една од најубавите, најприродните, најздравите нешта што може да се купи со пари. “  – Стив Мартин.

Преземено од Prizma