Самохрани родител(к)и: Женската борба наспроти патријархалниот систем

Самохрани родител(к)и: Женската борба наспроти патријархалниот систем

Објавено на meduza.mk
Пишува: Ивана Јовановска

Ќерка сум на самохрана мајка-работничка. Го пишувам овој текст поттикната од личното искуство на растење и соживот со нејзе, но и потребата за поврзување со работничките самохрани родител(к)и ширум земјата и пошироко. Со години ја набљудував неправдата, обележана од нејзините економски аспекти, која ѝ се случуваше на мајка ми, но и на другите родителки со кои заеднички создавaa мал систем на меѓусебна поддршка во системот.  Сведочев за третманот на системските политики кои континуирано го отежнуваа животот на жените како нив и ним блиските.

Трудот на работа и трудот дома беа она од што беше обземено секојдневието на жените во моето детство, однапред дефинирано од нивните редовни улоги на работнички и родителки. Неспорно, ова сменовно темпо на работа и само работа ги докрајчуваше нивните капацитети за задоволување на какви било други лични потреби или, пак, за ангажман во колективот. На крајот од денот остануваше големата празнина и немоќта да се почувстува и живее животот надвор од рамките на работното време и едвај стекнатиот одмор. Растејќи, тоа ми создаваше чувство на бескрајна немоќ да помогнам во борбата на мајка ми, која капитализмот ја проголтуваше одново секој ден, како и секоја друга работничка која се справува со истите предизвици.

Пишувајќи од дистанца не чувствувам олеснување. Единствената разлика меѓу некогаш и сега е мојата работоспособност која ја ослободува мајка ми од обврската постојано да ме обезбедува и да се грижи за мене. Но, таа е сѐ уште родителка и сѐ уште носи огромен товар во контекстот на одржување на семејното домаќинство, што повторно не ѝ остава простор за размисла на некое друго поинаку за себе. Гледајќи наназад, кога се сеќавам на нештата низ кои поминувала, се обудувам да вопоставувам лични правила за трошење и штедење кои ќе направат да имам барем привремена стабилност. Меѓутоа, проблемот е далеку поголем од мене. Проблемот е системски и идеолошки обоен од доцната ера на капитализмот кој го живееме. Неговата природа да го дехуманизира секој аспект на човековото постоење нема да престане со мојата одлука повеќе да штедам. Мојата економска привилегија сега, не го исклучува она со што ќе се соочи секое следно дете кое расте со самохрана мајка работничка, ниту пак нивната иднина. И, додека го пишувам ова, го чувствувам она големо незадоволство кое одамна тлее во мене. Постојат прашања за кои ни се потребни колективни решенија, постојат теми за кои општиот интерес повикува радикално да го трансформираме системот, наместо само да пишуваме и да го коментираме нашето опкружување отстрана. Тогаш, можеби, болката за она низ кое поминуваат маргинализираните заедници ќе се трансформира во моќ и надеж кои се основа на аргументи. Имаме теоретска основа врз која може да градиме подобар и похуман систем, која во пракса мора конечно да ја отсонуваме.

Едно важно домашно истражувања на темава е „Секојдневниот и емоционалниот живот на неправдата“, во авторство на Ана Блажева и Славчо Димитров, каде се истражува релацијата меѓу маргинализираноста и експлоатацијата на жените работнички во пресек на нивната економска и здравствена состојба, и системската (не)грижа за нивните животи.

,,Експлоатацијата и маргинализацијата на репродуктивниот труд станува уште поисцрпувачка за женското работно тело доколку земеме предвид дека овој труд вклучува дополнителна афективна неправда, видлива во вишокот емоционален труд којшто овие жени го инвестираат за да можат да ја одржат кревката поделеност меѓу домот и работата, односно справувањето со вишокот акумулиран стрес, незадоволство и истоштеност од работата, и понижувачките и деградирачки односи со надредените и работните услови, а сè со цел да можат да ја прикријат и задржат нивната истоштеност, и да го спречат прелевањето на негативните емоции, вознемиреноста, уморот и стресот во домашниот односно приватниот простор.” (Димитров и Блажева, 2022)

Блажева и Димитров, меѓу другите теми на интерес и истражување, упатуваат на емоционалниот труд како дополнителен и комплексен аспект кој има свој удел во пројавувањето на секојдневната неправда за жените работнички, што е особено важно да се потенцира, а е во контекст и на искуството со кое голем број од нас децата на самохраните родители имаме пораснато.

Во истражувањето ,,Платена и неплатена работа, родово-базирана дискриминација и работнички права во ковид 19” пак стои дека: ,,Податоците покажуваат дека состојбата со обемот на неплатена работа кој го извршуваат жените во домот уште пред пандемската криза беше алармантен. Имено, жените пред кризата извршуваа 72% од неплатената работа во домот поврзана со грижа за семејството и домаќинството.” (Реактор, 2020).

Прашањето за балансирањето на приватниот и професионалниот живот во оваа смисла е првично прашањето за езгистенцијата. Самохраните родителки работнички не само што се изложени на стресот од експлоатирањето на работното место, туку и од притисокот дека оттаму произлегуваат и финансиите за преживување. Жената е приморана доминантно да се фокусира на преживувањето без вистинска можност и системска поддршка за поголемо балансирање во нејзиниот живот. Од друга страна,  за што сведочи и извадок од студијата ,,Достапност на градинки и родова еднаквост”– постои и обратниот проблем, исклучување од пазарот на трудот поради домаќинството, кој како голем родов јаз се јавува меѓу мажите и жените во Северна Македонија.

,,Во просечната општина 26,3% од жените на работоспособна возраст се исклучени од пазарот на платен труд како домаќинки, додека просекот за мажи во истата категорија на економски неактивни заради грижа или домаќини, е помала од еден процент. Очигледно ова е еден од најголемите родови јазови.” (Лешоска и Митревска, 2024)

Надоврзувајќи се на ова, во домот покрај работниот ангажман,  поради недоволна институционална грижа и поддршка во насока на раниот развој и одгледувањето на децата, дополнително се актуализира и прашањето за неплатениот женски труд. Родовиот јаз директно ја пресекува можноста за еднаква инволвираност во економскиот живот преку нееднаква понуда на можности на пазарот на трудот за мажите и жените, нивната економска експлоатација со пониски плати од просечниот стандард за дадените позиции, дискриминација пред планирање на семејство во контекст на започнување работен однос и така натаму. Доколку оваа пречка се надмине, што навистина е тешко, следниот предизвик за соочување е системите за грижа за раниот развој за децата, финансискиот аспект околу можноста самохраната родителка да си ги дозволи, како и прашањето за финансискиот придонес од другиот родител што директно влијаат и на неплатениот труд кој родителката го извршува во домот. Овде може да се надоврзе и грижата која самохраната родителка ја остварува кон други членови во пошироката заедница во која живее, односно и целокупната организација на домаќинството и товарот кој паѓа на неа.

Драматичната родова поделба на улогите во општеството, слабата системска поддршка за самохраните родители, капиталистичката доминација врз слободното време, егзистенцијата и женското ментално здравје се само дел од причините животот и борбата на самохраните мајки да е толку предизвикувачки и тежок. Без разлика дали е мајката вклучена или исклучена од работен однос, двосмерно се забележуваат тешкотиите жената да продолжи да остварува и други функции во нејзиниот живот освен мајчинството, во костец со борбата за егзистенција и остварување на основните услови за живот. Во оваа смисла, и тоа што и самата можев да го сведочам низ годините, во последните дваесетина години нема никакви суштински промени кои политичките носители на влас ги обезбедуваат за да ги заштитат самохраните родителки и тоа е клучниот проблем поради кој голем број на жени се наоѓаат во непроценливо тешки ситуации одгледувајќи ги нивните деца.

Жените се уморни од односот на системот кој не само што не ја обезбедува основната заштита и правда за нив, туку напротив, дополнително ги стигматизира и дискриминира како самохрани родителки. Темелното преиспитување на проблемите кои ги засегаат самохраните мајки работнички треба да тргне од преиспитувањето на родовите улоги и домашниот труд како концепт кој наметнато се припишува на еден род, но и од генерално преиспитување на инклузијата на жената во општеството и нејзиното учество во сите јавни сфери.

На маргинализираните жени им е потребна огромна дополнителна поддршка, стратегија за социјална грижа која ќе значи истовремено и рестарт на досегашните социјални политики за нив, но и можност за подобар почеток и подобар живот. Тие, никако не смеат да фигурираат само на хартија, туку нужно, во пракса мора да бидат промените кои им се потребни. А прашањето како да се постигне ова, за мене нужно е поврзано и со системско рестартирање на политиките и политичкото делување во сите сфери на општественото живеење, бидејќи без политички активизам кој делува во насока на подобар и похуман свет, заедници на солидарност и грижа, ние континуирано ќе се вртиме во кругот на минимални акции, а не суштинска разлика. Самохраните мајки работнички, заедно со многуте маргинализирани заедници во земјава заслужуваат да имаат еднакви можности. Тие заслужуваат правда.

Литература

Блажева, А. и Димитров, С. (2022) Секојдневниот и емоционалниот живот на неправдата: Дискриминација, здравје и релации. Скопје: Коалиција Маргини, Мрежа за заштита од дискриминација.

Платена и неплатена работа, родово-базирана дискриминација и работнички права во време на Ковид-19. (2020) Скопје: Реактор – Истражување во акција.

Лешоска, В. и Бојчевска Митревска, А. Достпност на градинки и родова еднаквост на пазарот на труд: Анализа на поврзаноста по општини. (2024) Скопје: Реактор – Истражување во акција.