14 Oct Кратка историја на хомосексуалноста
Преземено од Окно.мк http://okno.mk/node/22683
Проучувањето на човечката сексуалност датира од поново време и се врши од страна на повеќе дисциплини: биологија, физиологија, психологија, медицина, социологија, етологија, култура, филозофија, психоанализа и историја. Иако дискусијата за сексуалноста во поширока смисла излегува од рамките на овој текст, тука сепак би ги споменала четирите психосексуални фактори: сексуален идентитет, полов идентитет, сексуална ориентација и сексуално однесување. Тие се заемно поврзани и релевантни за разбирање на сексуалноста.
Хетеросексуалноста, бисексуалноста и хомосексуалноста се нормални варијации на сексуалната ориентација. Други термини, како што се андрофилија, гинофилија, аналофилија, интер-секс, транс-секс итн, опишуваат различни односи меѓу горенаведените психосексуални фактори.
Несомнено е дека хомосексуалноста секогаш била дел од човековото постоење, иако нејзиното прифаќање или осудување зависело од епохата и културниот контекст во кој се случувала.
Некои од најраните докази за постоење на хомосексуалноста се наоѓаат во карпестата уметност. Така, на островот Сицилија постојат цртежи од средно камено време кои прикажуваат фигури со еректирани фалуси во хомосексуален акт.
Во грчката, римската и вавилонската цивилизација, во аристократските и воените кругови, хомосексуалноста била санкционирана со социјални кодови. Платон и Вергилиј опишуваат различни видови сексуалност, додека Сафо од островот Лезбос ја искажува својата љубов кон жени преку поезија. Помалку познати се египетските кралски слуги Нимотеп и Нинум од 2500 година п.н.е. Иако женети, тие биле закопани како брачна двојка, а фреската на нивниот гроб ги прикажува во нежна прегратка, речиси бакнувајќи се, идентично како на фрески на други брачни гробови на хетеросексуален пар. На етрурските гробници, како и на слики од Помпеја, се зачувувани примери на хомоеротска уметност. Нехетеросексуалноста е позната и во предколонијална Латинска Америка, Кина и Јужна Азија.
Со зголеменото влијание на христијанството, бракот меѓу маж и жена се промовира како единствен нормален сојуз, додека сите други форми на здружување се сместуваат вон законот. Од 390 година хомосексуалноста се казнува со кастрација, камшикување, исклучување од заедницата и горење на клада. Подоцна хомосексуалците се обвинувале за предизвикување глад, земјотреси и налети на инсекти.
Во средниот век нивното систематско прогонство продолжува преку црковни и граѓански акти, и почнувајќи од 13. век се казнуваат со смрт во најголем број европски земји. Се смета дека во текот на Инквизицијата околу 1600 луѓе се прогонувани под обвинение за хомосексуалност.
Во 1791 година, после Револуцијата, Франција станува прва западна земја во која хомосексуалноста се декриминализира. Истиот процес започнува во голем број други европски земји, иако во Руската империја и од неа окупираната Полска, хомосексуалноста се криминализира и казнува со прогонство во Сибир од 1835 година.
Современата дебата за хомосексуалноста може да се трасира до средината на 19. век, кога во 1867 година Карл Хајнрих Улрих, самиот хомосексуалец, за прв пат јавно проговорува за правата на хомосексуалците. Во 1869 година терминот „хомосексуалност” се појавува во унгарско-германски памфлет напишан од Карл Марија Кертбени.
Така, хомосексуалноста постепено излегува од рамките на противзаконските акти, но влегува во рамките на менталното заболување. Европските сексолози и некои проминентни психијатри започнуваат да ја проучуваат хомосексуалноста од медицинска гледна точка.
Во 1886 се издава студијата Psychopathia sexualis на австро-германскиот психијатар Рихард фон Крафт-Ебинг, која се занимава со проблемите на сексуалноста. Според авторот, хомосексуалноста е перверзиja, бидејќи отсуствува прокреацијата, како главна цел на сексуалната желба. Хомосексуалното либидо и мастурбацијата се морални пороци. Иако денес речиси заборавена, во тоа време оваа студија била водечки медицинско-правен текст за сексуалната патологија.
Во истото време германскиот психијатар Магнус Хиршфилд отворено ја декларира својата хомосексуалност и постулира дека иако хомосексуалноста има биолошка основа, таа е нормална варијација на сексуалноста. Со слични погледи е и англискиот научник Хавелок Елис со неговите револуционерни погледи во полето на сексуалноста. Следуваат анатомски и ендокрини теории за атрофија на тестиси и неуспешни експерименти за замена со тестиси на хетеросексуалци. Некои од овие биолошки теории биле основа за евгенетичките програми на нацистичка Германија и за понатамошните неуспешни обиди да се излекува хомосексуалноста со операции на хипоталамусот. Интересно е дека голем дел од истражувањата биле фокусирани на машката хомосексуалност, додека женската била запоставена.
Од психоаналитичка гледна точка, Фројд сметал дека хомосексуалноста е резултат на застој во развојот што со тек на време и со вложени напори може да се отстрани, но кон крајот на животот ја губи вербата во можноста за промена на сексуалната ориентација. Тој исто така смета дека постои нормална конституционална бисексуалност, во рамки на којашто секој носи маскулини (активни) и феминини (пасивни) тенденции. Подоцна некои аналитичари ја формираат теоријата за патогено семејство, но ова не се потврдува со истражувањата правени врз хомосексуални мажи што не биле подложени на клинички третман.
Така, со ретки исклучоци, психијатриските теории од првата половина на 20. век ја третираат хомосексуалноста како форма на психопатологија или развоен застој. Овие рани теориски претпоставки се базирани врз дихотомни (бинарни) модели: машко/женско, маж/жена, хетеро/хомо, што ја редуцираат широката палета на сексуалноста на два дела. Иако преместувањето на хомосексуалноста од сферата на криминалното, аморалното и верски неприфатливото, во сферата на патолошкото, допринело за нејзино понатамошно стигматизирање, тоа сепак создало услови за транзиција кон нормализирање на сексуалноста кон средината на 20. век. Ова промена произлегува од интересот на научните дисциплини надвор од медицината и психијатријата, кои го продлабочуваат знаењето за сексуалноста, покренуваат политички активизам и лобирање и водат кон нормализирање на хомосексуалноста.
Интересно е тоа што хетеросексуалноста автоматски ја прифаќаме и за неа не бараме објаснување, додека пак имаме изобилство на теории за „причините“ за појава на хомосексуалноста. Мишел Фуко тврди дека идентификацијата на тип или категорија луѓе врз основа на нивниот сексуален идентитет е релативно нов културен феномен којшто се совпаѓа со медикализирањето на хомосексуалноста во текот на 19. век. Историчарот Џон Босвел смета дека хомосексуалноста како еден од начините на идентификација постоела во минатото во различни култури, иако не во иста форма како денес. Според него, нетолерантноста на христијанството кон хомосексуалноста не била секогаш присутна, туку станала преовладувачки став на црквата во вториoт милениум од нашата ера. Веројатно обајцата се во право за тоа дека поимањето на сексуалната ориентација отсекогаш постоело, но се менувало со текот на времето и таа била прифаќана од едни, а прогонувана и осудувана од други култури и религии.
Голем придонес за нормализирањето на хомосексуалноста имаат истражувањата на сексолозите, кои, за разлика од оние на психијатрите и психоаналитичарите, биле изведувани врз поединци што не биле пациенти. Резултатите на двете големи студии на Алфред Кинси и неговите колеги, кои и покрај методолошките проблеми покажале дека хомосексуалните чувства и практики се широко распространети, го смениле впечатокот дека хомосексуалноста е изолиран и патолошки феномен. Кинси ја концептуализира сексуалноста како појава во континуитет, со што го проширува бинарниот модел.
Понатамошните истражувања на Клиланд Форд и Френк Бич покажуваат дека хомосексуалноста е распространета во различни култури, како и меѓу приматите. Во 1957 година психологот Евелин Хукер објавува исклучителни резултати од истражување со проекциски тестови на хомо и хетеросексуални мажи што не биле пациенти. Искусни истражувачи без однапред дадени информации за сексуалноста на испитаниците не можеле да направат разлика меѓу групите. Под влијание на овие резултати се прави повторна евалуација на претпоставката дека хомосексуалноста е патолошка или поврзана со ментално нарушување. Сè поголем број психијатри и психоаналитичари ги земаат предвид овие наоди, што конечно води кон серија состаноци меѓу геј заедницата и Американската психијатриска асоцијација и до отстранување на хомосексуалноста од „Дијагностичкиот и статистички прирачник на болести“ во 1973 година. Светската здравствена организација ја отстранува од својата класификација на болести во 1992 година.
Во Македонија хомосексуалноста се декриминализира во 1996 година.
Во однос на зачестеноста на хомосексуалноста во општата популација, резултатите на истражувањата варираат зависно од методологијата, од аспектите што се истражуваат, начинот на кој се собираат податоците, субјективниот фактор на стигмата, отвореноста за сопствената сексуалност итн.
Некои посовремени американски студии покажуваат дека од 1 до 3% од популацијата се хомосексуалци, иако оваа бројка се искачува до околу 10% во урбани средини, што веројатно се должи на миграција кон овие средини заради поголемата прифатеност и толеранција кон сексуалната различност. Во една студија од 2006 година, 20% од анонимните учесници искажале хомосексуални чувства или однесување, иако само 2-3% се идентификувале како хомосексуалци.
Од појавата на концептот за сексуалноста во западниот медицински дискурс, постои дебата за тоа дали таа е одредена од биолошки или психолошки фактори, а во последно време се смета дека е резултат на интеракција меѓу нив, но не се формира како резултат на избор на поединецот.
Според биолошките модели, конституционалните детерминанти, како што се гените и хормоните, директно делуваат на нервните клетки во мозокот и ја организираат сексуалната ориентација. Мноштвото ендокрини студии не успеале да покажат поврзаност меѓу нивоата на хормоните и сексуалната ориентација. Уште повеќе, андрогените, познати и како „машки хормони“, што се присутни кај двата пола и ја зголемуваат сексуалната желба, немаат никаков ефект врз сексуалната ориентација. Најважно, сексуалната ориентација не се менува кај возрасни луѓе кај кои хормонските нивоа се менуваат заради гонадални тумори, трауми и хируршко отстранување на гонадите. Возрасни хомосексуалци (мажи или жени) имаат хормонски профили идентични на хетеросексуалците.
Пренаталните студии за изложеноста на различна хормонска средина тешко се спроведуваат од етички причини. Антропометричките студии се покажале методолошки неиздржани и не успеале да покажат врска меѓу телесната висина, тежина, дистрибуција на влакна и сл. со сексуалната ориентација. Исто така нема докази дека специфични сегменти од хромозомите се поврзани со сексуалната ориентација.
Емпириските перспективни психосоцијални студии правени на испитаници од општа популација во западните општества се сè уште реткост. Студиите на сексолозите не успеале да издвојат единствена група од лични карактеристики или траекторија на развој која е заедничка за хомосексуалната или хетеросексуалната ориентација и однесување.
Промената на перцепцијата врз хомосексуалноста од патолошка кон нормална била проследена со драматично зголемување на социјалното прифаќање на хомосексуалноста во западните општества. Ова е однос кој и понатаму се развива, но е сè уште асиметричен.
Асиметричноста врши функција на воспоставување диференцијал на сила, моќ и вредност и може да биде изразена преку хомофобија, хетеросексизам и морална осуда.
Хомофобијата е сè уште нормативна и распространета во некои средини, а се користат различни термини (антигеј, антихомосексуални, антилезбејски, итн.), за изразување чувства кон поединци со нехетеросексуална ориентација. Овие ставови можат да ги поддржуваат и хетеросексуалци и хомосексуалци коишто делумно или воопшто не се свесни и не ја прифаќаат сопствената сексуална ориентација (тн. интернализирана хомофобија). Хомосексуалците кои ја интернализираат хомофобијата се изложени на ризик од понатамошна супресија на сопствената сексуалност, нејзина нарушена интеграција во целокупниот идентитет, чувство на безвредност, ограниченост, развој на депресивни и анксиозни нарушувања. Некои од нив никогаш не се решаваат да ја прифатат и обелоденат својата хомосексуалност заради страв од отфрлање и осуда од најблиските, па дури и стапуваат во хетеросексуални бракови, иако не чувствуваат никаква сексуална привлечност кон својот партнер.
Хетеросексизмот, како систем на верување, ја идеализира хетеросексуалноста како единствено нормално и природно однесување, а ги отфрла или игнорира алтернативните форми на сексуалност. Ваквите погледи го засилуваат одржувањето на „обврзувачката хетеросексуалност” во општеството. Некои манифестации на хетеросексизмот се во вид на вреднување на хетеросексуално основање семејство, независно од индивидуалните квалитети на родителот, и верувањата дека хомосексуалците се неспособни да бидат родители или да вршат одредени професии. Хетеросексизмот не мора да е мотивиран од хомофобија, но често се доживува како таков.
Постојат и поекстремни ставови, кои хомосексуалноста ја поистоветуваат со неморално однесување и ја сметаат за штетна за поединецот и општеството. Некои верски заедници го прифаќаат поединецот, но не и неговата сексуалност, со надеж дека ако го прифатат „грешникот“ тој ќе ја согледа својата неморална заблуда и ќе се врати на „правиот“ пат.
Антихомосексуалните ставови во споменатите форми – хомофобија, хетеросексизам и морално осудување, ги засегаат хомосексуалците секојдневно, може да го попречат процесот на интеграција на нивниот идентитет, секојдневното функционирање на работа или во заедницата, па дури да доведат и до физичко насилство. Освен тоа, достапноста до навремена здравствена и правна заштита на овие поединци може да биде отежната поради перцепцијата на осуда и неприфаќање од страна на здравствените работници или надлежните институции. Студиите покажуваат зголемена стапка на депресија, анксиозност, повеќе обиди за самоубиство кај хомосексуалците во однос на хетеросексуалците, што барем делумно е резултат на стигма, отфрлање, дискриминација, вербално и физичко насилство, изолација, потреба да се крие сопствената сексуална ориентација, како и отежнатиот пристап до потребната помош.
Таканаречените терапии за промена на сексуалната ориентација се популаризираат од страна на верски или антигеј групи, а не од научни здруженија. Нема научни докази дека овие интервенции се ефикасни иако може да се разбере потребата од нив кога хомосексуалноста е неприфатена во средината, па и меѓу поединеците коишто поради потребата да се прилагодат и да бидат прифатени ја отфрлаат сопствената хомосексуалност. По однос на ова прашање литературата е мошне ограничена и сугерира дека ваквите интервенции можат да бидат и штетни, да предизвикаат депресија, избегнување интимност и сексуална дисфункција. Освен тоа, промена на сексуалното однесување не значи и промена на сексуалната ориентација.
Голем дел хомосексуалци потекнуваат од семејства кои не ја афирмирале нивната хомосексуалност и имаат негативни модели на однесување кон таа популација. Најмногу што може да добијат е толеранција, но не и активна поддршка. Бидејќи ова може да доведе до нарушување на самодовербата и самоприфаќањето, некои луѓе ја кријат својата хомосексуалност од своето семејство, иако се отворени кон своите пријатели. Како алтернатива, тие формираат семејства по избор, кои се состојат од мрежа на пријатели и познаници кои им даваат поддршка и се однесуваат со почит.
Друг социјален феномен кој е сè позастапен се истополовите двојки. Законите во сè поголем број земји во светот го регулираат статусот на членовите на овие двојки (регистрирани партнерства, брак) со цел тие и нивните деца да имаат права еднакви на оние на хетеросексуалците. Скорешните пописи на населението во западните земји покажуваат дека голем дел од хомосексуалната популација е вклучена во стабилна врска.
Во однос на грижата за деца, голем број лезбејки и геј мажи стануваат родители преку нивните претходни хетеросексуални врски, посвојувањето или репродуктивни технологии. Многубројни студии што започнале во седумдесеттите години на 20. век и продолжиле во следните децении ги опишуваат карактеристиките на хомосексуалците како родители. Опширните наоди од овие студии покажуваат дека растењето со хомосексуален родител не предизвикува психолошко оштетување кај децата. Исто така, хомосексуалноста на родителот не ја условува сексуалната ориентација на нивните деца. Студиите покажуваат и дека најголем дел од хомосексуалците потекнуваат од хетеросексуални семејства, додека најголем дел од нивните деца се хетеросексуалци.
Децата на хомосексуалните двојки/родители може да бидат изложени на истата стигматизација и предрасуди како и нивните родители и да не ги уживаат истите права како и нивните врсници со хетеросексуални родители. Проблемите од ваквата ситуација се особено изразени во средини каде што односите меѓу истополовите двојки не се законски регулирани и врз таа основа родителите немаат право на стрателство врз своите деца, а децата пак, поради тоа, немаат право на наследство, здравствено осигурување и слично.
Според досега изнесеното, можеме да заклучиме дека сексуалноста е комплексна и многуслојна, постои во многу облици, додека хомосексуалноста е нејзина нормална варијација, што не настанува по избор, исто како и хетеросексуалноста. Сексуалната ориентација не ја одредува способноста да се одржува врска, да се остварува грижа за деца или да се извршува професионална функција. Таа, исто така, не е предизвикана од и не предизвикува ментално заболување. Но дискриминацијата врз таа основа, отфрлањето од средината и обидите за нејзино менување може да доведат до психолошки проблеми кај овие луѓе. И ако некогаш психијатријата и медицинатa се фокусирале на прашањето „Што ја предизвикува хомосекуалноста?“ и „Што може да се направи за таа да се промени?“, денес професионалниот фокус е врз подобрувањето на психолошката состојба на луѓето со ЛГБТ ориентација што се соочуваат со споменатите облици на дискриминација.
Авторката, Даниела Гаврилова, е специјалист психијатар и живее во Мелбурн, Австралија.