Хомофобичната кампања резултира со брутално насилство

Хомофобичната кампања резултира со брутално насилство

318960_10151094125241176_1165411715_nАвтор:Лени Фрчкоска

Извор: http://www.libertas.mk

 

Марш за толеранција, годинава посветен на ЛГБТИ популацијата, се одржа во Скопје. Поворката од околу стотина граѓани и активисти за човекови права се движеше од Музејот на град Скопје до плоштадот Македонија.

 

Оваа година маршот е посветен на ЛГБТИ популацијата како резултат на хомофобичната кампања која трае веќе подолго време и е уште повеќе потенцирана во последниов месец. Присутните ја изнесоа својата поддршка на правата на жените кои исто така беа погодени од говорот на омраза кој што произлезе од оваа кампања. Кампањата артикулираше исклучување на сите различности, а во нејзиниот фокус се најдоа и жените чии приоритети отскокнуваат од традиционално воспоставената улога на жената. На удар се најдоа сите самохрани родители, мажите кои своите деца не ги воспитуваат со сопруга и на удар се сите оние семејства кои не се вклопуваат во дефиницијата на семејство како алатка за производство на “здрава нација”.

 

Непосредно пред почетокот на протестот, двајца активисти Кочо Андоновски и Марко Ковачавески беа физички нападнати од непознати сторители. Сторителите се противеле на организирање на ваква манифестиција и во моментот кога Андоновски и Ковачевски носеле промотивен материјал за маршот, ги нападнале. Ковачевски се здобил со контузии, а Андоновски поминал со полесни телесни повреди.

 

– Додека ги местевме штандовите за невладните организации да ги изнесат своите промотивни материјали, се појави насилник кој ни рече „Имате четири секунди да се изгубите од тука“. Мене ме удри со боксво лице. Марко притрча. Тој го нападна и него многу повеќе од мене – изјави Андоновски.

 

Тој потенцираше дека нападот е директна последица на говорот на омраза кој се шири во последно време.

 

– Ова лежи на совеста и одговорноста на министерот  за „здрава нација“ кој ја инспирира нацијата да реагира вака „здраво“. Одговорност треба да поднесат институциите и граѓаните кои пропагираат насилство и омраза – изјави Андоновски.

 

Она што изненадува е реакцијата на полицијата. Во мигот кога Ковачевски и Андоновски крвареле полицијци која го обезбедувале протестот на АМАН не изреагирала, туку едноставно рекле „Ние сме тука со АМАН“.

 

На маршот присутна беше и амбасадорката на Република Холандија Марија Хенриете Шурман која изјави дека маршот е добра можностда се потсетиме дека сите луѓе се раѓаат еднакви по достоинство и право.

 

– Жалосно е што утрово се случија инциденти. Тоа се случува кога ги етикетираме луѓшт негативно и други тоа го корисат како оправдание да се однесуваат насилно – изјави Шурман.

 

Славчо Димитров од Коалицијата за заштита на правата на маргинализираните заедници изјави дека собраните граѓани и големиот број на организации се обединети да ја пренесат идејата дека еднаквоста и уживањето на човековите права е еднакво за сите.

 

– Се соочивме со инцидент пред почетокот на маршот. Тоа јасно укажува кои се крајните ефекти од долгогодишната и во последниов месец поинтензивна хомофобична кампања која се спроведува од конзервативните, партијахалните, мизогините, шовинистичките и маскулинистичките сили во оваа земја. Нападнат беше наш активист и уште еден поддржувач на маршот. Тоа само покажува кој е крајниот начин на ефектуирање на хомофобијата и омразата која ја разгоруваат тие кои се на власт. Секој кој ќе премолчи насилство е подеднакво соучесник и во истиот миг кога молчи удира живо човечко тело – изјави Димитров.

 

Според него економската слабост и социјалната неправда која владее во Македонија се прикрива, а се трансформира во омраза кон различните групи на луѓе.

 

Димитров беше провоциран и од камерманите и новинарите на извесни провладини медиуми кои, очигледно по стапките на своите уредници, му упатија агресивни коментари и спинувани прашања од типот „Значи, сме шовинисте затоа што имаме семејства“ и сл. Новинарот од Сител пак, како паднат од Марс, немаше поим кои права на хомосексуалците им се ускратени во Македонија.

 

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска  изјави дека целта на маршот е спротивставување на тенденцијата Македонија да биде претставена како општество во кое владее хомофобија, трансфобија и женофобија.

 

– Сметаме  дека ова што се случува денес не може да и користи на Македонија. Сведоци сме дека луѓе поради својата различност се жртви  и тоа не само во секојдневието туку и од институциите на системот. Сметаме дека оваа година неопходно е покрај хомофобијата и трансфобијата да проговориме и за онаа тенденција која моментално се чувствува кога станува збор за половата еднаквост. Улогата која денес сакаат да и ја наметнат на жената со што директно вршат дискриминација  – изјави Пировска.