Геј конзерватизам

Геј конзерватизам

Автор: Кочо Андоновски

Извор: http://www.libertas.mk/

 

Го слушам министерот за труд и социјална политика и неможам да верувам што зборува: куп права, вели имале ЛГБТИ луѓето во Македонија. За тоа ќе пишувам детално во следниот текст, но пред тоа, сакам да пишувам за конзервативците, особено, геј конзервативците. Мислам дека најголема одговорност за насилството кое се случи на Маршот за толеранција треба да понесат оние кои директно или индиректно го донесоа насилникот на Плоштадот Македонија и ја дигнаа неговата рака да удира други човечки битија. Ова е директна последица на хомофобичната кампања која ја води оваа власт од моментот кога ја презеде власта, а последниов месец доживеа кулминација со вклучување на министерот за труд и социјална политика, кој е одговорен за имплементација на анти-дискриминационите политики во државата. Токму заради ова сакам да пишувам околу демохристијаните, конзервативците, за какви сакаат да се претстават нашиве демо(н)христијани и надри-конзервативци.

 

Видливоста најчесто го започнувала противењето, односно стартувала кампањи против  правата на лезбијките, геј мажите, бисексулаците, трансродните и интерсексуалните личности. А обратно од ова, видливоста започнала токму заради противењето на правата на хомосексуалците. Односно започнала со првата употреба на зборот „coming out“, кој исто се пишува и на германски и на англиски.  Во 1897 година, Магнус Хиршфилд го основа Научно – хуманитарниот Комитет во Германија и започнува јавна кампања против таканаречениот закон „Параграф 175“ со кој се криминализирал сексуален акт меѓу двајца мажи. Во суштина, освен со либерализацијата која дошла со француската буржуаска револуција, ова е прва група која почнала јавно (видливо) да се залага за правата на хомосексуалците, односно геј мажите. Во тоа време лезбијките, бисексуалците, трансродните, интерсексуалците а и жените биле невидливи, па така ниту биле одобрувани ниту криминализирани нивните емотивни и сексуални чувства и практики, едноставно не постоеле. Адолф Бранд (кој се одвоил од овој Комитет) прв го употребува терминот „coming out“, или кај нас разговорно како што се употребува „аутирање“. Тогашниот германски Канцелар се спротивставувал на декриминализацијата, а Бранд како одговор на неговото противење, го „аутирал“ дека има хипокризија, односно јавно објавил дека Канцеларот има редовни сексуални контакти со личности од истиот пол. Во поново време еден од најпознатите вакви екстремни примери на хипокризија се појави во Австрија, со трагично погинатиот екстремен десничарски политичар Јорг Хајдер.

 

Но, конзервативците низ Европа и Америка, се чини имаат сосема поинаква визија и политика. Во Германија министер за надворешни работи во демохристијанската влада на Меркел е либералот и јавно деклариран хомосексуалец Вестервеле, кој својата предизборна кампања ја водеше заедно со неговиот партнер. На демохристијанската ЦДУ не ѝ паѓа на памет да го оневозможи цивилното партнерство (кое овозможува и посвојување) меѓу луѓе од ист пол. Во суштина, повеќе конзервативните хомосексуалци се залагаат за брак и посвојување, додека различните струи на ЛГБТИ движењето го сметаат бракот за манипулативна институција на патријархатот и воопшто не се залагаат за бракови меѓу луѓе од ист пол. Ова најдобро го ислустрира изјавата на Британскиот премиер Камерон: „ги поддржувам геј браковите не и покрај тоа што сум конзервативец, туку затоа што сум конзервативец.“ Во Америка пак има цело крило на Републиканската Партија кое го основале геј републиканци, раширено низ сите држави и се вика Лог Кабин (www.logcabin.org). За да ја разбереме оваа организација треба да знаеме, во Америка сметаат дека републиканците порано биле повеќе поддржувачи на ЛГБТИ луѓето, заради нивната верба во основниот принцип на капитализмот – немешање на државата во животот на граѓаните, вербата во неприкосновеноста на индивидуата, приватната сопственост и приватноста. Позициите се менуваат со демократите особено после војната во Виетнам, после која се појавуваат индивидуи, воени ветерани од војната во Виетнам, кои формираат фанатични групи со „pro-life“ филозофија. Тие како ултра конзервативна струја успеваат да се инфилтрираат во Републиканската Партија. Од тогаш почнува интензивна кампања против родовата еднаквост, односно третирање на жените како подредени „инкубатори“, со жестоки кампањи надополнети со постери од искасапени фетуси (звучи познато?) и секако кампањи против правата на ЛГБТИ луѓето. Најголем дел од републиканците не се согласуваат со оваа филозофија, но таа филозофија ги носи сите ЛГБТИ движења и движењата за правата на жените кон Демократската Партија, што се покажа како клучно при последните избори и реизборот на Барак Обама.

 

Она што научив во животот е дека има аматери и дилетанти. Разликата меѓу нив е дека аматерите учат, а дилетантите иако незнаат како и аматерите, не учат, мислат дека сѐ знаат. Додека министерката за внатрешни работи го осуди насилството, научи нешто (да се надеваме), министерот за труд и социјална политика ништо не научи. Како дилетант се држи до својата погубна политика. Погубна за неговата кариера и погубна за државата. Потрошен материјал. Дилетант.