16 Nov Дајте барем за момент да истолерираме вистински!
Преземено од http://izlez.mk/?p=3659
Хелсиншкиот комитет за човекови права оваа година го организира четвртиот Марш на толеранцијата, кој ќе се случи на 17 ноември. Маршот започнува пред Музејот на град Скопје во 13 часот, а ќе заврши на плоштадот Македонија во центарот на Скопје.
Сведоци сме периодов на едни парадоксални ставови што кружат низ македонските политички врвови, кои медиумски пренесени сторија хаос во социјалната хармонија, во нашиот братски дом наречен Македонија – и тоа боли. Многу несогласувања, најразлични мислења, фрустрации и социјални тензии. Македонијо, се прашувам: зошто? Зошто ние, обичните луѓе, сме принудени да бидеме политички шутови што ќе ја забавуваат елитата со корнење коси? Зарем не е време граѓански да се вразумиме по сите неправди со години нанесувани на ова општество, на сите нас? Зарем не е време да подадеме рака и да изјавиме почитување без лицемерство?
Зашто – знам дека умееме да почитуваме многу повеќе отколку што покажуваме дека можеме. Знам дека сме народ со коренита емпатија и со длабоко чувство на припадност кон една целина и тоа веќе го докажавме. Дајте за момент да заборавиме на себе и да помислиме на сите нас заедно, да се оградиме од злото што ни се заканува! Дајте да измаршираме во сабота, да се расфрламе со прегратки, да се избориме за право на мир, на толеранција и на слободно љубење на секоја единка што постои!
Хелсиншкиот комитет за човекови права, по повод 16 ноември, Денот на толеранцијата (резолуција 51/95 на ООН), ја нуди можноста за сите граѓани, институции и организации јавно да го изразат својот став против каква било форма на дискриминација и со тоа да придонесат во градење на општество што почитува човекови права и слободи, општество отворено за различности, општество без институционализирана и социјална дискриминација врз основа на етничка, религиозна, родова и социјална припадност, како и врз основа на сексуална ориентација.
За жал, целна група на отворена дикриминација во изминатиот период се припадниците на ЛГБТ-популацијата, како и жената и нејзината морална „улога“ инфилтрирана во ова, за жал, традиционално, патријархално општеството, кое е далеку од поимањето за едно современото општество денес. Не се забораваат ни меѓуетничките конфронтирања и несогласувања. Дајте да изградиме поудобно општество за живеење за сите нас заедно!