ТРИБИНА – може ли да се забрани младите да знаат?

ТРИБИНА – може ли да се забрани младите да знаат?

Автор: Лина Ќостарова-Унковска

 

Имаат ли младите право да знаат? Отворената трибина за ученици, наставници и родители под наслов: “Род, пол, сексуални различности – дилеми и прашања кај младите”, иницирана, договорена и објавена за 28.11., од страна на гимназијата Никола Карев, НЕ СЕ ОДРЖА. Доволно беше, само едно јавување, а што друго би можела да биде причината за во 12.45 ч., или половина час пред почетокот, таа да се откаже, а гостите и учесниците да бидат вратени, без било какво објаснение! На прв поглед ништо чудно, имало интервенции и со многу полоши последици од таа.

 

Но, дали оваа и вакви забрани смеат да се премолчат? Имаат ли младите право да знаат? Има ли право, било кој да попречува тие да знаатм, да чујат, разговараат и да учествуваат на теми од нивните животи и права? И тоа во присуство на возрасните, нивните наставници и родители, и во простори за учење и развој, кои само за тоа и служат!

 

Не прашуваме што е тоа што толку ги возбуди дежурните загари, за веднаш по објавата да истрчаат на терен и да кажат НЕ на интересот на училиштето и на младите, да дебатираат. Многу е поважно тоа што гласот од другата страна на жицата е претставник на званичната образовна политика со која се застанува против информацијата, против размената и учеството на младите на нивни теми, кои ги засегаат, но и се почесто ги вознемируваат.

 

И тоа во услови кога сеуште, легитимно право и обврска на секое училиште е да одговори на барањата и потребите на учениците и заедницата. Така вели законот. Училиштето е задолжено да иницира и отвара теми и прашања, надвор од училишната програма, за кои ќе процени дека се релевантни за животот на учениците, и да ги поттикнува и организира низ семинари, дебати, проекти и акции.

 

Дали тогаш, попречувањето да се одржи една ваква трибина е незаконско, според законот за образование? Несомнено ДА. Ако е така, со што може да се оправда заканата врз едно училиште со проценката дека активноста е непожелна, поради нечии лични убедувања, фрустрации, и позиција на моќ, независно колку е тоа од интерес на младите? Во регуларен, уште и реформиран образовен систем, тоа би било незамисливо.

 

Премногу е штетна моралистичката агенда на властодршците, кои не ни помислија, на пример дека можат да се појават на трибината, наместо безимено и кукавички да ја забранат. А можеа и нешто да научат, за сексуалноста. На пример, дека темите поврзани со сексуалноста не смеат да бидат “табу” теми. Не смеат, затоа што сексуалноста е најважната животна платформа за учење и учество на младите, и дека кога се избегнува, забранува, искривува, или негира, ги разнишуваме темелите на нивната посебност, ја минираме нивната битка за себе, за сопствениот идентитет и автономија, нивната мотивација за живот, нивната работоспособност, ако сакате, а со тоа и отворено ги проблематизираме. Можеа моралистите да слушнат малку и за човековиот идентитет и интегритет во формирање, и за тоа колку прашањата: кој сум јас, каде припаѓам, кои се моите потреби, што чувствувам, што ме возбудува и мотивира, дека сите тие критично зависат од сексуалноста и нејзините автентични изрази. И дека тоа никаде и никому до сега, не му успеало да го забрани, диктира, или да го одживее во нивно име, на младите. Можеби некој од нив и ќе сфатеше дека сексуалноста сепак не е зададена тема која може да се одработи и научи како лекција, ниту дека таа може да биде рефлексија на црно – белата, непостоечка слика на животот, која често сакаме да им ја наметнеме на младите.

 

Зашто јазот е огромен… За ралика од младите, кои сексуалноста ја чувствуваат и живеат со секој атом на својот организам, возрасните се најчесто збунети, или ужаснати од нивните однесувања и искуства. Ем ништо не разбираат, ем се закануваат, или молчат, наместо да се обидат да научат како да разговараат на тие теми, со младите. Оние кои одлучуваат за доброто на младите, каков парадокс, и кои сакаат да помогнат, се всушност управувани од стравови, незнаења, предрасуди, игнорантство и силата на моќта која ја имаат врз децата. Несвесни дека одговорноста им е огромна, и дека тоа што им го испорачуваат на децата е сопствената инфериорна позиција кон предизвиците и лажните слики на стварноста, кои тие, младите, никако да ги препознаат во своите животни приказни. Уште полошо, нивните двојни, моралистичко-конфузни пораки се толку предизвикувачки, што младите незапирливо, и незаштитено, како на бришан простор, се предаваат на експериментирањето со ризиците на сексуалноста, само затоа што нивната ништо помалку силна потреба за учество во сопствените животи не може да се запре, како што не може да се запре ни развојот.

 

Само луѓето, секојдневно поврзани со младите, можат да знаат, и да ги потврдат светските статистики, според кои повеќе од 10 проценти од адолесцентите се разликуваат по своите ставови, потреби и доживувања поврзани со родот и сексуалноста, а во уште поголем број се оние кои експериментираат со ризиците. И дека само поради игнорантството и забраните, поради дискриминирачките политики и практики, овие млади се соочуваат со секојдневно малтретирање, вербално и физичко насилство и повреди, и тоа најчесто во училиштата, потоа на улицата, во друштвото, но и во домот. За овие млади, практично никаде не постои безбедно место, место каде што би можеле да се засолнат, ниту чувство на припадност, со кое би се заштитиле. Со тоа им е одземен и просторот за учество и одлучување во сопствените животи. Нивните најосновни потреби и права, меѓу кои и правото на живот, секојдневно се доведува во прашање. Како последица, нивната слика за себе е безнадежно, депримирачки негативна, толку многу што тие никогаш не научуваат како да се сакаат себеси: “Ако сите мислат дека сум одвратен/а, тоа мора да е точно”, заклучуваат често. Затоа се склони на самоповредување. И затоа се најбројни во обидите на самоубиство, и најмногу успеават во тоа, во споредба со сите други млади кои минуваат низ тешки периоди во животот.

 

Возрасните, хомофобични политики, меѓутоа, не знаат и не сакаат да знаат за овие статистики. Тие не се свесни дека со забраните не само што не им помагаат на овие млади, туку дека и на сите останати, само им ги пренесуваат сопствената инфериорност, стравот и немоќта, да се соочат со реалните животни прашања. Уште повеќе, ваквите политики стануваат модел за насилството како решение на проблемите, и многу пошироко од оние со сексуалноста.

 

Тоа ли сакаме да им го пренесеме на своите деца? Да станат насилници, кои неодговорно ќе ја истураат својата несигурност и незадоволство врз било која различност, само затоа што не одговара на нивните искривени, нереалистични очекувања? Или, заради сопствените неразрешени прашања во врска со сексуалноста, и идентитетот? Ќе правиме ли од нив реплики на насилници, од најуплашените меѓу нас кои “ТОА НЕ МОЖАТ ДА ГО ПОДНЕСАТ”?

 

И, конечно, дали ќе ги препуштиме младите на милост и немилост на насилниците во нашите редови, или во редовите на највисоката политика, сеедно, е крупно етичко прашање, зад кое сите треба сериозно да се замислиме.

 

Затоа ни се потребни ангажирани, позитивни политики за млади. Оние, со разбирање, прифаќање и отворена поддршка на СИТЕ млади. Со отворен контакт и доверба во нивните капацитети и можности. Трибината беше една таква можност, за младите и возрасните заедно да ги отворат овие важни, стуткани и “тешки” теми за родот, полот, за сексуалните различности и права, во нашите училишта, за конечно и тие да почнат да се дискутираат, отворено и без страв, но и за зголемување на безбедноста на училишната заедница, за сите нејзини членови. И за тоа и честитаме на гимназијата Никола Карев, за чувствителноста за темата и за отвореноста кон потребите на младите, да разговараат на овие теми. Зашто, само така регресивните, дискриминирачко-интервентни политики, конечно ќе бидат оневозможени и победени во полето на образованието и заштитата на младите.

 

Преземено од Globus magazin