08 Feb Писмо реакција од ИЛГА-Европа
Г-дин Никола Груевски, премиер на Република Македонија
Г-дин Васко Наумовски, вицепремиер за европски прашања
Г-дин Џелал Бајрами, министер за труд и социјална политика
Г-дин Михајло Маневски, министер за правда
Г-дин Трајко Велјановски, претседател на Собранието на Република Македонија
Г-ѓа Благородна Дулиќ, претседател на Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија
Г-дин Петар Поп Арсов, претседател на Комисија за европски прашања, Собрание на Република Македонија
Г-ѓа Весна Бендевска, претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на граѓанските слободи и права, Собрание на Република Македонија
Брисел, 1 Февруари 2010
Ваши Екселенции,
По извршените консултации со групите на граѓанското општество во Македонија, ви пишуваме вам, како претставници на извршните и законодавните ограноци на Владата на Република Македонија, со цел да ве замолиме да се задржи недискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација во сеопфатниот Предлог-закон за анти-дискриминација, кој е на разгледување во Република Македонија.
Длабоко нè загрижува податокот дека сеопфатниот Предлог-закон за борба против дискриминација беше изменет со што беше исклучена сексуалната ориентација како основа за заштита во Законот за анти-дискриминација.
Лезбејките, геј, бисексуалците и трансродовите (ЛГБТ) лица се соочуваат со дискриминација, нивните основни човекови права се негирани во секојдневниот живот и се редовно подложени на насилство во Македонија. Како што потврди Европската комисија во Извештајот за напредокот на Република Македонија од 2009 година, „Закон за не-дискриминација сè уште не е донесен, а постојните правни одредби не се во целост хармонизирани со правото на ЕУ. “[…] „Ниту Уставот, ниту постојното законодавство не ја утврдува сексуалната ориентација како основа за дискриминација. Лезбејките, геј, бисексуалците и трансродовите (ЛГБТ) лица не се заштитени од директна или индиректна дискриминација и се стигматизирани, особено во руралните области“.
Како земја-кандидат за членство во Европската унија, од Република Македонија се очекува да воведе сеопфатен закон за анти-дискриминација, со кој се утврдува заштита од дискриминација врз основа на 6 основи на дискриминација, вклучувајќи ја и сексуалната ориентација.
Сите 27 земји членки на Европската унија донесоа законодавство за не-дискриминација при вработување, со што конкретно се покрива сексуалната ориентација, во согласност со Директивата 2000/78/EК на Советот. Во повеќето земји-членки заштитата од дискриминација врз основа на сексуална ориентација ги покрива и областите како што се здравствено и социјално осигурување, покрај вработувањето. Земјите кои имаат аспирации да станат членки на ЕУ, како Хрватска, Србија
и Босна и Херцеговина, исто така, усвоија сеопфатни анти-дискриминациони закони кои експлицитно ја покриваат сексуалната ориентација.
Искуството на некои од новите земји-членки (на пример, Латвија) покажа дека вклучувањето на сексуалната ориентација во заглавјето „други основи“ не е доволно за да се обезбеди заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и не е во согласност со правото на ЕУ.
Навистина, без конкретна и силна заштита од анти-дискриминација во законот, ЛГБТ лицата и понатаму ќе се соочуваат со дискриминација и насилство и ќе бидат принудени да живеат под постојаниот
притисок на таинственоста.
Во заклучок, се залагаме Владата на Република Македонија да го задржи целосниот список на основи на заштита, вклучувајќи ја и сексуалната ориентација во Законот за анти-дискриминација.
Со почит,
Евелин Паради,
ИЛГА-Европа, Извршен директор
Превземето го писмото во ПДФ форма овде.