27 Feb Покана за прес-конференција и тркалезна маса
Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на РМ-ЕСЕ и Здружението Акција Здруженска, следејќи ја праксата на постојан мониторинг на женските човекови права и известување за состојбите пред соодветните меѓународни и регионални тела, подготвија извештај во сенка кон Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените (КЕДЖ) и земаа учество на 54 седница на овој комитет, каде ги презентираа состојбите во земјава. Ова е втор пат Република Македонија да известува пред овој Комитет. Извештајот во сенка беше подготвен со помош и соработка на дванаесет граѓански организации.
По тој повод, ЕСЕ и Акција Здруженска ќе одржат прес-конференција во четврток, 28 февруари 2013 година, во ГЕМ клубот со почеток од 11 часот.
На прес конференцијата ќе бидат презентирани клучните наоди за состојбата на жената во РМ, а ќе говорат Марија Гелевска од ЕСЕ, Марија Савовска од Акција Здруженска и Наташа Бошковска од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.
По одржувањето на прес конференцијата, ќе се одржи тркалезна маса наменета за здруженија на граѓани кои работат на полето на унапредување на човековите права и женските човекови права.
За оваа цел, Ве покануваме да земете учество на оваа тркалезна маса со цел размена на искуства и сознанија во однос на презентираните состојби за прогресот на полето на родова еднаквост и дискриминација врз жената.
Сумарниот преглед на наоди од Извештајот во сенка кон Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената можете да го преземете овде.