01 Jul Нова регулатива за рехабилитација од дрога
ШАНГАЈ / ПЕКИНГ – Кина минатата недела усвои нова регулатива за рехабилитација на зависниците од дрога, на тој начин одбележувајќи го 24-тиот Меѓународен ден против злоупотреба и недозволена трговија на дрога.
Регулативата преставува додаток на законот против дрога во земјата, кој беше имплементиран во 2008 година. За прв пат властите понудија комплетни одредби за рехабилитиција од дрога во земјата.
Регулативата, која за своја цел го има посеопфатното истражување на ефикасни начини за намалување на употреба на дрога, ја потенцира улогата на заедниците и семејствата во помагање на корисниците на дрога да ја намалат нивната зависност од наркотици и во неа се нагласува дека корисниците на дрога се охрабруваат доброволно да се пријават на програми за рехабилитација и дека ќе бидат ослободени од казна .
Според новата регулатива, третманот во траење до девет години ќе биде обезбеден за сериозните корисници на дрога за да се загарантира нивната детоксикација, додека до сега задолжителната рехабилитација траеше само три до шест месеци.
Во текот на тие девет години во доброволните центри за рехабилитација кои се управувани од владата, зависниците од дрога ќе добијат советување и едукација за превенција на ХИВ / СИДА и други заразни болести.