18 Nov Хелсиншки: Груевски и Јанкуловска да ја заштитат ЛГБТ заедницата
Извор: http://www.plusinfo.mk/
При одбележувањето на „Меѓународниот ден на толеранцијата” вчера околу 12.30 часот, на централниот плоштад во Скопје во близина на Камениот мост, е извршен физички напад на двајца активисти – од организаторите на “Маршот за толеранција”, соопшти Хелсиншкиот комитет.
„Додека биле подготвувани штандовите со публикации и брошури од невладините организации – учесници во маршот, на активистите им пришло маскирано лице кое упатило закани по живот. Маскираниот потоа физички го нападнал Кочо Андоновски, организатор на „Маршот за толеранција”, а потоа со тупаници по главата му се нафрлил и на друг активист од Коалицијата “Сексуални и здравстени права на маргинализираните заедници”, кој се обидел да му помогне. Потоа маскираниот напаѓач се стрчал кон Камениот мост, а додека бегал нападнал и друго лице кое го посетило штандот каде стоеле публикациите. На само неколку метри од настанот, сторителот бил фатен од полицајци и бил приведен во полициска станица“ информираат од Хелсиншки.
Хелсиншкиот комитет за човекови права и Коалицијата “Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници” најостро го осудија нападот врз организаторите на “Маршот за толеранција” и бараат од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, од министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и од премиерот Никола Груевски јавно да го осудат насилството врз активистите за човекови права и ЛГБТ лицата и да се оградат од него.
Меѓу другото, Хелсиншки бара да ги преземат сите мерки за заштита на активистите за човекови права и ЛГБТ лицата од насилство, говор на омраза и дискриминација, да ги откријат и казнат напаѓачите и да ја прекинат негативната кампања што ја водат заедно со провладините медиуми, а која е насочена против ЛГБТ лицата и активистите за човекови права, и која поттикнува на насилство, говор на омраза и дискриминација.
Исто така, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Коалицијата “Сексуални и здравстени права на маргинализираните заедници” бараат од Владата да направи измени на Кривичниот законик во делот на: санкционирање на дела мотивирани од омраза, вклучително и од омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет и санкционирање на говор на омраза, вклучително и говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.