01 Dec Има прогрес, но СИДА-а зема поголем замав во Источна Европа и Централна Азија
Според УНАИДС, во изминативе две години е направен значаен прогрес во превенцијата и третманот на СИДА-та. Бројот на новозаразени од вирусот е преполовен во дваесет и пет земји, од кои триенаесет во субсахарска Африка, а глобално, во последните седум години бројот на смртните случаи поврзани со СИДА-та се намалил за една четвртина.
Меѓутоа, според УНАИДС, Источна Европа и Централна Азија се единствените региони во светот каде што ХИВ преваленцата се уште се зголемува. Бројот на лица кои живеат со ХИВ во овие региони се зголемил тројно.
Од земјите во Источна Европа, Украина се соочува со најголема ХИВ епидемија. Се претпоставува дека бројката на лица заболени од ХИВ во Украина изнесува 230 000 лица.
Раководителот на рускиот Центар за истражување на СИДА-та, вели дека ХИВ инфекцијата во Русија станала „национална закана“ и дека секој ден се евидентираат двесте нови случаи на лица инфецирани со ХИВ.
Според УНАИДС, во Средниот Исток и Северна Африка, бројот на лица инфецирани со ХИВ се зголемил за триесет и пет проценти во периодотд помеѓу 2001-та и 2011-та.
УНАИДС смета дека во Украина главната причина за ХИВ инфекциите претставуваа интравенското користење на дроги, а ХИВ преваленцата помеѓу лицата кои инјектираат дроги изнесува 21,5 проценти.
Во земјите од Источна Европа околу 40 проценти од новите ХИВ инфекции се случуваат помеѓу лицата кои инјектираат дроги и нивните сексуални партнери, смета УНАИДС.
Во Ерменија, околу една четвртина од новите инфекции се случуваат помеѓу мажите кои имаат секс со мажи.
Во Грузија, Казакстан, Киргистан и Молдавија бројот на новите ХИВ инфекции пораснал за дваесет и пет проценти.
Во Руската федерација, годишшата бројка на новоинфецирани лица драматично се зголемил со повеќе од шеесет илјади нови ХИВ дијагностицирани лица во 2011-та.
На 1-ви декември се одбележува Светскиот ден на СИДА-та, посветен на фокусирањето на вниманието кон пандемијата на СИДА предизвикана од инфекцијата со ХИВ.