Во Македонија хомосексуалноста сè уште се третира како болест!

Во Македонија хомосексуалноста сè уште се третира како болест!

На 17 мај 1990 год., Светската здравствена организација (СЗО) ја тргна хомосексуалноста од „Меѓународната класификација на болести“ (ICD-10), која започна да се применува во земјите членки на СЗО од 1994 година.

 

Почнувајќи од 2004/2005, 17 мај се одбележуваше како „Меѓународен ден против хомофобијата“ (IDAHO). Од 2009 година 17 мај се одбележуваше како „Меѓународен ден против хомофобијата и трансфобијата“, а сега се одбележува како „Меѓународен ден против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата“ (IDAHOBIT).

 

Секоја година, 17 мај го одбележуваат многу меѓународни организации и држави (видете го, на пример, годинешното соопштение на Советот на Европа и специјалното видео на ОН).

 

По повод 17-ти мај, организацијата ИЛГА-Европа излезе со посебен годишен извештај, во кој има посебно поглавје за Македонија („ILGA-Europe, Annual Review of the Human Rights Situation of  Lesbian, Gay, Bisexual, Trans and Intersex People in Europe“, стр. 147-149). Според мапата и индексот на Илга-Европа, Македонија има најслаби оценки во регионот на Југоисточна Европа, за правната и политичка состојба со човековите права на ЛГБТИ луѓето во Европа.

 

Иако хомосексуалноста е тргната од „Меѓународната класификација на болести“ уште во 1990 год., 23 години подоцна, студентите по медицина во Македонија се уште се образуваат од учебници во кои хомосексуалноста се третира како болест. На полиците на книжарниците на „Просветно дело“ се продаваат учебниците „Психијатрија том 1 и 2“ (Георги Чадловски и соработници, 2004) и „Медицинска психологија“ (под редакција на Георги Чадловски, 2004).

 

Во учебникот „Психијатрија“ за хомосексуалноста се зборува во потпоглавјето „Симптоми и синдроми кои потекнуваат од растројствата во нагонската сфера“.  Хомосексуалноста и бисексуалноста се среќаваат и во листата на дијагнози „Психолошки растројства и растројства на односите поврзани со сексуалниот развој и ориентацијата и со други растројства“. Авторот на овие учебници, самоволно ги прогласува хомосексуалноста, бисексуалноста и хетеросексуалноста за растројства наспроти забелешката на СЗО дека „Самата сексуална ориентација не треба да се смета за нарушување“.

 

Во учебникот „Медицинска психологија“  има посебно потпоглавје „Хомосексуалност“ во главата „Психички функции и нивните растројства“, пред потпоглавјето „Педофилија“. Студентите по медицина учат дека „Хомосексуализмот претставува најчесто растројство на сексуалниот нагон…“  и дека „Хомосексуалноста најчесто е конституционално условен, па затоа и тешко може да се лекува“ (стр. 175, граматичката грешка е во оригиналот).

 

Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ Скопје, во 2011 објави експертска анализа на овие учебници, која утврди дека „авторите користат толкувања, ставови и класификации што не се базираат на современата научна мисла и не се во склад со постојните официјални документи за класификација на болестите / растројствата“. Исто така, беше утврдено дека „изнесените тврдења на авторите во однос на сексуалната ориентација јасно ја фаворизираат хетеросексуалноста како единствена нормалност и лесно можат да ги доведат идните стручни лица во заблуда, патологизирајќи ја хомосексуалноста“. Поради тоа што учебниците „погрешно ја информираат студентската и општата јавност“ и „придонесуваат и за продлабочување на стигмата, етикетирањето и на маргинализацијата на лицата со различна сексуална ориентација“, Коалицијата повторно побара нивна ревизија. Барањето за ревизија на овие учебници е актуелно уште од 2007 г., кога ова прашање беше покренато во јавноста од активисти за човекови права и од организацијата „МАССО“.

 

Негативното влијание на овие учебници воопшто не треба да се занемарува, затоа што во Македонија се уште има медицински лица и политичари кои сметаат дека хомосексуалноста е болест која треба да се лекува.

 

Да потсетиме, пратеник на владејачката партија, инаку примариус-специјалист по гинекологија и акушерство, во 2010 година во Собранието тврдеше дека „хомосексуализмот е болест која треба да се лекува…“. Министерот за труд и социјална политика лани јавно прокламираше исклучувачки концепт за „здрава нација“ и беше предводник на систематска хомофобична кампања против „истополови бракови“ која резултираше со физичко и психолошко насилство, говор на омраза и засилено социјално исклучување. Во 2012, „лекувањето“ на хомосексуалноста преку психотерапија беше медиумски промовирано од страна на лице кое беше претставено како „сексолог“ и „доктор“.

 

Според чл. 112 од „Кодекс на медицинската деонтологија“: „…насоките на Светското здружение на лекарите и Светската здравствена организација, се задолжителни за сите лекари на Македонија“. За жал, Лекарската комора на Македонија ги нема јавно осудено медицинските лица и надрилекарите кои промовираат „лекување“ на хомосексуалноста, наспроти насоките на СЗО.

 

Во 2011, Комисијата за заштита од дискриминација утврди дискриминација во учебникот по „Педагогија“ во делот каде хомосексуалноста беше вброена во „негативните појави на сексуалниот живот на човекот“, каде „хомосексуалноста и лезбејството“ беа претставени како „опачини“, а „учесниците на таков изопачен , неприроден, и… ненормален сексуален живот“, беа опишани како „личности со психички тешкотии и пречки“.

 

Но, иако во извештајот на ЕУ за 2011 беше укажано дека „Универзитетските и средношколските учебници ја третираат хомосексуалноста како болест“, досега не се извршени никакви ревизии на проблематичните учебници.

 

Игнорирајќи ги стручните препораки и барања, државните институции не преземаат никакви мерки против патологизирањето на хомосексуалноста, кое поттикнува дискриминација, социјално исклучување, говор на омраза и се повидливо насилство кон сексуалните малцинства.

 

Автор: Жарко Трајаноски

 

Преземено од ПлусИнфо