ПлусИнфо: Новинарското перо ги дотепува маргинализираните

ПлусИнфо: Новинарското перо ги дотепува маргинализираните

Медиумите не само што воопшто не ја препознаваат дискриминацијата, туку и некогаш ја потсилуваат, иако можат да изиграат и друга улига и многу да придонесат во борбата против маргинализирањето на обесправените категории на граѓани, беше констатирано на денешната промоцијата на  „Медиумите, говорот на омраза и маргинализираните заедници: Водич за медиуми“. Тоа е прирачник за новинарите изработен од Жарко Трајановски, Тамара Чаусидис и Роберто Беличанец, кои со своите препораки се обидуваат да помогнат и да придонесат за покоректно и попрофесионално новинарство.

 

Изданието на колицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ е надополнето со примери од македонските медиуми, односно сензационалистички текстови и прилози, со кои се прекршуваат правата на одредени групи зголемувајќи и поттикнувајќи ги стравот и омразата на јавноста кон нив.

 

Тамара Чаусидис од ЗНМ порача дека првин треба да се нагласи разликата меѓу новинарите и порача дека не секој текст во медиумите треба да се гледа како новинарски. Новинар, според неа, е оној што се придружува на пропишаните новинарски стандарди, меѓу кои е обврската на етичко известување.

 

– Живееме во неписмена медиумска средина. Медиумите во Македонија се нечувствителни по однос на дискриминацијата, особено кога станува збор за маргинализираните групи. Со ретки исклучоци овие групи се третираат како споредни, со што дополнително се маргинализираат – рече Чаусидис.

 

Според Жарко Трајановски, активист за човекови права, се забележува пад на свеста при известувањето кога станува збор за лицата со ХИВ сида или корисниците на дроги, на тој начин што повторно се употребуваат стереотипите од претходните децении. Со тоа, смета тој, се сегрегираат овие лица од општеството и се маргинализираат нивните потреби. Тој истакна дека не треба да се занемари улогата на говорот на омраза и неетичкото информирање во поттикнувањето на директно насилство кон овие групи.

 

Мониторинг над електронските медиуми врши Советот за радиодифузија, кој има пропишани правила. Тој  може да интервенира и по барање на граѓаните доколку во медиумите забележат говор на омраза по било кој основ кон одредена заедница, категорија или група на граѓани.

 

Автор: М.В.

Извор: http://www.plusinfo.mk/vest/82263/Novinarskoto-pero-gi-dotepuva-marginaliziranite