Протестираме против дискриминаторската пропагандна кампања насочена кон ЛГБТ лицата!

Протестираме против дискриминаторската пропагандна кампања насочена кон ЛГБТ лицата!

Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ – Скопје бара од Владата, од провладините медиуми, и од некои здруженија на граѓани веднаш да ја прекинат дискриминаторската пропагандна кампања насочена кон ЛГБТ лицата, која се обидува да се маскира како „дебата за хомосексуалните бракови и за посвојувањето деца“.

 

Ја известуваме јавноста дека Коалицијата нема поднесено собраниска иницијатива за легализирање на истополови бракови и посвојување на деца, туку има иницирано Предлог декларација за осуда на говорот на омраза, преку пратеникот на Либералната партија. Коалицијата се согласува со оценката на пратеникот Ивон Величковски дека министерот за труд и социјала Спиро Ристовски ја отвора темата за хомосексуални бракови и за посвојување деца од хомосексуални парови заради лична и партиска кампања, иако никој досега не предложил таков закон.

 

Најостро ја осудуваме бесрамната дезинформација објавена во „Вечер“ и ТВ „Сител“ за наводната изјава на Коалицијата дека “бракот помеѓу мажот и жената е најпримитивна форма на семејство”. Коалицијата изразува жалење што нејзиното предупредување беше погрешно сфатено: „Она што посебно загрижува во оваа изјава на Министерот е дека истата потсетува на застапување за некои од примитивните форми на семејство…“. Коалицијата им се извинува на сите граѓани кои погрешно го протолкуваа изразот „примитивни форми на семејство“, кој е синоним за „елементарни форми на семејство“.

 

Коалицијата го потсетува Министерот за труд и социјала дека во извештајот на ЕУ јасно стои дека „Заедницата на лезбејките, гејовите, бисексуалците и трансродовите лица (ЛГБТ) продолжува да страда од дискриминација и стигматизација“. Од Министерот за труд и социјала очекуваме да ни се придружи во борбата против дискриминацијата и стигматизацијата и јавно да ја поддржи Заедницата на лезбејките, гејовите, бисексуалците и трансродовите лица (ЛГБТ) која е повторно изложена на дополнителни страдања како резултат на континуираната негативна и стигматизирачка кампања.

 

Исто така, Коалицијата ја известува јавноста дека ќе ги искористи сите правни средства за заштита од говор на омраза и дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. За сите правни постапки ќе бидете дополнително известени.