ПОВИК за учество на работилница за ментално здравје на трансродови лица

ПОВИК за учество на работилница за ментално здравје на трансродови лица

 

Коалицијата МАРГИНИ Скопје и ТрансФормА објавуваат повик за психолози, психијатри, советувачи или психотерапевти за учество на еднодневна работилница за стручна работа со трансродови и родово различни лица. Целта на работилницата е да го зголеми знаењето и сензитивноста на психолозите, советувачите, психотерапевтите и психијатрите при работа со и во нудењето на професионални услуги за трансродови и родови различни лица.

Еднодневната работилница ќе понуди информации поврзани со класификациите на МКБ и ДСМ, ќе даде преглед на меѓународните професионални стандарди за грижа за трансродовите и родово различните лица, и ќе ја претстави улогата на професионалците за ментално здравје кои работат со трансродови и родово различни лица. Дополнително, во рамки на работилницата учесниците ќе се запознаат со критериумите и процедурите за проценка и упатување за третмани за потврдување на родот, ќе ги дискутираат прашањата поврзани со културна и професионална компетентност, и ќе се стекнат со насоки за добри и инклузивни практики.

Работилницата ќе се одржи на 16.03.2024, во Скопје, а ќе ја води Др. Теа Дакиќ, од Подгорица, Црна Гора.

Стручни соработници во подготовката на работилницата се Ана Блажева и Радмила Живановиќ, лиценцирани психолози во приватна пракса.

Учеството на работилницата е бесплатно, а учесниците на истата ќе добијат Сертификат за учество на стручна обука.

Работилницата предвидува учество на максимум 15 лица.

*Напоменуваме дека доколку има значително голем интерес за учество на работилницата, Коалицијата МАРГИНИ ја најавува можноста за евентуално организирање на уште една работилница, со што би им се овозможило учество на сите заинтересирани.

Заинтересираните учесници треба да се пријават со испраќање на е-маил на koalicijaszpmz@gmail.com, во кој ќе достават своја кратка или детална биографија, и писмо на интерес најдоцна до 25.02.2024.

*Ги охрабруваме кандидатите во писмото на интерес да ги наведат специфичните прашања, проблеми и аспекти поврзани со темата на работилницата кои се од нивен интерес, а кои би биле земени предвид во финалното дефинирање на содржината на работилницата.

После одржувањето на работилницата организаторите во соработка со Др. Теа Дакиќ ќе организираат и супервизорски групни средби во однос на работата со трансродови лица, за оние учесници кои ќе имаат дополнителна потреба од истите.

За сите заинтересирани кандидати надвор од Скопје, Коалицијата МАРГИНИ и ТрансФормА ќе овозможат покривање на патните трошоци од местото на живеење до Скопје и назад, како и можност за макс. 5 лица за сместување.

Теа Дакиќ е доктор, специјалист по психијатрија и магистер на науки по биоетика, со историја на повеќе од 10 години посветена работа во медицинската пракса и во областа на човековите права. Тесно соработувала со локални и регионални невладини организации. Има работено и како едукатор за други професионалци кои работат со ЛГБТИК лица и особено со трансродови лица. И преку нејзината клиничка работа и преку работата како активист, јавно и во професионалните кругови се залага за депатологизација на идентитетите на трансродовите лица и ги критикува регионалните професионални практики кои не се во согласност со највисоките етички и професионални стандарди за грижа за трансродовите лица. Таа е една од авторките на публикацијата „Медицински аспекти на потврдувањето на родот: Прирачник за медицински професионалци и здравствени работници за обезбедување услуги и поддршка на транс лица во процесот на транзиција“, потпишувајќи поглавје за „Транзицискиот процес за родово неконфорни и трансродови лица – Перспектива на психијатријата“, која беше прва од ваков вид во нашиот регион. Авторка е и на публикација за „Насоки за добри практики за професионалци кои обезбедуваат психосоцијална поддршка за трансродовите лица со искуство на насилство и вознемирување“. Има објавено многу трудови и наоди од истражувања од областа на психијатријата и биоетиката во професионални академски списанија, како и во владини и невладини публикации. Моментално работи како раководител на Одделот за делумна хоспитализација на Клиниката за психијатрија, Клинички центар на Црна Гора. Работи и како претседател на Комисијата за етички прашања и деонтологија при Лекарската комора на Црна Гора. Повеќе на: https://www.linkedin.com/in/tea-dakic-898a3714a/

*** Работилницата е во рамки на проекти на Коалиција Маргини и ТрансФормА, финансиски поддржани од Фондацијата Отворено општество – Македонија и ITF – International Trans Fund.