ПлусИнфо: „ЛГБТИ пред портите на МВР бара права“

ПлусИнфо: „ЛГБТИ пред портите на МВР бара права“

Претставници од „Хелсиншки комитет“ – Македонија, и членови на ЛГБТИ заедницата, денеска упатија уште еден повик до властите јавно да ги осудат нападите кои изминатиов период во континуитет се случуваат врз основ на сексуална ориентација, а повикот овој пат го испратија од пред влезот на Министерството за внатрешни работи.

 

Бидејќи надлежните институции молчат за овие напади, владините функцинери ги игнорираат повиците, а сторителите на нападите и понатаму се на слобода, активистите за човекови права со своите апели овој пат решија физички да му се приближат на министерството. Повод за оваа реакција е вчерашното второ по ред каменување на куќата на актерот Петар Стојковиќ, кој пред неколку недели јавно ја обелодени својата сексуална ориентација. Од Хелсиншки и од ЛГБТИ заедницата велат дека овие насилства повеќе не смеат да се премолчуваат и институциите да реагираат пред инцидентите да резултираат со жртви.

 

– Владата упорно молчи за овие напади, а ефектите од таквото однесување се оние од кои што стравувавме, тоа е легитимитет, охрабрување и понатамошно насилство врз ЛГБТИ заедницата. Уште еднаш денеска повикуваме Владата и Министерството да преземат брза и ефективна истрага и да ги пронајдат сторителите на овие напади. Сметам дека не смее да се случи да дојде до посериозни жртви. МВР треба да ги најде сторителите во најскоро време – изјави денеска од пред Министерството, извршниот директор на Хелсиншки комитет, Уранија Пировска.

 

Повик да се превенира дискриминацијата по основ на сексуална ориентација и најстрого да се казнуваат нападите по овој мотив неодмна упатија и највисоките претставништва во Македонија. Амбасадорите на САД, Холандија, Шведска, Германија, претставник од ОБСЦЕ и амбасадор на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, пред две недели го посетија ЛГБТИ центарот и преку медиумите апелираа до Владата и институциите да го осудат насилството врз хомосексуалците и во најкус можен рок да ги пронајдат сторителите.

 

ЛГБТИ центарот во Стара чаршија, за само неколку месеци беше неколку пати нападнат од група маскирани млади хулигани, имаше и обид да се запали објектот, а во меѓу време куќата во која живее актерот Петар Стојковиќ беше во два наврати каменувана откако актерот јавно се произнесе. Припадниците на ЛГБТИ заедницата постојано се жалат дека се мета на омраза и агресија од хомофобната средина и дека државниот апарат не прави доволно за да ги заштити.

 

Славчо Димитров од Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, вели дека Владата конечно треба активно да застане во одбрана на човековите права и да излезе во име на меѓународните договори кои Македонија ги има потпишано и на кои се има обврзано, а во кои најстрого се забранува дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација.

 

– Бараме МВР да преземе постапки кои е должно да ги преземе имајќи ги во предвид изјавите и настапите во јавност кога е во прашање заштита од дискриминација и нејзино санкционирање. Сметаме дека Владата и сите релевантни чинители се должни веднаш да излезат и да одговорат на повиците кои дојдоа од локалните организации за човекови права, од интернационалните организации, како и од европските парламентарци. Сметаме дека е конечно редно време премиерот да излезе со јасна изјава во јавноста со која ќе упати апел и ќе покаже дека ниту оваа Влада ниту ниедна друга Влада во оваа држава не смее и нема да поддржува насилство врз ЛГБТИ популацијата – рече Димитров.

 

Автор: М.В.

 

Преземено од: http://www.plusinfo.mk/vest/99254/LGBTI-pred-portite-na-MVR-bara-prava